Вселенските димензии на глупоста

Безбедното враќање на екипажот од вселенската мисија Артемис 2, барем за мене, е одлична вест. И тоа на неколку нивоа.

Прво, спуштањето на Земјата значи дека Земјината топка е (сѐ) уште тука и дека е (сѐ) уште во едно парче. До кога? Ќе видиме. Пред некои десетина дена, кога Артемис 2 беше лансиран, лично не би се обложил во ваква разврска, како што нема да се обложам ниту дека лансирањето на третото продолжение на оваа мисија, најавено за следната година, воопшто ќе се случи. Не велам дека нема, ама не велам ниту дека има.

Второ, оваа американска вселенска мисија со американско-канадски екипаж, наспроти сите деградации што континуирано ги произведува американската администрација на чело со Доналд Трамп, јасно покажува дека љубопитниот дух на човештвото, оној истражувачкиот што се обидува да ги открие тајните на непознатото, а не да го уништи е уште жив.

Всушност, можам да констатирам дека мене ми е просто неверојатно што во услови на сукцесивно намалување и укинување на парите за универзитетите и воопшто за науката во САД, ваква мисија воопшто можеше да се случи. Практично, станува збор за своевидна кохабитација на две крајности, на една (само)уништувачка и една просветителска, творечка цивилизација.

И, трето, она што мене ми е најинтересно, е потврдата на тезата на Ајнштајн дека само вселената и човечката глупост се безгранични, при што за првото не може стопроцентно да се тврди. Не беа, значи, доволни оние видеоматеријали и спектакуларни фотографии испратени од вселенското патување, не беа доволни да ги разубедат очигледно сѐ побројните теоретичари на заговор.

Прашања на одговори

Поточно, она што би требало да биде дефинитивен доказ за достигнувањата на човештвото, станува главен доказ за побивање на човековиот напредок. Како што е тоа вообичаено, теориите на заговор секогаш стартуваат со прашања, за да се извлече потоа од нив некаков „логичен“ заклучок.

На пример, како тоа пред повеќе од половина век, човекот стапнал на Месечината, а сега не може? Прашање што имплицира дека Нил Армстронг никогаш не го направил оној мал чекор за него, а голем за човештвото.

Се разбира дека изјавите на самите астронаути и на луѓето од бројната екипа на НАСА не се доволни за да ги разубедат „сезнајковците.“ Напротив

Стандардната „теорија“ на сомничавците говори дека слетувањето на Месечината е снимено во некоја пустина во Невада, евентуално во пустината Мохаве во Калифорнија, а нешто послаби се гласовите дека е само искористено некое холивудско студио. Но, она што ми е особено интересно е дека без исклучок се тврди дека слетувањето го режирал Стенли Кјубрик. Никогаш не споменува никакво друго име, само Кјубрик.

Се разбира дека изјавите на самите астронаути и на луѓето од бројната екипа на НАСА не се доволни за да ги разубедат „сезнајковците.“ Напротив. Тоа ним само им говори за обемот на светскиот заговор, иако не е баш најјасна целта на ваквата „монструозна лага.“ Не е доволно ни демантирањето на Вивиен Кјубрик, ќерката на режисерот, која во 2016 година дури и ќе каже дека татко ѝ никогаш не би снимил толку „лош филм.“

Натаму, следи прашањето: Како е можно оваа експедиција да стаса најдалеку во вселената? Дали тоа Месечината се оддалечила од 1972 година, кога последен пат човекот леташе натаму, до денес? Па, натаму се споредуваат фотографиите од мисијата Аполо со фотографиите од Артемис, па се мери обемот на Земјата за да се стаса до прашањето: Зошто е Земјината топка поголема отколку што била? И така натаму.

Се разбира дека и јас, со моето скромно астрономско знаење, би можел да одговорам на овие и на кои било други прашања поставени во таа насока, само што тоа едноставно нема смисла. Бадијала е влегување во јалови расправии.

Рамна топка

Најинтересни, секако, ми се таканаречените „рамноземјаши.“ Да бидам искрен, имав и досега слушнато за нив, ама ги замислував како некој вид митски суштества, како кентаури или сирени, нешто што постои само во приказните, а го нема во реалноста. Сѐ додека не се приклучив на социјалните мрежи и не наидов на завиден број вакви тврдења.

