1.
Сакам однапред да ви се извинам дека колумнава не е пишувана со пенкалце со циркони. Не сме сите Агенција за електронски комуникации да може да си го дозволиме ваквото пенкалце од сопствени средства, како што напишаа тие во соопштението за скандалозната набавка.
Всушност, да бидам искрен, колумнава воопшто не ја пишувам со пенкало, туку на тастатура, електронски. Се надевам дека нема да претерам ако напишам и дека, барем ако се суди според името на институцијата, и од вработените во една Агенција за електронски комуникации би требало да се очекува да комуницираат – електронски.
Мислам, ако вие во АЕК правите тендер за пенкала, какви тендери треба да очекуваме од Националната агенција за нуклеарни технологии? Свеќи за канцелариско осветлување, јаглен за службените возила или можеби, за околу дваесетина илјади евра, ќе набават секири за цепење на јадрото на атомот!?
2.
Не може ли да направиме размена со Грција која, освен споменици, ќе вклучи и канцелариски материјал? На пример, нашиот Воин на коњ оди во пакет со неколку лавови што испуштаат вода од муцките, како и украсни војници со сонца од Кутлеш (фалични до душа, зашто им фалат краци на сонцата, не беа изворно правени за извоз). Зошто грчкиот „Тркач”, кој ни го нудат во размена да не го дополнат со некоја кутија мебел од Икеа, пенкалца, моливчиња и гумички од Космос?
Ако веќе трампаме споменици, мора да се внимава на вредноста. Цел грчки споменик не чини ни колку половина од хонорарот на нашата скулпторка Вале.
Бил од стакло. Океј стакло, ама, извинете, ќе си ставите и некое цирконче во пакетот. Воин на коњ е дел од нашата неодамнешна трагедија, а бидејќи трагедијата е есенцијален дел од нашата традиција, Воинот е неразделив дел и од нашата традиција.
Да скратам, „Тркачот”, седумнаесет кутии пенкалца со циркон, дваесет илјади гумички Пеликан, нов мебел за СЈО од Икеа и – Воинот е ваш.
3.
Со една замолница. Да го поставите на Халкидики.
Да можат и припадниците на попатриотскиот дел од нашето општество да си одат слободно на Халкидики за разни свои потреби, а притоа да може по дома да кажат дека биле да положат свежо цвеќе на драгиот и никогаш непрежален јунак од скопскиот плоштад.
4.
Пукнала цевка од парно во подрумот, како не бе, на друг тие муабети. Океј, и да пукнала, ама одговорете ги суштинските прашања поврзани со настанот.
Зошто, на пример, се молчи за тоа дали е вистина дека цевката пукнала поради подземниот тунел што бил ископан од болницата Систина до подрумот на СЈО, преку кој се изнесувале документи и докази за Орце Камчев, кои потоа со амбулантно возило, повиени како новороденчиња се носени во Турција каде што, тајните служби на Ердоган ги имаат уништувано? Зошто никој во јавноста не зборува за тоа дека во подрумот на СЈО е сместена кетеринг-фирмата што го приготвува јадењето за Сашо Мијалков кога е во притвор? Ќе се охрабри ли некој конечно да проговори дека преку канализациските цевки од подрумот на СЈО е извлекуван Никола Груевски, па потоа со подморница, преку Црн Дрим е испорачан во Албанија, од каде што, го презеле агентите на Орбан…
Чудна е таа потреба неспособноста секогаш да ја маскираме со некаков заговор. Независно дали е неспособност да го реформираме правосуството без да ја жртвуваме правдата, дали е неспособност да обезбедиме затвореник да не кидне од државата, па се до најбаналните неспособности, како на пример таа да се одржуваат мрежата за парно-греење за да не пукне цевка.
5.
Сепак, мора да се признае дека поплава во СЈО, и покрај сета паника на социјалните мрежи, не беше најдраматичната вест што ја прочитавме изминатава недела. Мене, искрено, најмногу ме потресе оваа вест од вчера: „Владата денеска на седница ја разгледа информацијата за влијанието на Брегзит врз македонската економија”.
И тоа не е целата драма, имено, како што пренесуваат светските агенции, задолжено било Mинистерството за економија, во соработка со Mинистерството за финансии и Царинската управа, да достави предлог-одлука за воведување автономни мерки со условна примена од 30 март годинава.
Во договор со британските власти, истовремено и Владата во Лондон разгледа информација со реципрочна содржина – за влијаниетo на македонската економија врз Брегзит.
Истовремено, се одржуваат и две научни конференции на следниве теми: „Влијанието на фикцијата и стварноста на женските ликови во делата на Маргарет Етвуд врз даночниот систем на Република Северна Македонија” во Давос; а во Токио експерти од целиот свет расправаат на тема: „Брегзит, хибридниот идентитет во романите на Ханиф Кујреши и синтезата на теснопојасните рекурзивни дигитални филтри со непропусен опсег, во контекст на развојните трендови на македонската економија и порастот на просечната плата”.
И ондак то…
6.
Американската јавност се сомнева дека жената што го придружува претседателот Доналд Трамп на актуелната турнеја не е првата дама Меланија Трамп, туку нејзина двојничка. Наводно, станува збор за жена која за пари ги обавува службените обврски на Меланија.
Следејќи ги настапите на потенцијалната прва дама на Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, и јас имам слични сомнежи. Ова не е професорката што ја паметиме од студиите, ова е сигурно некоја нејзина двојничка која за пари се глупира за потребите на партијата на Христијан Мицкоски.
Многу ќе се разочарам ако ова не е вистина. Вистинската Гордана ни беше една од омилените професорки.
7.
За Иванов барем сме сигурни дека нема двојник. Најновиот негов маневар (не ги потпишува указите за законите зашто не го бендисувал новото име) само уште еднаш ни потврди дека овој уникатен лик на нашата политичка сцена е еден, единствен и неповторлив. Таков мајка еднаш раѓа и тешко се подражава.