Каде се сега сите оние кои ја оспоруваа потребата и одлуката на Република Македонија да има свој резидентен амбасадор во Федеративна Република Бразил? Каде се сега да критикуваат? Зошто барем не се извинат? Му пишаа ли, барем во инбокс, извинување на амбасадорот Ивица Боцевски кога веќе немаат доблест да побараат прочка јавно? Ех, мои критизери и критизерчиња, се потсмевавте на оваа храбра одлука, а сега барате карта повеќе за карневалот во Рио и масовно си го разменувате упатството од македонската амбасада за посетителите на карневалот.
За оние што не се упатени и што немаат намера оваа година да патуваат во Рио де Жанеиро, а верувам дека такви се малкумина, да, амбасадата во Бразилија издаде упатство за бројните македонски туристи што и оваа година традиционално последните денови од февруари ќе ги поминат по улиците на Рио играјќи во ритамот на самбата.
Морам да признам и јас бев неупатен до вчера. Минував баш случајно покрај амбулантата „Пролеќе“, кога гледам редица до Тутунски комбинат. Си велам, пак некоја епидемија од грип да не фатила, прашувам баш една госпоѓа од редот што е работава, вели, еве, чекаме за вакцина. Па добро, госпоѓо, ѝ велам јас таков неупатен како паднат од Марс, доцна ви е малку за таа работа, на есен се вакцинира против грип. Идиот! Поим немав дека редот е за вакцинација од жолта треска. Фино пишал Боцевски во упатството – пред да идете наваму, задолжително вакцинирајте се против жолта треска. Си застанав и јас во редот. Не бев баш сигурен дали и годинава ќе скокнам до Рио, ама нека си биде примена вакцината за секој случај. Не ѝ зедов ништо на жена ми за Свети Валентајн, да не ѝ текне да скокнеме за Бразил на недела дена.
По оваа епизода со вакцината, за да не се брукам повторно вака, седнав дома и внимателно го препрочитав упатството на Ице. Дури на трето читање ја сконтав најбитната работа – не носете големи суми пари во кеш, плаќајте со картички! Значи, повторувам, немој да сте се излажале и вие како мене, да ја извадите цела плата од двесте евра и да се шетате низ Бразил со толку пари во џебот. Опасно е! Повторувам, опасно е! Извадете две евра за кафе од кафемат по аеродромиве, другите 198 евра оставете ги на картичка. И гледајте да не се задржите во Бразил подолго од први, зашто на први банката ќе ви ја повлече ратата од кредитот и нема да имате ни за кафе на враќање.
Ех, Бразил. Па, и сите тие разголени Бразилки.
Туку друго ми беше муабетот. Ете ви, драги мои, добра занимација додека трае ова бесконечно очекување нова влада. Зошто да ја чекате новата влада дома пред телевизор, или уште полошо на Фејсбук (каде што пуштаат и лажњаци, па ќе си честитате предвреме), фино-лепо одете до Веро Џамбо, купете си маска и правец Рио. Додека вие тресете со газовите претопени во големата река карневалци, во Мала Речица може да се роди новата влада на карневалот Македонија. Зошто да живеете во неизвесност и исчекување, кога животот нуди толку прекрасни можности каква што е карневалот во Рио?
Но, Призма не би била тоа што е – храм на македонското истражувачко новинарство, кога не би дошла до реципрочното упатство што бразилската амбасада во Софија, која ја покрива и нашата земја, го подготвува за бразилските туристи што планираат да ја посетат нашата земја. Успеавме да ги добиеме по наши канали и сега ексклузивно ги објавуваме тринаесетте препораки за Бразилците кои планираат да учествуваат на карневалот наречен Република Македонија:
2. Македонија има два милиона жители, но Македонците се големи мераклии за патување, па во секој момент барем половина милион им се на пат надвор од земјата. Омилени дестинации им се Швајцарија, Германија и Италија, но ќе ги сретнете и во САД, Канада и Австралија. Најчесто патуваат во групни семејни тури, па ќе наидете и на цели села и градови празни. Трета светска економска сила се, им се може.
