Продукција ББ

Откако се разменија многу интервјуа, дел наменети за бугарската, дел за домашната јавност, исто и од страна на источниот сосед, вчера беше пуштена во оптек нова порака, овојпат од средбата Бучковски – Борисов, преку 20 минутна снимка од разговорот. Снимката ја сподели бугарскиот премиер Бојко Борисов на неговиот Фејсбук-профил. 

Потегот е зачудувачки, ако се има предвид дека шатл дипломатијата, како што ја најави Бучковски, вообичаено не се одвива пред камери. Второ, веќе имаме лошо искуство со манирот на Борисов да ги снима соговорниците, еднаш без знаење и дозвола, како што го направи тоа во разговор со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во ноември 2019 година. Еднаш предупредив кон што води тој скандалозен потег (Зиро Македонци).

Овојпат, изгледа дека снимањето било заеднички договоренo, бидеќи соговорниците си го поземаат микрофонот, кој не би им бил потребен ако разговорот не бил планиран за широка дистрибуција, туку во четири очи. Без оглед на индициите дека имало обострана согласност разговорот да добие јавност, имам горко чувство дека еден ден ќе се види за што била наменета и оваа епизода од продукцијата на Борисов.

Ако нашиот почеток на преговори од ЕУ треба да биде овозможен под услов да гарантираме дека еден ден ќе ја прифатиме едностраната „историска вистина“, тоа ќе биде самоубиство на рати, еден маѓепсан круг во кој постојано ќе налетуваме на истите идентитетски мини.

Основните намери веќе се наѕираат – Борисов да се претстави како голем Европеец, а македонската страна како грешник, кој со дополнителен нон-пејпер треба да ја поправа нарушената доверба на Бугарија. Во целата оваа претстава, тешко е да се консумира високата доза на демагогија што извира од зборовите на Борисов: „Се случи тоа, што сегашните поколенија нема да ни го простат. Што е поважно? Да дадеме перспектива на следните поколенија или да се заробиме во минатото? Историјата е многу важна и токму поради тоа за неа разговараат историчарите на Северна Македонија и на Бугарија, за да најдат балансирано решение (…) Оставете ги историчарите да работат. Имаат неколку години да најдат правни решенија (?). Пак велам, тоа е важно, но сегашните и следните поколенија нема да ни простат ако го пропуштиме овој момент“.

Ова е за рубриката „верувале или не“. На кого Борисов му вели „оставете ги историчарите да работат“? На македонската страна? Па, ако Комисијата има неколку години за да најде решенија, тоа Борисов не треба да му го раскажува на Бучковски, туку на Захариева и Каракачанов, кој алибито за ветото го ставаа на контото на нивното незадоволство од непризнатата единствена вистина (бугарската) која досега требало да протече низ записниците на Комисијата.

Борисов нека му го каже тоа и на претседателот Радев, кој, како што изјави историчарот Иван Илчев, лани ги повикал на состанок на бугарските членови Комисија и „воено им заповедал до 10-ти ноември 2020 да ги решат сите спорови со западниот сосед“.

Оние кои се будеа и заспиваа со изјави за расчистување на историјата, кои ѝ држеа штоперица на Комисијата, кои ја обвинуваа за бавност, сега тешко ќе одглумат дека тоа е нешто за кое, сепак, ќе има доволно време.  Ама ни по тоа прашање не се синхронизирани.

Седнат како Дедо Мраз, и со полна уста божикни бајки, Борисов објаснува дека Северна Македонија е суверена држава и сама може да решава на каков јазик ќе говори. Името на јазикот не го спомнува, но вели дека никој не се обидел да ни наметне нешто друго на таа тема.

Дали ние халуциниравме дека има рамковна позиција на бугарското Собрание, во кое македонскиот јазик се дефинира како јазична норма на бугарскиот и дека „ниту еден документ во процесот на пристапување не може да се сфати како признание од бугарска страна за постоењето на ткн. ‘македонски јазик’ различен од бугарскиот“.

Не знам за која публика Борисов глуми добронамерност, но оваа претстава нема да помине пред македонската публика. Ми се чини дека овој перфораманс е наменет за ЕУ и некои други важни меѓународни центри, со цел зад фразата „ништо не ви спориме“ да презентира невидена бугарска великодушност, а всушност да ги замаскира сите институционално изгласани и заверени удари врз македонскиот јазик и идентитет.

