Зиро Македонци

Кај власта завладеа еуфорија околу начинот на кој Бојко Борисов го соголе ВМРО-ДПМНЕ – објави видео, кое беше нострифицирано како доказ за двојните аршини на опозицијата – дека едно да зборуваат дома, друго гугукаат во странство. Демек, немало други докази досега, па Борисов „ја открил Америка“.

Да сум на местото на власта, би била многу претпазлива околу намерата на бугарскиот премиер со тоа видео, имајќи ги предвид двојните аршини на Борисов. Да не заборавиме, тој се залагаше Северна Македонија да почне преговори со ЕУ, но откако тоа не се случи поради француската блокада, на 23 октомври, во емисијата „Лице в лице“ на Бугарската телевизија, изјави дека „Макрон бил во право“. 

Неговата клучна аргументација беше: ако ориентацијата на една држава кон ЕУ зависи само од едно лице (партија), тогаш таа држава не е подготвена за тој пат. Притоа раскажа како се борел на самитот да добиеме уште една шанса, со оглед дека и името сме го смениле заради интеграцискиот пат. 

Според негово лично признание, тоа одело вака: „Им дадов на колегите во Советот еден пример. Пред многу години, кога Борис Тадиќ беше претседател на Србија, сите ние многу сакавме Србија да почне преговори со ЕУ. Тогаш Саркози беше претседател на Франција. Саркози се сврте кон мене и ми рече: ‘Бојко, ако во една држава нејзината ориентација зависи само од еден човек, тогаш таа држава не е за во ЕУ’. Јас тоа многу добро го запомнив и сега го цитирав таму“, изјави Борисов.

Значи, тој се борел за нас, но со едно големо „АМА“, што заслужува тривијален одговор – „Аман чичко не ме брани!“ Барем не на таков начин. 

Во превод, Борисов кажал дека ако само партиите и лидерите што го поддржуваат Договорот од Преспа и договорот со Бугарија се за ЕУ, а другите – не, тогаш таа земја реално не е зрела да почне преговори со Унијата. Односно, ако на власт дојдат критичарите на тие договори, европската перспектива ќе биде загрозена. 

Две недели подоцна, на 11 ноември, српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата со Макрон во Париз, изјави дека „е можно одлука за преговори да биде донесена во март, бидејќи се плашат од резултатите од изборите во Скопје и не сакаат да бидат виновни за поразот на некој кому му ветиле нешто, за нешто што тој направил“. 

Да сум на местото на власта, би била многу претпазлива околу намерата на бугарскиот премиер со тоа видео, имајќи ги предвид двојните аршини на Борисов

Оваа изјава со нелагодност беше доживеана во домашната опозиција. Во неа насетија можен силен ветар во едрата на владејачката коалиција, бидејќи таква одлука на ЕУ две недели пред изборите може само да зацементира нова победа на сегашната власт.

И што прави стариот лисец Борисов? Иако на прв поглед изгледа дека на дрзок начин ја демаскира хипокризијата на најголемата македонска опозициска партија, тој всушност ја документира нивната јавна потврда дека и без Заев, земјата ќе продолжи по европскиот пат. 

Во неговата калкулација на минимум се сведени штетите од овој „момент на вистината“ што ќе ги претрпи ВМРО-ДПМНЕ на домашен терен, наспроти ќарот ако во ЕУ се тргне стравот дека и без Заев земјата нема да скршне од европскиот пат, односно и без одлука за преговори со ЕУ националистите нема да се свртат кон Исток. 

Видеото е вистинска илустрација за малите игри на големите мајстори на политичката кујна. Бугарскиот премиер, со брзина на келнер, ги расчисти чашите од масата, го остави само кафето за себе, додека Христијан зачудено гледаше како Бојко му го одзема и шишето со вода од пред нос. Масата беше расчистена, за во кадарот да бидат само Мицкоски, Борисов и клучните изјави. Јасно е дека целта на Борисов била да документира изјава. 

Погледнете го внимателно видеото. Во еден момент (на 1 минута и 40 секунди), Борисов погледнува кон камерата што снима, и веројатно по добиен знак, го поместува столчето уште поблиску до Мицкоски, за да остане во тесен кадар заедно со лидерот на опозицијата. 

Масата беше расчистена, за во кадарот да бидат само Мицкоски, Борисов и клучните изјави. Јасно е дека целта на Борисов била да документира изјава

Прашањата му се кратки и конкретни – ставот за ЕУ и за Договорот со Бугарија, а по потврдните одговори од Мицкоски задоволно констатира: Добро е тоа да се слушне јасно, затоа што не се знае утре кој ќе победи на изборите. „Ние знаеме кој ќе победи, ние знаеме“, му одговара Мицкоски. Бојко тука ја крати објавената снимка, иако разговорот продолжува. 

Па сега, размислете каква е пораката. Игрите на Борисов му отвораат широк маневарски простор. Ако на изборите победи СДСМ, може да тврди дека тој ги демаскирал двојните аршини на ВМРО-ДПМНЕ. Ако победи опозицијата, ќе тврди дека тој го демонополизирал впечатокот дека само СДСМ и албанските партии се залагаат за ЕУ и за добрососедски односи. 

Не случајно му вели на Мицкоски – „јас сега се видов со Мицотакис, тој ќе се види и со тебе“, со потконтекст – ова што сега ми го зборуваш мене, ќе му го кажеш и нему. 

Но, без разлика дали и на чие партиско конто оваа снимка ќе донесе поени, понижувачки е да гледаме партиски лидери како да се на распит во полициска станица, без да знаат дека некој ги снима. Или да мислат дека се снимаат само инсерти, без тон. Од тој аспект, потегот на Борисов е дрзок. 

Денес им е приреден на едни, утре можеби на други, но ако ваквиот пристап го покажува односот кон земјава, сите треба да бидеме разочарани. 

Но, најразочарани од самите себе. Непријатно е да се слуша како мерката за европски ориентиран Македонец се баждари низ фактот кој бил полу Американец, кој школуван во Америка, Италија, Германија, кој ангажиран во Стразбур и други тешки провинциски инфериорности. 

А потоа ќе се удираме во гради со македонизмот и Македонците и ќе се бориме против бугарската декларација. Со што? Со признанието дека сме „полу или прави Американци“? А Македонци колку сме? Колку кока-кола лајт, или кока-кола зиро?