Втората лустрација на Славко Јаневски

  • 4
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Пред некој ден, еден пријател, знаејќи го мојот интерес за ликот и делото на Славко Јаневски, ми го подари изданието на неговата повест „Улица“ од 1964 година, со прекрасните илустрации на Димитар Кондовски. Разгледувајќи ја книгата, не можев, а да не бидам воодушевен од убавиот, строг и чист македонски јазик употребен во оваа новела. Многу почист и многу поубав од оној што денес редовно го употребуваат таканаречените јавни личности, а меѓу нив и оние што влегуваат во овдешната интелектуална елита.

Повеста „Улица“, со тој ист јазик, првпат е објавена пред седум децении, односно во 1950 година, и со оглед на нејзината структура, не сум единствениот што тврди дека станува збор за кус роман, односно дека токму „Улица“ е првиот македонски роман, а не „Село зад седумте јасени“ од истиот автор и со истиот чист и прецизен јазик (објавен во 1952 година).

Славко Јаневски е еден од основачите на Македонската академија на науките и уметностите и единствениот академик – чиј јубилеј МАНУ на ниту еден начин не го обележа!

Не, не го потенцирам тука јазикот на Јаневски, кој, низ неговото обемно и раскошно дело, и тоа како се развивал и бил предмет на научни студии, туку токму простиот и строгиот македонски јазик. Па, има ли поголем доказ за посебноста на нашиот јазик од делата на творците на македонската книжевна култура? Во случајот, од делото на Јаневски? Или од неговата повест „Улица“?

Нема, се разбира. Ама, се чини дека основоположниците на македонската литература не се нешто популарни во последно време. Особено не е Славко Јаневски. Освен ако не се работи за некои дневно-политички манипулации и злоупотреби. Онаа трагична лустрација, спроведена од минатиот режим, како да е сè уште на сила.

Имено, годинава беше стогодишнина од неговото раѓање и две децении од неговата смрт. Го забележа тоа некој? Кога велам „некој“, мислам на оние што се платени од нашите пари тоа да го забележат и одбележат. Не, се разбира.

Како еден од челните и најодговорните луѓе во приватната Фондација „Славко Јаневски“ (акцентот е токму на „приватната“) тешко ми е јавно да зборувам за државните политики во однос на ова наше културно благо, затоа што секој таков обид се толкува како субјективност и како наводен притисок за подобрување на позицијата на Фондацијата, но во отсуство на оние што навистина требаа да кажат (и направат) нешто на оваа и за оваа тема, личната одговорност ми наложува работите да добијат некаква јавност.

Претпоставка е дека читателот веќе знае некои податоци, ама не е скраја тие да се повторат. Значи, Славко Јаневски е еден од основачите на Македонската академија на науките и уметностите и единствениот академик – чиј јубилеј МАНУ на ниту еден начин не го обележа!* Наместо тоа, на пример, наместо да направи некаков симпозиум, или зборник, или што да е  токму за македонскиот јазик во делата на Јаневски, МАНУ, заедно со Македонската православна црква и Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ создава и потпишува протополитички документи за „судбинските денови на македонската Република“.

Во овој случај не сум склон да верувам во случајни пропусти . На крајот на краиштата, уште мината година разговарав со тогашниот претседател на МАНУ Таки Фити околу можните начини на обележување на јубилејот, а разговарав, богами, и со некои други академици.

Одиме натаму: Собранието на Република Северна Македонија годинава воопшто не ја усвои Програмата за обележување значајни годишнини („Знаеш, ковид, се распушти Собранието, избори…“), така што не беше обележена ниту годишнината на Јаневски. Овие исти оправдувања ги слушнав и од Министерството за култура како причина зошто ниту една институција што е под нивна надлежност никако не го обележа овој јубилеј.

Меѓутоа, корона-кризата, на пример не беше доволна причина на Фондацијата „Славко Јаневски“ да ѝ биде продолжен рокот за еден месец за да може да реализира два од проектите, поддржани од Министерството. Нема тука да го цитирам мојот разговор со актуелната министерка Ирена Стефовска, бидејќи тоа, едноставно, не е пристојно. Само ќе кажам дека не помогнаа убедувањата дека токму за тие два проекта беше неопходно користење библиотеки.

Кога ќе ја пцуеме Бугарија и ќе ја колнеме Европската Унија, не е скраја да помислиме што всушност самите правиме за сопствениот идентитет, за сопственото самопрепознавање и, ако сакате, за сопствениот јазик

Ми беше кажано дека сме имале цела година време и дека короната не е оправдување, иако договорите за тие проекти беа потпишани во средината на мај, терминот за нивна целосна реализација беше средината на ноември, а библиотеките се отворија на крајот на септември.

Да не бидам сфатен погрешно, не е ова работа на жалење и патетики, туку работа на односот на државата кон своите великани. Уште на почетокот на годината, влегов, во ајде така да ја наречам, полуполемика со Град Скопје, токму околу обележувањето на стогодишнината од раѓањето на Јаневски (патем речено, датумот на раѓањето е 11 јануари).

Иако првиот и инстантен резултат на оваа полемика беше повлекувањето на веќе доделените средства за наградата „Роман на годината“, која тогаш ја организираа Фондацијата „Славко Јаневски“ и Културно-информативниот центар (средствата, патем речено, одеа на сметка на КИЦ, а не кај Фондацијата), поверував дека оваа расправа има смисла, затоа што Градот Скопје ја прогласи 2020 година за година на Славко Јаневски.

Беше најавено дека една скопска улица ќе биде именувана според неговото име, исто така една библиотека, како и дека ќе биде насликан еден мурал во негова чест. На страна моето мислење како треба да се обележи јубилејот на нашиот великан, ова секако беше добра вест. Но…

Се чини дека повторно бев наивен во својата верба. Колку што мене ми е познато, авторот на првата македонска подолга проза, или барем на првата со кодифициран македонски јазик, која, ете иронија, е насловена токму со „Улица“, сè уште нема своја улица, ниту библиотека, а мурал уште помалку.

Да се разбереме, без оглед на односот на државата и платените институти и институции, дострелите на македонската култура досегаат многу подалеку од границите кои во себе ги има која било или чија било власт. На крајот на краиштата, и делото на Јаневски стасува многу подалеку од нашите хоризонти, но, сепак, по сите овие примери, навистина (ми) е тешко да се поверува во случајности. Напротив. Мислам дека онаа катастрофална лустрација од времето на Никола Груевски дури сега се спроведува на дело.

Целата поента ми е во тоа кога ќе ја пцуеме Бугарија и ќе ја колнеме Европската Унија, не е скраја да помислиме што всушност самите правиме за сопствениот идентитет, за сопственото самопрепознавање и, ако сакате, за сопствениот јазик. А, Јаневски, кога веќе ги проживеа овие сто години, а богами и овие власти, тогаш навистина вечно ќе живее.

 

*По објавувањето на колумната од Македонската академија на науките и уметностите пристигна допис со барање за исправка која гласи: „Во Програмата за работа на МАНУ во 2020 година, во рамките на активностите на Одделението за уметност, е предвидено одбележување на „100 години од раѓањето на Славко Јаневски“, преку организирање и одржување на свечен собир.Меѓутоа, поради појавата на пандемијата на коронавирусот и изречените мерки од Владата на Републиката за спречување на ширење на вирусот, Академијата не беше во можност да го организира настанот, како што традиционално ги организира и одбележува јубилеите од раѓањето на членовите на МАНУ, така што Академијата, во согласност со настанатите услови, на својата интернет-страница објави на 26 06 2020 година пригоден текст од акад. Влада Урошевиќ, по повод одбележувањето на овој јубилеј