И како во секоја шибицарска игра, сега поентата ја сели во друго кутивче. Демек, двете теми кои го вознемирувале бугарското општество биле суверенитетот на Бугарија и прашањето за малцинствата. Јасно е дека  второво им е главен проблем. Малцинствата, или ги има во двете земји, или ги нема.

И додека Бучковски нуди  нон- пејпер со гаранции за прашањата кои го загрижуваат бугарското општество, другарката на Борисов, Захариева, преку интервју докажува дека немаат никаква врска Борисовите ламентирања за сегашните и идни поколенија. Таа е децидна и се враќа на клучната бугарска тема: „Бугарија сака да биде признаена историската вистина и бара гаранциите за тоа да станат дел од Преговарачката рамка“.

Со такви ставови, и под такви услови, нема простор за разговори. Наивно звучат надежите на домашни политичари, дека состојбата ќе омекне по изборите во Бугарија. Вистината е дека која било гарнитура да дојде на власт, ќе се држи до истата рамковна позиција.

Ако нашиот почеток на преговори од ЕУ треба да биде овозможен под услов да гарантираме дека еден ден ќе ја прифатиме едностраната „историска вистина“, тоа ќе биде самоубиство на рати, еден маѓепсан круг во кој постојано ќе налетуваме на истите идентитетски мини.

Ова е натпревар, чиј резултат не зависи од играчите, ако едниот тим одредува какви дресови смеат да носат во другиот тим, ако одредува каква е етногенезата на јазикот на кој другите ја пеат својата химна, ако одредува кој смее да стои на мрежата на противникот, односно кој има право да биде дел од неговата историската „репрезентација“.

Оние кои се будеа и заспиваа со изјави за расчистување на историјата, кои ѝ држеа штоперица на Комисијата, кои ја обвинуваа за бавност, сега тешко ќе одглумат дека тоа е нешто за кое, сепак, ќе има доволно време.  Ама ни по тоа прашање не се синхронизирани.

Ова е натпревар кој не зависи ни од публиката, без оглед што таа има важна улога – да предупредува на црвената линија, на недозволена позиција… Ова е натпревар кој зависи исклучиво од судиите.

Нема фер- натпревар во нерамноправна, асиметрична позиција, кога едната земја е надвор, а другата членка на клубот. Тој натпревар ќе биде на фер основа, кога судијата ќе отсвири за промена на механизмот на одлучување во европската лига. Како што потенцираат и од Советот на амбасадори, потребен е принципот „консензус минус еден“.

Не верувам дека сегашниот принцип на одлучување ќе се смени заради нашиот проблем. Ако се случи, сигурно ќе биде заради некоја европска потреба. И не верувам дека ќе биде брзо.

Дотогаш, може да разговараме и да соработуваме со соседите за инфраструктурни, инвестициски, културни и други проекти, двострано да ги разгледуваме учебниците, да го елиминираме говорот на омраза…

Но, заради брзање кон ЕУ, не смееме брзоплето да прифатиме нешто што ќе нѐ сведе на идентитетска реалност само по 1944 година.

На крајот, Борисов колку сака може да се лути за изјави кои бугарското вето го доведуваат во врска со политичкото билдање рејтинг пред изборите. Не го кажал тоа само Пендаровски, го кажале уште десетици и десетици европски и светски политичари. Бидејќи имаат и со што да споредат.

И Алексис Ципрас беше пред избори, и знаеше дека Преспанскиот договор ќе му го урниса рејтингот, но покажа дека побитно од нов мандат е да отвори нови перспективи меѓу двете земји, да покаже визија, енергичност и храброст. Ги изгуби изборите, но си обезбеди место во историјата.

Борисов не е Ципрас. Неговите политички противници тврдат дека сето негово „визионерство“ го собира во една фиока, како онаа во која се снимени снопчиња евра, злато и оружје, за кои тој тврди дека му се подметнати заради компромитирање. Нема да се впуштаме во тамошните пресметки.

Патем, и фиоките некогаш може да завршат добра работа: само ако се заклучат во нив духовите од минатото.