Увод во теоријата на клечењето

Производството на глупоста никогаш не му било туѓо на македонскиот журнализам, но денес тоа е промовирано во официјален мејнстрим.

На почетокот помислив дека е шега, некоја извртена варијанта на „Коза ностра“. Потоа уште еднаш го погледнав насловот „ВМРО-ДПМНЕ ќе постави свој шеф на Сорос фондацијата“ и се убедив себеси дека ова е само уште еден неуспешен обид на „Вечер“ да ја хиперболизира реалноста. Но, на второ читање сфатив дека хиперболата во суштина е реалноста во која, за жал, не живее само уредувачката политика на „Вечер“ туку ја наметнува и на своите евентуални читатели.

Сугестијата и пораката на текстот се совршено јасни (иако самиот текст се базира врз низа погрешни податоци, поточно на намерно извртени факти, како што е, на пример, оној дека своевремено, по првите парламентарни избори, Партијата за демократски просперитет не сакала да влезе во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и така го довела СДСМ на власт): никој во Македонија нема да јаде, пие, врши нужда без претходно одобрение на ВМРО-ДПМНЕ, инаку, како што вели текстот, нека мислат што ќе прават „со над 500.000 незадоволни гласачи Македонци, на кои им го одземале гласачкото право и волја“.

Наспроти овој вовед, па дури и цитат, немам никаква намера да се занимавам со „Вечер“ и неговите професионални достигнувања. Поточно, нив ги восприемам прилично неволно, дури и безволно, во некои чудни мазохистички сеанси. За волја на вистината, слични чувства негувам и за повеќето овдешни медиумски сочиненија. Значи, и „Вечер“ и погоре наведениот текст се само своевиден симптом, преку кој можат да се дешифрираат актуелните мени на официјалниот медиумски простор.

Производството на глупоста никогаш не му било туѓо на македонскиот журнализам, но денес (слушај ме мене: денес! Сакам да кажам: во последните седум-осум години) тоа е промовирано во официјален мејнстрим. А главната одлика на мејнстримот е тоа што им се обраќа на најголемиот број читатели.

Со други зборови, станува збор за опасен концепт. Овој концепт, да се разбереме, прилично ми е одвратен, затоа што во суштина станува збор за своевидна мимикрија: затоа што симулира демократска широчина, додека, всушност, промовира еднострано тупаџиско гледање; затоа што симулира либерална толеранција, а всушност, ги поттикнува најниските страсти; затоа што симулира професионална компетенција, а всушност, го кастрира новинарството итн. итн… Но, реков веќе: сличен проблем имам и со повеќето останати печатени медиуми, па ни на крај на умот не ми е да го вознемирувам „општото убедување“ на „повеќе од 500.000 гласачи Македонци“.

Она на што сакам да укажам е наказното сфаќање на демократијата. Првин, како можност за промоција на таканаречените „опинион мејкери“ и „уредници“, а потоа како најбанален статистички, да не кажеме, математички податок. Она што особено ме интересира е појавата дека производ на новинарскиот производ што го „произведуваат“ главните уредници и главните „аналитичари“ се, всушност, самите тие.

14966521176_dcacb7776f_z

Фото: Thomas Hawk / Foter / CC BY-NC

Значи, резултатот на дисциплинираниот труд не е само новинскиот производ, поточно најмалку е тој туку и духот на подаништвото, производ, кој, како што знаете, се создава низ едноставниот процес каде што едни наредуваат, а други ги извршуваат наредбите. Следствено на тоа, една од главните цели на производството се самите произведувачи (бидејќи „треба да се произведува за да се репродуцира обележаниот човек“, Бодријар).

Ако се потсетиме на аферата „Фабрика“ (ете, од времето на СДСМ), кога за потребите на Владата на Бучковски, преку истоимената маркетиншка агенција, беа ангажирани неколку новинари да продуцираат таканаречени „добри вести“, денес „добрите вести“ се реализираат на највисоко ниво – со директни договори на политичките моќници и медиумските сопственици (имаше за тоа материјал и во „бомбите“ на Заев).

А послушниците (главните уредници и главните коментатори, а богами некаде и комплетните новинарски погони) се тука послушно да ги спроведат плановите и програмите што за нив ги зацртале нивните (а во своите замисли: и национални) кројачи на личната судбина.

Оваа послушност, како што може да се види од горенаведениот пример, има иманентна особина да инклинира кон апсурдот. А апсурдот, пак, ја има таа особина да имплодира, односно да се урне самиот себе. Во таа смисла, текстовите од овој тип, на некој перверзен начин, дури и се за поздравување – колку повеќе вакви текстови, толку помалку публика за нивно читање. Сфаќањето дека јавноста е глупава, па може да купува и глупости, може да најде некакво свое упориште во реалноста.

На пример, сѐ почесто сум сведок на неодреден број „глупави“ читатели, кои, прегледувајќи ги весниците, своето изложување на медиумите го проследуваат со вербални потврди за „сопствената категорија“: „Баш да видам какви глупости донесува денешниот весник…“. Тие веќе и не очекуваат весникот да ги запознае со реалноста туку, преку весникот, токму се скриваат од реалноста, па, со филџан утринска злоба, копнеат, наместо информирање за настаните, да им се случи информирање по себе.

Вториот проблем на вака практикуваниот журнализам е претставувањето на демократијата како диктатура на мнозинството. Не сакаме сега да навлегуваме во меродавноста на изнесената цифра: „над 500.000 незадоволни гласачи Македонци“, но сепак обрнете внимание – акцентот е ставен на националноста на гласачите (небаре на гласачките ливчиња пишува кој од која националност е, иако, знаејќи како владејачката партија ги практикува изборите, не би се изненадил да го имаат и овој податок).

Поттекстот на наведената бројка, всушност е закана кон оние што не се Македонци, како и кон оние што не се меѓу тие „повеќе од 500.000 незадоволни гласачи Македонци“. Заканата, сама по себе, може, но не мора да биде опасна. Опасно е тоа што статистичкиот податок се претвора во официјализирање на диктатурата. Доволно е само да се видат дел од последните интервјуа на премиерот Никола Груевски и да стане јасно за што зборувам.

Се сеќавам на една посета на американски новинари, претставници на тогашниот International Media Fund, на кои практично радиото „Канал 4“, каде што бев дел од сопственичката структура, им беше домаќин. Објаснувајќи го тогаш, во раните 90-ти години од минатиот век, концептот на медиумската демократија, еден од гостите рече: „Ако постои еден човек што сака да вресне преку радио, тогаш мора да постои радио што тоа ќе му го овозможи. Мора да има медиуми за сите општествени гласови“.

За жал, низ македонските медиуми доминира само еден глас, луцидно претставен како „повеќе од 500.000 незадоволни Македонци“. Но, по законите на физиката, акумулирањето и потиснувањето на останатите гласови неминовно доведува до експлозија. А таа ќе биде гласна.