Новата влада ја пречекав скромно, во кругот на семејството. Значи, ја пречекав со една, онака како што му доликува на еден владопречекувачки ветеран. Конечно, којзнае колку влади имам досега пречекано, плус извршни совети. Додуша ова е прва влада што ја пречекувам во Република Северна Македонија, ама некако исто му доаѓа.
Значи, ја пречекав со една чаша пиво. Наздравив за очекувањата во блиската иднина и паднав во блажен сон. Остатокот од пластичното дволитарско пиво „Крали Марко“ го вратив во фрижидерот да се најде при пречекот на некоја следна влада. Како напредува демократијата во мојата татковина, не би се изненадил наскоро да имаме некои нови избори. Толку многу изнапредува демократијата, што просто се навикнавме да имаме избори секоја година-две.
Ете, длабоко сум убеден дека Владата на Република Северна Македонија во целост ќе ги исполни моите очекувања. Имено, не очекувам ништо од новата влада, па затоа сметам дека е сосема реално моите очекувања целосно да се реализираат. Повеќето од министрите и министерките чии имиња и чија работа ми се познати, кај мене будат речиси целосна недоверба, токму затоа што ми се познати нивните резултати! Оние, пак, министри и министерки чии имиња и чија работа ми се целосно непознати, повторно кај мене будат целосна недоверба, токму затоа што не ми се – познати!
Таква влада сакавме, таква добивме. Не само како партиска пропорција, туку и како кадровска поставеност на владата. Оној театар што го баравме, тој и го добивме. Него и ќе го гледаме
Со други зборови, во овој поглед не очекувам никакви изненадувања. Во таа смисла, лесно можам да се сложам со премиерот Зоран Заев кога вели дека нѐ очекуваат предвидливи времиња. Всушност, таа изјава и најмногу ме плаши, бидејќи предвидливоста, ако се базира на долготрајното искуство, не носи ништо добро. Напротив. Подраго ќе ми беше премиерот да најавеше некои изненадувања отколку предвидливост. На пример, дека ќе се заврши автопатот Кичево – Охрид. Или дека ќе се интензивираат работите на пругата до Бугарија (завршувањето на пругата, сепак, би било преголемо изненадување дури и за мене).
Во секој случај, го поздравувам отпочнувањето на работата на новиот парламентарен состав. Само од гледањето делови од седницата за избор на владата лесно можеше да се заклучи дека неработењето на театрите не мора да биде толкав хендикеп како што досега можеше да ни се чини. „Топ-шоп влада“ и „Дормео опозиција“ сигурно влегуваат во антологијата на стендап-комедијата. Иако хумористичните епизоди надвладуваат, никако не смеат да се запостават и трагичните претстави, кои просто тераат солзи на очи. Или, што би рекол поетот, солзи сами течат, прости ми.
Основната особина, дури и доблест, би рекол, со која овој парламентарен состав се разликува од неговите претходници е – искреноста. Значи, за разлика од минатото, сега веќе никој не се ни обидува да скрие дека носи маска, па така морате да погаѓате кој, па дури и што се крие зад секоја од маските.
Оваа политичка ковид-еволуција е на пат да ја измени реториката на македонската политичка сцена. За почеток, квалитет плус е што повеќе никој не бара да се симнат маските. Напротив. Носењето маски е задолжително, со што досегашното чувство дека нашиот парламентарен живот всушност е еден голем маскенбал, сега во целост се потврдува.
Во таа смисла, соодветно е избрана и сценографијата, односно амбиентот во кој овој маскенбал се одвива – онаа чудовишна сала со неидентификувани елементи и чудни куќи! Значи, ако досега се прашувавме зошто се потрошија толкави пари за онаква глупост, праксата сега ни го даде одговорот. Неверојатната умствена мастурбација на Вангел Божиновски, преточена во оваа гротескна сала, всушност е единствениот прикладен простор за овој тип маскенбали.
Длабоко сум убеден дека Владата на Република Северна Македонија во целост ќе ги исполни моите очекувања. Имено, не очекувам ништо од новата влада, па затоа сметам дека е сосема реално моите очекувања целосно да се реализираат
Во еден момент дури и премиерот Заев се претстави себеси како претседател на Собранието. Познато е од психологијата и од психоанализата дека фројдовските грешки всушност ја откриваат вистинската состојба, или поточно вистинската проекција на состојбата. Со други зборови, првиот човек на владејачката партија и првиот човек на Владата, според нашата позитивна политичка пракса, е и првиот човек на Парламентот, затоа што Парламентот не е ништо друго, туку партиска гласачка машинерија.
Тоа, се разбира, како и на сите претходни седници, можеше да се види и на оваа. Ако смеам да го парафразирам Богдан Тирнаниќ, видовме значи дека пратениците од опозицијата носат бели чорапи, додека наспроти нив, пратениците од мнозинството носат шарени чорапи. Ама исто како да носат бели!
Она што на крајот, сепак, мора да се констатира е дека новата влада е целосен одраз на демократската волја на македонските гласачи. Такви беа резултатите на предвремените избори. Таква влада сакавме, таква добивме. Не само како партиска пропорција, туку и како кадровска поставеност на владата. Оној театар што го баравме, тој и го добивме. Него и ќе го гледаме.
Ете, затоа јас ја пречекав владата со чаша пиво. Така полесно се вари.