Личното, но и индивидуалното лицемерие, во вид на создадена илузија за праведност и доблесност, како и дозволата на себеси да се биде вклучен во однесувања за кои се критикуваат другите, останува да биде доминантна слика и за современите општества. Последното истражување за стереотипите и предрасудите во односите меѓу луѓето и групите, како и социјалната дистанца во македонското општество, спроведено од Македонскиот центар за меѓународна соработка, покажа еден прилично загрижувачки резултат, кој ретко е сфатен како посериозен општествен проблем.
Имено, мнозинството од нашите сограѓани не сакаат соседи што се зависници од дрога (91%), зависници од алкохол (88,6%), луѓе со криминално досие (82,2%), хомосексуалци (81%), лица заболени од ХИВ (77,2%), и имигранти (71,2%). Мнозинството од граѓаните не сакаат да живеат покрај лица припадници на субгрупи (56,3%), лица со хендикеп (52%) и Роми (52,1%). Дополнително, ставовите во 2021 година, во однос на ставовите во 2010 г. покажуваат стабилност во неоправданоста на абортус (околу 75%) и хомосексуалноста (околу 88%).
Од резултатите се гледа дека групите што се најмногу стереотипно перцепирани како помалку способни и помалку пријателски од другите се лезбијките, геј-мажите и бисексуалните лица, по нив следуваат Ромите и лицата со попреченост. Ако на едните се гледа со доза на презир и гнев, кон другите се гледа со доза на сожалување.
Едно од клучните научни сознанија поврзано со општествената хипокризија е дека луѓето повеќе го забележуваат лицемерието кај другите, отколку кај себеси
Сепак, огромно мнозинство, односно речиси 80 проценти, како примарна вредност, изјавиле дека им е важно секој човек во светот да биде третиран подеднакво и да има еднакви можности во животот и им е важно да ги заштитат слабите во општеството.
Истражувањето јасно укажува на нормализираната хипокризија што поединците често и не можат да ја препознаат кај себеси. Неусогласеноста на вредностите води, не само до сериозна дискрепанца помеѓу доминантните лични вредности и однесувања, туку често може да води и до градење алиби за вакви однесувања во општеството, односно одржување култура на хипокризија, чии резултати се токму лошото владеење и општествената нееднаквост. Со други зборови, нашето општество е исто како и проектот „Скопје 2014“, однадвор раскош, однатре стиропор и мувла.
Ако е за утеха, Македонија не е единствениот случај на општествена хипокризија. Напротив, ова е слика на повеќето општества во светот, а на науката не ѝ се непознати обидите да се истражи и да се реши овој проблем. Едно од клучните научни сознанија поврзано со општествената хипокризија е дека луѓето повеќе го забележуваат лицемерието кај другите, отколку кај себеси. Со други зборови, луѓето имаат тенденција да ги оценуваат сопствените лицемерни однесувања (кога зборовите и делата не соодветствуваат), како помалку непристојни во споредба со истите однесувања кога се направени од други.
Исто така, хипокризија повеќе се оправдува кога е видлива помеѓу членови на дадена социјална група во која се припаѓа, а повеќе се критикува кога е практикувана од некои што не се дел од дадената група. Зборовите што не соодветствуваат со делата се поприфатливи од „нашите“ отколку од оние што ги сметаме за други.
Така, верното гласачко членство на политичките партии нема никогаш да успее да предизвика промени однатре затоа што не успева (или поточно одбива да успее) да го детектира проблемот кај себе онака како што го детектира кај другите. Или, никогаш нема да се ослободиме од национализмот или шовинизмот доколку не почнеме да го забележуваме и критикуваме во нашата етничка група со онаа леснотија и посветеност како што го забележуваме кај другите етникуми или нации.
Ангажирањето на себеси во оправдувањето на сопственото лицемерие, или лицемерието во групата во која се припаѓа, сепак, сугерира дека луѓето имаат негативен став кон прекршувањето на нормите на правичност, без разлика дали се донесени од самите нив или од другите. Оттука, сосема е очекувано тоа што поединците, групите и општествата повеќе се ангажирани во одржувањето репутација на правичност и доблесност, отколку во градењето правична и доблесна реалност.
Голема е разликата меѓу автентичната желба да се биде правичен и доблесен и желбата да се изгледа „морално исправен“ заради репутација
Голема е разликата меѓу автентичната желба да се биде правичен и доблесен и желбата да се изгледа „морално исправен“ заради репутација. Веројатно, затоа на луѓето посимпатични им се искрените морални „пропалитети“ отколку лажните морални грамади. Но, и покрај сѐ, постојат одредени општествени групи за кои луѓето немаат потреба ниту да ја маскираат омразата и неприфаќањето.
И покрај тоа што македонските граѓани наводно се водени од вредноста дека сите човечки суштества треба да бидат третирани подеднакво, тие, сепак, разликуваат кои групи најмногу ги „заслужуваат“ овие права и еднаквост. Токму овде се крие лицемерието на еднаквоста.
Конечно, јас не тврдам дека лицемерието е апсолутно непожелно за поединците, групите и општествата. Повеќе ја застапувам тезата дека „мноштвото лица“ што една личност мора да му ги покаже на светот, не го маскираат, туку го сочинуваат нашето Јас. На пример, Јапонците прават разлика меѓу јавното или „предното јас“ (omote) и приватното/личното или „задното јас“ (ura), но двете Јас, сепак, ги сметаат за автентични.
Оттука, не сметам дека проблемот ќе се реши преку застапување за некаква невозможна апсолутистичка позиција на постојана и бескомпромисна наводна „искреност“, туку кон давање на себеси и на колективот дозвола за вакви отстапки, но и мотив за промена. Со други зборови, да се помириме со фактот дека не сме совршени, да престанеме да вложуваме премногу енергија во градењето слика за себе и да тренираме постојано самокритичност и себепреиспитување, во надеж дека промените ќе водат кон подобри луѓе и подобри светови.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и ненужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија