Тука живееме, тука дишеме, тука се смееме и плачеме, тука сакаме и тука отсакуваме, тука плаќаме даноци и, конечно, тука градиме општества и системи во кои немаме еднакви места и ресурси. Оваа континуирана пракса на нееднаквост е речиси конститутивна за системите што ги градиме и ги живееме. Па така, едни луѓе се важни, а други неважни, едни животи се вредни, други не толку, едни тела се подобни, други одбивни.
Одбивноста кон одредени тела, ќе рече американската теоретичарка Џудит Батлер, се покажува себеси во политиките и во праксите, и да се живее како такво тело во светот значи да се живее во скриените региони на онтологијата. Веројатно поради тоа, моите текстови и колумни се однесуваат на овие субјекти, односно претставуваат истовремено обид за легитимирање на „обезвреднетите“ тела и животи и обид за демаскирање на секојдневните стратегии на „обезвреднување“, интегрирани во нашата локална јавна сфера и систем.
Првиот чекор кон ваквото промислување на општеството може да биде контемплирањето за важните и неважните луѓе. Кои се тие, каде сме ние, зошто сме таму каде што сме?
Некои животи се поважни
Претпочитам да не хиерархизирам, кога станува збор за насилство и загрозување на чии било животи. Сепак, искуството и долгите години посветеност на темите поврзани со насилство врз ранливи и маргинализирани групи создадоа неподнослива горчина и гнев во мене.
Само овој месец чувме за неколку случаи на тешки форми на насилство врз жени од своите партнери, во кои едната жена и почина. Пред неполни три недели, тројца ЛГБТИ активисти беа нападнати во Струмица, од кои едниот, само последнава половина година, е жртва на најмалку три физички напади од непознати лица на јавен простор.
Оваа континуирана пракса на нееднаквост е речиси конститутивна за системите што ги градиме и ги живееме. Па така, едни луѓе се важни, а други неважни, едни животи се вредни, други не толку, едни тела се подобни, други одбивни
Полициското насилство врз Ромите, не само што останува константа, туку еден од ретките случаи (ако не и прв), на изречена пресуда против полициски службеник поради физичка бруталност врз Роми дочека осуда и протести од (замислете!) колегите и локалното население. Простете ми го овој можеби и популистички маневар, ама тие што се обидоа да нападнат врз животите и телата на привилегираните, веќе се осудени и одлежуваат затворска казна.
Не мора да одиме подалеку од случајот на напад (со импровизиран гасен пиштол) на дедото на малата Тамара врз поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров, или нападот со влечење за коса врз поранешната пратеничка Радмила Шекеринска. Знаете што значи тоа? Дека системот постои, ама не за секого.
Нечии души се поскапоцени
Да се биде подложен на вербално насилство, закани, навреди и на говор на омраза е нешто што многу добро го знам и го чувствувам долго на своја кожа. Но, не само јас. Речиси да не постои човек, чии идеи и визии за светот се попрогресивни или поразлични од доминантните, а кој не доживеал јавен линч или не искусувал тешкотии во менталното здравје (особено страв, анксиозност и депресија) поради постојана изложеност на брутални реторики.
Последните случаи на радикални форми на јавен линч и повици за ликвидација кон професорката Колозова, навредите и говорот на омраза кон пејачката Тамара Тодевска, повиците за насилство и закани кон момчето што беше обвинето за бојадисување клупа во боите на виножитото во една скопска општина, како и купишта други активисти, уметници, новинари или интелектуалци поминаа речиси назабележително во јавноста.
Системот што не е наш, ќе се распадне тогаш кога токму малите делчиња и шрафчиња ќе откажат послушност. Градењето системи засновани на еднаквост потоа мора одново да почне преку грижата и интересот за „неважните“, „заборавените“, „исклучените“
Сепак, за некои други души и животи, безбедноста е поважна. Па така, поради закана по телефон на британската амбасадорка во Скопје, уапсен е 55-годишен маж од Мешеишта. Поради закана упатена преку Фејсбук кон градоначалникот на Кавадарци, уапсено е и одредено му е притвор на едно лице.
Двете лица се соочуваат со постапки против нив за кривично дело – „загрозување на сигурноста“. Јавното обвинителство, во сите други случаи, или веднаш ги отфрла пријавите, или откако ќе поминат многу години во наводна истрага. Загрозувањето на сигурноста на одредени луѓе е важна, а на други апсолутно неважна.
Нечија благосостојба е повредна
Пропаѓањето на големите бизниси, загубата на големи приходи и капитал на сопствениците, газдите и олигарсите се тема секогаш вредна за медиумите. Со денови, понекогаш и со месеци медиумско внимание се посветува на „осиромашувањето“ на богатите.
Не велам дека овие теми се небитни вести. Напротив, особено ако тоа значи губење работни места и приходи за работниците. Сепак, медиумскиот агол е поинаков и ние и нашето внимание се изложени на „страдањето“ на привилегираните. Ме шокира јавното и медиумското „увоболие“ за осиромашувањето, финансиското пропаѓање или измама на „неважните“ луѓе.
Пред речиси една недела, од еден медиум дознав за случај на човек што бил жртва на измама, така што барајќи хуманитарна помош ги објавил своите податоци и потоа станал „должник“ на 5 брзи кредити. Веднаш по објавувањето на веста, на социјалните мрежи се појавија многу сведоштва за вакви слични измами. Зар ова не е вредно за медиумско истражување и интерес?
Неразумно ми изгледа да бараме и да очекуваме промени од оние чија привилегирана позиција е гарантирана токму од ваквиот систем. Она што јас го предлагам е споделена одговорност и почит и вреднување на себеси и луѓето што не се дел од естаблишментот.
Предлогот не е демагошки, туку многу практичен. Системот што не е наш, ќе се распадне тогаш кога токму малите делчиња и шрафчиња ќе откажат послушност. Градењето системи засновани на еднаквост потоа мора одново да почне преку грижата и интересот за „неважните“, „заборавените“, „исклучените“. Токму во тие маргинални позиции лежи голем политички и реформаторски потенцијал.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија