За националноста на Гоце Делчев

Уште од времето кога се обидував да го оформувам своето образование, во главата ми остана името на Анѓелко Крстиќ (1871 – 1952), писател од Лабуништа. Него го учевме во графата „македонски писатели што пишувале на други јазици“. Имено, Крстиќ иако најголемиот дел од животот го поминува во своето родно Лабуништа, каде што конечно и умира, целиот свој живот не само што пишува на српски јазик, туку и се определува како Србин.

Анѓелко Крстиќ во српската културна историја зафаќа видно место како српски писател и просветител, но и како борец на српската војска во Балкански војни и во Првата светска војна, со поттекст дека станува збор за автор од „стара“ Србија.

Веќе рековме дека Македонија, без оглед на неговото самоопределување, туку според низа други битни фактори (меѓу другото, поради потеклото и темите што ги обработува) го смета за македонски автор, додуша без некоја поголема валоризација на неговото дело.

Наспроти Крстиќ, фамозниот публицист, камерман и политички работник Виктор Аќимовиќ (1915-1987), по потекло од тетовско просрпско семејство, беше она што јас би го нарекол „македонски веленационалист“. Конечно, поради неговите ставови бил затворан во Јужната Бановина, а уште повеќе во Народна Република Македонија.

Со оглед дека имав можност да го познавам, знаев да се шегувам со неговото презиме и неговиот национализам, а тој отприлика ќе ми одговореше: „Ах, вие млади и необразовани. За вас и Кирил Пејќиновиќ е Србин. Презимињата на –иќ се стари тетовски презимиња“. Синот на Виктор Аќимовиќ, големиот словенечки режисер и снимател Карпо (Аќимовиќ) роден во Скопје 1943 година, себеси се одредува како Словенец и речиси воопшто не го споменува своето македонско потекло.

Иво Андриќ и Меша Селимовиќ, за време на својот живот се определиле како Срби, а Бранко Ќопиќ, на пример, како Југословен. И денес се кршат копјата која национална култура ќе ги „присвои“ нивните вредности и ќе ги „смести“ во сопственото културно наследство, иако, се разбира, поради нивното потекло, но уште повеќе поради специфичниот јазик на нивните дела и пред сѐ темите што ги обработуваат, тие спаѓаат во корпусот на босанско-херцеговската култура.

Се разбира, има безброј примери по светот каде што, преку истакнати уметници и поединци, се усложнува онаа наша, би рекол, прилично поедноставена национална поделба. Први на памет ми паѓаат Кундера, Пикасо, Миро… или американските филмски режисери Милош Форман, Иван Рајтман, Роман Полански… Но, не е само уметноста таа што ни ги меша лончињата. Аргентинецот Ернесто Че Гевара со своето дело е можеби најмалку врзан за својата татковина. Тројца генерали, високо  позиционирани во Мексиканската револуција на Емилијано Запата се Полјаци. На крајот на краиштата, според нашето сфаќање на „националните графи“ и Адолф Хитлер не е Германец, туку Австриец, иако неговото име во целиот свет секако е синоним за нацистичка Германија.

Парадоксално е дека оваа идеја за слободен проток на идеи, луѓе и добра му е добро позната токму на Гоце Делчев. Целата негова мисла се движи во тој правец, па и онаа универзална максима за разбирањето на светот како поле за културен натпревар меѓу народите не е ништо друго, туку потврда на суштинската идеја на денешната Европска Унија

Сите овие примери ми паѓаат на памет по повод, би рекол, недоветната бугарско-македонска расправа околу националната припадност на Гоце Делчев. На страна што е бесмислено во овој период на XXI век и со ова сфаќање на националното прашање да се расправа за националните чувства на луѓето што живееле во XIX век, особено пред да создадат сопствена држава.

На крајот на краиштата, националната припадност не е дадена еднаш засекогаш. Па дури не е дадена ниту со раѓање. Ако беше така, сега не би постоеле ни Американците, ни Австралијците, ни Австријците, а богами ни Бугарите. Значи, создавањето на нацијата е општествен процес и, како што би рекол Маркс, зависи од развојот на општествените сили и односи.

Тоа најдобро можеме да го видиме со „епидемијата“ на бугарски пасоши во земјата. Познато е, имено, дека за да се добие бугарска патна исправа треба да се декларираш како Бугарин по потекло и да ги изразиш своите бугарски „чувства“. Сето тоа, сите тие илјадници барања за бугарски пасоши се запишани во некои книги, кои некогаш ќе послужат како доказ дека на оваа територија живееле и живеат Бугари.

Но, дали македонските државјани со бугарски пасоши се навистина Бугари? Не се, се разбира. За жал повеќето од нив, повеќе не се ни Македонци, туку се Германци, Швајцарци, Британци, Французи и било што друго што со помош на овие исправи ќе им овозможи да се чувствуваат пристојно и да го исполнат својот живот.

Парадоксално е дека оваа идеја за слободен проток на идеи, луѓе и добра му е добро позната токму на Гоце Делчев. Целата негова мисла се движи во тој правец, па и онаа универзална максима за разбирањето на светот како поле за културен натпревар меѓу народите не е ништо друго, туку потврда на суштинската идеја на денешната Европска Унија. Ако сакате, и Илинден преку Крушевската Република, односно преку Крушевскиот манифест (без оглед на полемиките кога, како и од кого е напишан), па и АСНОМ се токму на оваа иста линија.

Дебатата околу националноста на Гоце Делчев, особено во делот на инсистирањето дека е Бугарин, е целосно бесмислена, но не е безопасна. Зад неа, всушност стои идејата дека во Македонија до 2 август 1944 година живееле Бугари! Или барем мнозинство Бугари! Со поттекст дека ова било традиционална бугарска територија. Повторно занемарувајќи ја развојната компонента и историскиот контекст.

Еве, да земеме (хипотетички, се разбира) дека Македонците се „измислени“ 1944 година и создадени со декрет. Па што! И машините за перење алишта се измислени, па постојат. Македонците постојат, тие се ноторен факт и тука никакви ревизии на учебници или пропагандно-политички пораки не можат да променат ништо.

Ако по некој случај сега од некаде се појави Гоце Делчев, веројатно би рекол: „Јас повеќе ништо не разбирам“. А богами и јас.