„Сега не е време за мирис на барут и звук на оружје. Ова е борба на мислата и знаењето. Затоа и повикувам на помирување, затоа и повикувам на простување. Секој од нас е дојден тука, за со својата исклучителност, со својот карактер, со своето лице да помогне кон остварувањето на нашите цели за ‘Заедничка Македонија’.“
Како што пренесоа медиуми, вака рекол со својот резонантен глас, оперскиот пејач и актуелен директор на Македонската опера и балет, Игор Дурловски, на 18-иот ден од протестите. Убаво кажано. Ја зачував оваа изјава, бидејќи заедно со многу други, и таа ќе биде документирано сведоштво кој за што се борел и се залагал во овие кризни времиња.
Луѓето што држат до својата чест и до својот збор, особено кога се обраќаат пред маса луѓе, ја носат одговорноста за кажаното: дали ја зборувале вистината или ги довеле присутните во заблуда. Ако се покаже дека под превезот на „заедништво“ ги туркале луѓето во најмрачни сценарија за раздор и поделби кои можат да завршат со жртви, тие ризикуваат не само морална туку и кривична одговорност.
Времето брзо покажува кој бил на вистинската, а кој на погрешната страна, но идеалот на луѓето е тој избор да го направат пред да биде доцна
Го потенцирам ова, и го земам Дурловски како пример, бидејќи тој јавно се изјаснил против звукот на оружјето. Па сега го прашувам: дали е сигурен дека истиот став го делат сите околу него кои се анагажирани и активирани околу мобилизација и организација на протестите?
Ако не знае, нека ја погледне фотографијата на неговиот „колега“ по директорување и протестирање, Кирил Николовски, прв човек на прилепската гимназија, кој спротивно од законот мобилизира ученици за протести, а на часовите по историја „им го гради националниот дух и свест“ по свој терк.
Токму тој директор е фотографиран со уште три лица во црни униформи, беретки и амблеми со натпис „патриоти“. Се прашал ли Дурловски, за какви потреби и цели се униформирале овие лица? Дали униформите некаде можат да се купат или се прават по нарачка? Кој ги шие, кој ги плаќа, за кого и за што се наменети? За на маскенбал во Прилеп, за на „Пивофест“, за каде?
Како противник на барутот и оружјето, а пред сѐ, како човек со добар слух, Дурловски мора да слушнал и дека негови „браќа по протест“ со невидлива леснотија соопштуваат дека ќе се обновувала единицата „Лавови“, во прецизен викенд-термин и со срамежлива најава дека ќе ја благословел владика! Дали сето ова не е доволно за прашања и дистанца? Врз основа на што тој ги уверува луѓето дека не е време за мирис на барут и звук на оружје, ако од редовите околу него од Скопје до Прилеп, стигнуваат сосема поинакви пораки?
Нема ништо полесно од тоа некој да се вклучи во националистичко и клерикално бладање и проповедање по мерак на власта, како што тоа го прават дури и луѓе со академско покритие, рамо до рамо со полуписмени и самопрогласени интелектуалци
Вака почнува секоја опасна приказна. „Не видов, не знаев, не сфатив…“ Така било и во годините кога генерал Франко си седел со нозете во леген, додека во подрумот на неговиот штаб шивачки кроеле црни униформи, а околу него оркестарот свирел, глумците се забавувале, пејачите му ги пееле омилените ноти, додека тој со неговите извршители подготвувал план како да урне легитимно избрана влада.
Сите тие заедно ставиле личен печат за ужасите што потоа следеле. И таму некој „Дурловски“, веројатно мислејќи дека придонесува за мир, испеал токму арија за куршумите. Страдањата што се насликани во славната пикасова „Герника“ (1937) се само фрагмент од тој ужас. Кога пет години подоцна, фашистички иследници на сослушување го прашале Пикасо за „Герника“ – „Дали вие го направивте тоа дело?“, тој одговорил: „Не туку вие!“
На пример, цвеќињата му биле омилен сликарски мотив на Хитлер. Ги сликал постојано. Но, храброста и заслугите им припаѓаат на оние кои навреме предупредувале дека овој кроток „цвеќар“ во животот ќе наслика единствено смрт и страдања.
Времето брзо покажува кој бил на вистинската, а кој на погрешната страна, но идеалот на луѓето е тој избор да го направат пред да биде доцна. „Преродбата“ кај нас го збриша она што многу луѓе беа, или можеа да бидат. Сервилноста, слепоста, амдибајрамовската лукративна прагматичност „секогаш да се биде со власта“, дури и кога таа ја турка земјата во провалија, станаа Ахилова пета на армија алчни, но и слика за едно срамно „кокошарско доба“.
Оние со силен личен интегритет и изграден професионален профил, не се препуштаат на ритуално игнорирање на реалноста, во смисла „молчи и терај“. Таа улога со две раце ја приграбуваат само слабаците. Нема ништо полесно од тоа некој да се вклучи во националистичко и клерикално бладање и проповедање по мерак на власта, како што тоа го прават дури и луѓе со академско покритие, рамо до рамо со полуписмени и самопрогласени интелектуалци.
Многу потешко е, но и одговорно, да се биде на страната која предупредува на страшните етички, етнички и политички консеквенции од соучеството во одбраната на една мала клика, која заради својот личен спас е подготвена да ја удави Македонија во првата бара во која нејзините претставници го мократ стравот од кривична одговорност.
Затоа, сите што мислат дека нешто бранат, треба да си дадат себеси јасен одговор: кого бранат, од што бранат, на каков начин и со какви средства? Дали тоа што го бранат е деконтаминирано од интелектуални бараби кои проповедаат омраза, евтино додворување на предрасудите на елитите и зошто некој ги полни со барут?
Искрено нека одговорат на овие прашања, без да мижат пред реалноста. Пред да биде доцна и пред да почне да се создава мрачна „инспирација“ за некој нова „Герника“. Затоа што потоа секој ќе мора да си ја носи одговорноста за постапките.