Регион

Албански музеј ги чува сеќавањата на комунистичкиот терор

Музејот во Скадар ги чува сеќавањата на жртвите на еден од најбруталните режими во Источна Европа

„Скадар претрпел многу во раните години на комунизмот, особено од 1956 до 1960 година, кога градот бил како комунистички затвор“, вели за БИРН, историчарот и кустос на Музејот на сведоци и сеќавања, Пјерин Мирдита.

Историчарот и кустос на Музејот на сведоци и сеќавања, Пјерин Мирдита, на посетителите им покажува документи. Фото: БИРН/Мадалин Нексуту

Едно време, комунистите воделе најмалку 23 затвори во Скадар, град населен со бројно католичко население, каде, за време и по Втората светска војна, се бореле за контрола.

Десетици илјади Албанци, за време на комунистичкиот режим, биле испратени во работни логори од политички причини, а најмалку 6.000 се погубени, сметаат повеќето експерти.

„Во текот на тие години, отпорот во Скадар сè уште бил голем, можеби не директно против државата, но тој постоел во срцата и мислите на луѓето“, вели Мирдита.

Тој додава дека некогашното католичко училиште функционирало како центар за испрашување и тортура.

„Прво, (затворениците) биле тука во периодот на испрашување, кога трпеле физичко и психичко измачување. Откако ќе биле осудени, ги префрлале во други затвори низ земјата“, објаснува тој.

Ходникот со црвена боја го симболизира страдањето

Внатрешноста на Музејот на сведоци и сеќавања, е поделена на два дела со црвен ходник, кој го симболизира, често крвавото страдање на луѓето, кои оделе во просторијата за испрашување, најтемната просторија во овој објект.

Ходникот бојадисан со црвена боја, кој води до ќелиите на политичките затвореници. Фото: БИРН

Во влезниот хол е поставена изложба на фотографии на жртвите, со датуми и постери, а тука е и една мала просторија за прикажување на видеоматеријали. Во вториот дел, се наоѓа уште една изложбена сала и ќелиите на затворениците, заедно со просторијата за испрашување.

Од двете страни на ходникот се наоѓаат 23 ќелии, поставени едни спроти други. Во овие тесни ќелии, секоја помала од четири квадратни метри, кои се нарекувале „бируца“ (дупки), затворениците биле сместувани пред и за време на испрашувањето.

Некои од нивните испишани пораки, заедно со пропагандни комунистички весници, се наоѓаат по ѕидовите на ќелиите.

 

Ќелија по чии зидови се залепени комунистички весници. Фото: БИРН

На крајот од ходникот е една голема, темна и студена просторија која служела за испрашување. Таа дури и денес предизвикува морници кај оние што ќе поминат покрај неа.

Електрифициран столб и бодликава жица лежат во едниот агол на просторијата, додека во другиот, зад машината за пишување, седи лик на офицер кој го вршел испрашувањето. Инструментите со висок напон, кои биле користени за физичко и психичко мачење на затворениците, се наоѓаат на друга маса во оваа просторија.

Собата за испрашување во која припадниците на комунистичката тајна полиција ги мачеле затворениците. Фото: БИРН

Двапати на ден, по два часа, затворениците биле принудени да читаат книги од (доживотниот комунистички диктатор) Енвер Хоџа. И тие редовно биле тепани“, објаснува Мирдита.

Хоџа управувал со Албанија, со железна тупаница, од 1946 до 1992 година, имитирајќи го Сталин долго откако сталинизмот бил дискредитиран во другите земји од Источниот блок. Плашејќи се од Западот и од своите соседи, Хоџа целосно ја изолирал својата земја од надворешниот свет, следејќи ги неговите сопствени рецепти инспирирани од Советскиот сојуз, за развој на земјата.

„Реедукацијата“ на затворениците во Скадар продолжувала во работните логори, во кои имало бројни затвореници. Многумина никогаш не се вратиле оттаму.

„Тие морале да работат во рудниците на смени по осум часа дневно. Тоа било како гулагот во Русија за време на Ленин или Сталин“, додава Мирдита.

Држава која сè уште ја прогонува минатото

Како и многу други земји кои по Втората светска војна се најдоа на советска страна зад Железната завеса, и Албанија, која денес тропа на вратата на Европската унија, откако беше примена во НАТО во 2009 година,  продолжуваат да ја прогонуваат комунистичките злосторства.

Зидот на сеќавањата, на кој се поставени фотографии на луѓето што биле затварани и мачени. Фото: БИРН

Сеќавањето на десетиците илјади политички жртви на поранешниот режим, се чува на места како што е Музејот на сведоци и сеќавања во Скадар.

Јавноста и туристите кои го посетуваат музејот можат да погледаат кратки филмови во аудио-визуелната соба. Во библиотеката може да прочитаат книги за комунистичкиот режим во Албанија, како и литература напишана во и за затворот.

„Имаме библиотека која е отворена за јавноста, така што секој може да дојде овде да учи, да чита или едноставно да го помине слободното време“, вели  Мирдита за БИРН.

Наставниците ги носат своите ученици на ова место, за тие да дознаат за трауматското минато на земјата, но не само за да ги едуцираат за минатото, туку и да обезбедат, ваквите ужаси да останат во минатото и да не се повторат повеќе.

„Имаме многу ученици, како и наставници по историја, кои доаѓаат овде. Тие можат да го видат и да го допрат ова место и да почувствуваат колку бил строг режимот“, додава Мирдита.

Заинтересираните ученици можат дури и да запознаат некои од поранешните политички затвореници, да разговараат и „да ја споделат историјата со нив“.

Мирдита вели дека верата била клучна за опстанокот на многу луѓе во овој проблематичен регион, каде комунистите, по Втората светска војна, со години се бореле по планините против антикомунистичките бунтовници.

Режимот на Хоџа отишол уште подалеку од Советскиот сојуз во 1967 година, кога ги забранил сите религии и ја прогласил Албанија за прва атеистичка држава во светот.

Но, Мирдита објаснува дека многумина во Скадар ја задржале својата вера. „Религијата тука преживеала во домовите на луѓето“, вели тој, истакнувајќи дека градот останал и останува дом на трите главни вероисповеди во земјата – католичката, исламската и православната.