3. Задолжително посетете го туристичкиот бисер Охрид. Во голем дел од годината покрај овој град има и езеро, но во зимските месеци можно е базенот од езерото да е испразнет. Тоа е за доброто на вас, туристите, зашто од езерото Македонија произведува висококвалитетна наизменична струја, која подоцна се користи да се осветлат сите тие прекрасни згради и споменици во Скопје, пред кои вие секако ќе сакате да се сликате.
4. Најпознат археолошки локалитет е Скопје 2014. Таму ќе најдете многу стари градби, а некои од нив сѐ уште се во изградба. На локалитетот порано имало град каде што живееле околу 700.000 жители.
5. Доколку не можете да го видите Скопје 2014, не паничете, тоа само значи дека има магла. Во Скопје има многу работи што можете да ги правите кога има магла. Побарајте далечински управувач од вашиот рецепционер и пуштете си турска серија. Македонците обожаваат да гледаат серии. Турските серии се исти како нашите латиноамерикански, само немаат среќен крај. Ако сакате да гледате нешто со среќен крај, пуштете си вести на Сител.
6. Карактеристично за Македонија, како и за Швајцарија и за сите други развиени европски земји, е што граѓаните поим немаат кој им е премиер. Ако ги прашате, веројатно ќе ви кажат некој од претходните премиери. За министри не ни прашувајте, нив не само што граѓаните не ги знаат туку има и министри кои и самите не знаат дека се министри. Избегнувајте политика, најдобро.
7. Македонија е земја на Гинисови рекорди. Ако сега отпатувате таму, баш се во тек на уривање на Гинисовиот рекорд за најдолготраечка политичка криза во светот. За најдолготраечка транзиција веќе го урнаа.
8. Ако едно од вашите презимиња е Сантос, внимавајте како ќе го изговорите, зашто главен архинепријател на Македонците е Сорос. Ако се сретнете со припадник на движењето СОС, подобро прескокнете го ова презиме, и така имате доволно други презимиња. Македонците најчесто имаат само едно, Македонките најмногу до две. Ако сретнете Македонец со две презимиња тоа е сигурно Влахов-Мицов, но тој е Бугарин не е Македонец, исто како нашата доскорашна претседателка Дилма Русеф. Да, во Македонија има повеќе бугарски пасоши по глава на жител од самата Бугарија, но не отворајте ја оваа тема, не е омилена меѓу граѓаните.
9. Во Македонија нема жолта треска, но има река и езеро Треска. Не посетувајте го езерото Треска, зашто тоа во моментов се реновира, а така е веќе дваесет години. Но, тоа што нема жолта треска не значи дека не треба да се вакцинирате. Вакцинирајте си ги бебињата против туберкулоза од дома. Македонија има нарачано вакцини против оваа болест, но пратката заглави поради студеното време. Да, во Македонија сега е зима.
10. Македонија е мала земја, но ќе ви требаат недели да ја прошетате ако тоа го правите со воз. Да не добиете погрешен впечаток, имаат супермодерна железница и нови модерни кинески возови, но железничкиот сообраќај им е моментално во застој, затоа што железничарите со месеци не примиле плата. Да, Македонија е трета економска сила во светот, но како и секоја друга држава, и таа си има свои приоритети.
11. Ако сакате со воз да одите од главниот град Скопје до туристичкиот бисер Охрид, ќе треба да се симнете во Кичево, па од таму имате уште околу два дена пеш.
12. Ако влезете во автобус и немате билет, глумете дека сте пензионер. Македонија е рај за пензионери. Сѐ е бесплатно за нив, освен гласот на избори, кој скапо го плаќаат потоа со најлошо јавно здравство во Европа. Со други зборови, сѐ им е бесплатно додека се здрави, дури и скијањето, но кога ќе влезат во болница обично не излегуваат од таму. Но, вие немате право на глас, така што слободно бидете само пензионери.
13. Мислите дека ние сме фудбалска велесила. Чекајте додека да дојдете во Македонија. Нека не ве залажува тоа што се 165 на ранг-листата на ФИФА, сите Македонци играат фудбал, иако во последно време главно по кладилници. Тие имаат и свој Роналдо. Се вика Али Ахмети. Подобар е од нашиот Роналдо. Нашиот Роналдо никогаш нема дриблано два милиона луѓе одеднаш.