Но, и во овој случај верував дека тоа се луѓе што сакаат да се мајтапат и имаат малку чудна смисла за хумор. Сѐ до моментот кога еден пријател мошне сериозно ме убедуваше во „вистинитоста“ на оваа „теорија“, кога конечно сфатив дека работата е посериозна отколку што мислев. Претпоставувам дека се работи за заговор на лобито на индустријата за производство на глобуси, чиј бизнис дефинитивно ќе пропадне, ако „вистината“ исплива на видело.

Ете, и денес, повеќе од 2.500 години откога Питагора констатираше дека Земјата има сферичен (топчест) облик, како впрочем и Месечината, Сонцето и целата вселена, постојат луѓе што веруваат дека Земјата е рамна.

Ете, и денес, повеќе од 2.500 години откога Питагора констатираше дека Земјата има сферичен (топчест) облик, како впрочем и Месечината, Сонцето и целата вселена, постојат луѓе што веруваат дека Земјата е рамна. Не е доволно што Гагарин точно пред 65 години (12 април 1961) ја обиколи Земјината топка, како што не се доволни ни стотиците и стотици сателити што кружат по Земјината орбита да докажат дека Земјата не е рамна плоча.

Можеби на филмофилите ќе им биде познато името на американскиот професор Чарлс ван Дорен. Тоа е оној човек што кон крајот на 50-тите години на минатиот век беше обвинет за лажирање на американскиот квиз „21.“ Според овој скандал, во 1994 година, Роберт Редфорд го сними филмот „Квиз шоу“, а Ралф Фајнс ја толкуваше улогата на Ван Дорен.

Како и да е, Ван Дорен, по откривањето на скандалот, успеа да ја продолжи својата научна и професорска кариера. И тоа, се чини, многу попосветено, отколку во младоста. Во 1991 година ја објави, би рекол, брилијантната книга „Историја на знаењето („A History of Knowledge“). Во неа тој тврди дека во историјата на светот постојат две експлозии на знаењето. Првата ја врзува за античка Грција, а втората почнува во Европа, пред некои 400 години и трае до денес.

Во таа прва експлозија, едно од позначајните места зазема „таткото на географијата“, Ератостен, човекот кој некаде во третиот век успеа да го измери обемот на Земјата. Според сегашните мерни единици, вредноста што ја добива Ератостен изнесува околу 40.000 километри. Прилично прецизно, затоа што денес е потврдено дека обемот на екваторот е точно 40.075,017 километри.

Хрватскиот физичар Дарио Хрупец прави ваква пресметка: ако еден човек оди пеш секој ден по десет часа, со брзина од четири километри на час, оваа оддалеченост ќе ја помине за илјада дена. Значи за нешто помалку од три години. Ако, пак, вози со автомобил, десет часа со просечна брзина од сто километри на час, оваа дистанца ја поминува за 40 дена.

Ако лета со авион, со брзина од илјада километри на час, раздалеченоста се поминува за 40 часа. Со други зборови, денес, 2.200 години по Ератостен, имаме на располагање повеќе можности да ја потврдиме неговата теорија, но ние, сепак, избираме да ја отфрлиме.

На крајот треба да се спомене уште една заблуда – дека теоријата за „рамната плоча“ потекнува од религиските догми. Не! Нема ништо попогрешно од ова. Црквата одамна, да не кажам од своите почетоци го признава сферичниот облик на Земјата и на другите небесни тела. И кога ова ќе го констатирате во некоја од оние јалови расправи, веднаш ќе ви ги „набијат“ пред носот Џордано Бруно, Галилео Галилеј или Никола Коперник.

Тие никогаш не биле прогонувани или спалувани поради тоа што тврделе дека Земјата е тркалезна, туку затоа што го побивале геоцентричниот систем, според кој, сите небесни тела се вртат околу Земјата. Земјата се врти околу Сонцето – тоа е ересот за тогашните црковни догми.

И, навистина, Ајнштајн е во право. Конечноста на вселената не може да се утврди, ама бесконечноста на глупоста ја сведочиме секој ден.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија