За поинаква Нова година

Деновиве ја препрочитувам колумната на Антонио Грамши, објавена на 1 јануари 1916 година. Вели, „секое утро, кога ќе се разбудам повторно под сенката на небото, чувствувам дека за мене тој ден е Нова година. Тоа е причината поради која ги мразам овие нови години, што паѓаат како фиксен период на достасаност, што ги претвори животот и човечкиот дух во комерцијална загриженост за уредно завршување на сопствената завршна сметка. Тие прават да се изгуби континуитетот на животот и духот. Започнувате сериозно да размислувате дека помеѓу еден ден и наредните постои пауза, дека историјата е нов почеток (…) Тоа е причината поради која ја мразам Нова година. Сакам секое утро да биде Нова година за мене“.

И по 102 години од таа колумна, чинам дека човечките заблуди за кои пишува Грамши сѐ уште се „на сила“. Живееме во надеж дека датумот сам по себе ќе донесе нов пресврт по завршната сметка со која сме ја затвориле старата година. Небаре не постои природен континуитет. Небаре пресвртот зависи само од датумот, а не од нашата свесна акција со која треба да го направиме, сами да додадеме вредност на нашите очекувања.

Нема да речам дека ги мразам новите години како датум-меѓник, но сигурна сум дека не ја сакам фамата што се содава околу нив. На таа 365-та полноќ, навистина не се случува некаков феномен, како што вели Грамши, „нешто како кога во киното се кине филмот и добиваме интервал од блескава светлина“. Нема таков момент, таков временски процеп кој квалитативно ќе означи „што беше беше, сега почнува нешто ново“.

Важно е да се покаже дека судскиот систем функцинира на принципите на фер и правичност. И без „задолжителност“ од притвори, кога постојат и други валидни мерки на претпазливост

Не е виновен Дедо Мраз. Ниту тој одеднаш поскржавел, ниту решил да направи „егзит“ од пресвртничката магија во која веруваат големите. Виновни сме сите ние кои секојдневно и доброволно ја напуштаме намерата навистина нешто да смениме во подобра насока. И сѐ додека е тоа така, илузорно е да очекуваме дека на 1 јануари одеднаш ќе се разбудиме како подобри луѓе, во посреќно општество. Не. Секоја година старите „куфери“ само рутински ги пренесуваме во новите години, со истите навики, дилеми и рефрени. Најмногу со оној – „нема правда- нема мир“.

Тој рефрен го пееше претходната опозиција и граѓаните кои се залагаа за промени, а денеска го пее актуелната опозиција. Кога протагонистите се менуваат, а песната останува иста, нешто мора да не е во ред. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека невини луѓе ќе ја дочекаат Нова година во притвор. Не Нова година, кој било ден е лошо да се дочека во притвор.

Изминатата деценија тоа го искусија многу жртви на партизираното судство и недемократската власт. ВМРО-ДПМНЕ не реагираше на тоа, тврдеше дека функционира правната држава, независното судството, и покрај тефтерите со судска лојалност и налозите за притвори и затворски казни кои излегоа на виделина. Казната за тоа ним им стигна на изборите. Се случија промени во власта.

Но, промените никогаш нема да бидат комплетни, ако не ги зафатат сите сфери во општеството. Третата, судска власт, е најважна од тој аспект. Она што со децении беше критикувано, дека притворот не смее да се третира како казна, мора да фати корен во судската практика. Се разбира, има случаи каде притворот ќе биде неизбежна мерка, но тоа би требало да биде повеќе исклучок, отколку правило. Го слушам Народниот правобранител, Иџет Мемети, кој вели дека „со приведувањето на шесте пратеници осомничени за настаните од 27 април, е повредено правото на пратенички имунитет и пресумпцијата на невиност“.

Оваа констатација не смее да дочека Нова година. Мора јасно да се знае имало или немало таква повреда. Знаете ли колку правосилни пресуди паднале заради повреда на процедурата и човековите права? Затоа прашувам – што е целта на судството – да обезбеди правда или да ја направи правдата недостижна поради грешки во чекори? Со тоа истовремено се компромитираат и сите заложби за реформи во правосудството, ако нивни носители во судството треба да бидат лица кои ја накривиле вагата на Јустиција.

Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ никако не смее враќањето во парламентот да го условува со укинување на притворите издејствувано од власта, во замена за опозициската конструктивност. Укинувањето на притворот мора да биде судски аргументирана и донесена одлука, а на партиски нарачана. Во спротивно, не е важно дали ќе имаме конструктивно ВМРО-ДПМНЕ во парламентот, ако таа конструктивност треба да биде „наплатена“ со деконструкција на владеењето на правото и повторно мешање на секрети меѓу трите власти.

Тоа значи дека ќе продолжи политиката на правна неказнивост. И пак ќе ечи рефренот „нема правда нема мир“, а Македонија ќе мора да се збогува со надежта и можноста за какви било интеграции на многу долг рок, што во такви наши искривоколчени стандарди, би можело да значи – збогување засекогаш!

Судството мора да го фати кокпитот в раце според политички независни, професионални и законски стандарди, а не според моменталната конјуктура да се допадне некому.

Изјавата на Заев, „на сите преку глава ни е од притвори“, не треба да се сфати ни како налог, ни како влијание врз работата на судиите. Бидејќи, истата беше повторувана и кога Заев не беше премиер. Од друга страна, опозицијата мора да сфати дека најголема конструктивност е соочувањето со одговорноста. Тоа многу јасно и искрено го посочи поранешниот вицепремиер и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Пешевски, во отвореното писмо до идниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ.

Судството мора да го фати кокпитот в раце според политички независни, професионални и законски стандарди, а не според моменталната конјуктура да се допадне некому

„Гневот раѓа нов гнев, одмаздата носи нови одмазди. А сепак, за голем број прашања кои се од национален интерес ќе треба во иднина да градиш консензус со СДСМ (…) Но, за жал, треба да бидеш свесен дека и покрај сѐ, некои работи ќе мора да се докажат и расчистат во судски постапки. Aко долгорочно сакаме Македонија да успее како држава, ќе мора сега да покажеме зрелост и да инсистираме и ние на принципот на одговорност. Неуставните механизми и решенија ќе мора да се прекинат или да им се најде друга форма, и ќе мора да инсистираш на активно вклучување и на опозицијата во правосудните реформи“, му напиша Пешевски, на тогаш, сѐ уште неизбраниот нов лидер на партијата.

Немам информации како тоа писмо е рецензирано во ВМРО-ДПМНЕ, но мислам дека Пешевски на лидерот и на партијата им ги остави досега најискрените и највредните сугестии за вредностите и принципите околу кои треба да се обедини партијата во периодот што следи.

Во оперативната зона меѓу синтагмите „на сите преку глава ни е од притвори“ и  „и покрај сѐ, некои работи ќе мора да се докажат и расчистат во судски постапки“, судството треба независно да постапува, а општеството да почне процес на помирување и градење доверба во институциите. Важно е да се покаже дека судскиот систем функционира на принципите на фер и правичност. И без „задолжителност“ од притвори, кога постојат и други валидни мерки на претпазливост. 

Би било добро еднаш да ставиме крај на досегашните воскреснувања на „среќна Нова ’49-та“ и духовите на непотребни репресии, и еднаш да зачекориме во цивилизациски различна Нова година. Денот кога тоа ќе се случи, ќе биде почеток и на нашата Нова деценија.

Се надевам дека следнава ќе биде таа година. Дека во ниеден дом нема да недостига пакетче под елката, дека нечии татковци и мајки ќе се вратат од „службен пат“, дека никој не мора да се плаши ако вистината е на негова страна, и дека имаме сила да изградиме институции кои ќе го овозможат тоа.