Со ребалансот на буџетот се предвидува средствата за проекти од национален интерес од областа на културата да бидат намалени за околу една третина.
Еве уште една вест за која повеќето овдешни медиуми не покажаа слух, правилно проценувајќи дека таа никого не го интересира, освен можеби само директно засегнатите.
И, навистина, кого, по ѓаволите, би го интересирала таква една дребност во деновите кога, нели, јазикот ни е загрозен, идентитетот ни виси на конец, се врши масовна „бугаризација“ на земјата, плус инфлацијата пред очи ни расте, а нѐ чека и уште една долга и неизвесна зима.
Нормално е (или ние така го сфаќаме нормалното) во историски времиња и пред историски одлуки, културата да биде онаа монета со која треба да се закрпат дупките што се направени токму поради – недостиг од култура. А во Македонија, како што е познато, сите времиња и сите одлуки се – историски.
Не можеме да сфатиме дека сите понижувања што ги доживувавме и ги доживуваме се всушност облеката што сами си ја скроивме
Можеме тоа и вака да го кажеме: нормално е дека во земјата во која не се негува културата, некултурата да биде главниот национален проект.
Зошто е тоа така?
Културата, без оглед на својата духовност или материјалност, е вештачка појава. Природата не познава култура. Во таа смисла, онаа базичната, фундаменталната култура е всушност збир правила што општеството ги наметнува за да може поефикасно и поуспешно да функционира, со што практично се облагородува и животот на поединецот во тоа општество.
Се разбира, не мислиме тука, или не мислиме само, на културната и уметничката продукција, она што вообичаено кај нас се подразбира под терминот „култура“.
Сигмунд Фројд во своето важно дело „Неугодното во културата“ токму тука ги гледа тие „неугодности“ – во бројните наметнати ограничувања врз човековото самоволие или она што некои би сакале да го наречат „слобода“, па дури и „демократија“.
Да кажеме вака: не е културно на улица да се носи огнено оружје, или во јавен простор да се фрлаат молотови коктели, или да се навредува и да се заканува со убиства…
Општествата, чии членови не можат или не сакаат да се откажат од своите „угодности“, односно не сакаат „од внатре“, со својот личен напор, да ги спроведат овие самоограничувања, ќе доживеат повеќекратно поголеми неугодности. И тоа од надвор. И на подолгорочен период. Пред сѐ во форма на изолираност, немаштина и на крајот во форма на авторитарни режими што можете да го нарекувате „демократија“ или „партократија“, сосема сеедно. А Македонија поминувала и поминува токму преку овие фази.
Таквите, темелно некултурни општества, оние што мислат дека никој ништо не им може затоа што се „посилни од судбината“, во суштина остануваат затворени во гето и тука ни најквалитетната и најквантитативната културна продукција не може да им помогне. Барем не на краток рок. Што може да направи културната продукција во Северна Кореја, на пример? Ништо.
Зошто тогаш ми изгледа важно ова кратење на буџетските средства за културни проекти? Затоа што по логиката на сопствениот развој, некултурните општества се склони да удрат по уметниците во сопственото гето. Тие, уметниците, едноставно, се закана за удопствата што ги нуди тркалањето во калта на „угодната“ некултура.
Токму поради ваквите политики на маргинализирање на културните вредности нема никакви реакции на оваа одлука за намалување на и онака ситните пари за културата. Не се „запалија“ социјалните мрежи, немаше дебатни емисии, нема реакции на интелектуалците, аналитичарите, политичарите…
Нема, затоа што сите ние сме последица на овие и вакви третмани на културата. Последица сме на кусогледоста во сопствената неукост.
Она што себеси се нарекува „елита“, одамна веќе се валка во истата кал од нашето искорумпирано гето
Резултатите на оваа „удобност“ во некултурата ги гледаме секојдневно, а особено овие денови. Прв резултат е дека практично никој повеќе не може меродавно да го прочита таканаречениот „француски предлог“. Она што себеси се нарекува „елита“, одамна веќе се валка во истата кал од нашето искорумпирано гето. Затоа, пак, сите ние знаеме сѐ што треба да знаеме. Градиме култови од партиите и политичарите и „слободни“ сме да го „осудиме на смрт“ секој оној што мисли поинаку од нас.
Вториот резултат е директно врзан за времето што го живееме, а тоа е време на еутаназија на вистинската критичка мисла, на рецесијата на духот и масивната ерозија на моралот. Последиците се очигледни.
Третиот резултат е отсуството на гледањето на сопствениот одраз во огледалото. Саморазбирањето е одговорна работа, а токму неодговорноста е една од главните одлики на некултурата. Не можеме, значи, да сфатиме дека сите понижувања што ги доживувавме и ги доживуваме се, всушност, облеката што сами си ја скроивме.
Токму тоа е тој култ на некултурата што толку долго го негуваме.
Убаво е, романтично е и привлечно да се замислуваме себеси дека сме налик на она галско село од стрипот за Астерикс, кому му се тресе целата Римска империја, ама ние, сепак, ја немаме онаа волшебна напивка од која се добива неограничена сила и со која можеш да се спротивставиш на секој Римјанин, без оглед на тоа колку бил тој силен или не. Поточно, културен или не. Без тој напиток, ние не сме ништо друго, туку едно обично, полунапуштено село.
Филозофијата дека можеме без светот (Европа) е токму филозофија за зачувување на нашата сегашна комоција. На куси патеки. Цената на инаетењето против оние каде што сакаме да припаѓаме, повторно ние ќе ја платиме и ќе биде многу поскапа.
Како што, впрочем, многу поскапо ќе го платиме и ова кратење на буџетот за културни проекти отколку што ќе заштедиме.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија