За суспендираниот парламент

Британскиот премиер Борис Џонсон се соочува со сериозен отпор ширум политичкиот спектар на Велика Британија поради неговите радикални политики во однос на разводот со Европската Унија, а особено по неговата одлука да го суспендира на повеќе од месец дена британскиот парламент. И тој отпор е најмногу видлив токму – во Парламентот!

Во Македонија не постои уставно право за суспендирање на Парламентот, ако се изземат оние радикални ситуации – воена состојба или тешка временска непогода, кога Парламентот не е во состојба да заседава. И не мора да постои, затоа што нешто што е веќе суспендирано не може пак да се суспендира.

 И, се разбира, гласовите што предупредуваат на состојбата на суспендирана парламентарна демократија се размерно ретки и слабо слушливи во бучавата создадена во интернетската шума  додека спротивставувањето на оваа мајка на сите кризи е најмало (поточно воопшто го нема) – во самиот Парламент.

Најавата на продолжување на преговорите на партиските работни групи за донесување на Законот за јавно обвинителство, претставена како некаков демократски исчекор во евроатлантските интеграции, всушност, е само уште еден показ на отстранувањето на Парламентот, стручната јавност, па, ако сакате, и пошироката јавност од секоја побитна дебата во земјата. Впрочем, исклучувањето на Парламентот почна уште со воведување на институтот „лидерски средби“, кои, ете, денес се збогатени и надополнети со партиски работни групи.

Со други зборови, политичките партии се јавуваат во улога на некакви врвни арбитри, а нивните лидери во улога на некакви народни трибуни, кои најдобро ја разбираат волјата на народот и настапуваат во негово име. Затоа тој што не мисли како нив се прогласува за „предавник на народот“, „народен непријател“, „одроденик“ и слично.

Исклучувањето на Парламентот почна уште со воведување на институтот „лидерски средби“, кои, ете, денес се збогатени и надополнети со партиски работни групи

Лидерите на овдешните најголеми политички партии, иако немаат формално образование од класичните науки, сепак би требало да знаат дека моделот на демагог од „високото добро утро“, кој стекнува власт така што го распалува незадоволството на плебсот потекнува од доцниот период на Римската република, кога народните трибуни се нафрлија на патрицискиот Сенат, често поттикнувајќи го гневот на незадоволната толпа.

Без оглед на фактот дека многу работи со привилегиите на естаблишментот на Римската република биле неправедни, сепак овој тип демагогија доведе до падот на Републиката и востоличување на империјалната диктатура. На крајот на краиштата, и ние имаме блиско искуство со воспоставување на криптоавторитарни режими, базирани на волјата на „безгрешните водачи“.

Жално е, дури и мачно тука да се презентираат основните лекции по парламентарна демократија. Во либералните демократии (така барем ние се претставуваме), во парламентот не постои терминот „народ“. А народна волја уште помалку. Или, пак „единствен глас на народот“. Идејата дека државата ја претставува волјата на народот потекнува од француските јакобинци и, секако, е отфрлена во модерните демократии.

Политичарите, имено, не се избираат за да ја искажуваат „волјата на народот“, туку за да застапуваат различни интереси (леви, десни, еснафски, сталешки, малцински…) и потоа за нив се дебатира во парламентот, со идеја дека преку компромис ќе се дојде до некакво прифатливо решение. Со други зборови, станува збор за посредна, а не за непосредна демократија.

Британскиот автор Ијан Бурума наведува дека дури ни референдумите не се својствени за либералните демократии, освен ако не станува збор за специфични локални комунални прашања. Тој наведува дека кога Черчил во 1945 година предложил преку референдум да се продолжи мандатот на неговата воена влада, оваа идеја ја отфрлил тогашниот водач на опозицијата Клемент Атли како „туѓа на сите наши традиции“.

Од друга страна, Мусолини, пак, бил голем поборник на референдумите, како што е впрочем во повеќето диктатури. Во затворените системи (или како што ние сакаме да кажеме „заробени држави“) на плебисцитите се гледа како на „непосредна демократија“, кога волјата на народот наводно својот најнепосреден израз го наоѓа во волјата на „големиот водач“.

Потценувајќи го парламентот  нашите партиски лидери всушност се подеднаква опасност за нашата демократија како што тоа беа популистичките агитатори за Римската република

Фамозната „волја на народот“ во современите демократии е преобразена во јавно мислење. Јавното мислење, пак, исто така повеќе е форма на репрезентација отколку на директна експресија. Во последните неколку века, јавното мислење се манифестира преку медиумите, а новинарите и уредниците ја играат улогата на посредници. Денес, се разбира, тоа не е така.

Благодарејќи му на интернетот, најголемиот број индивидуални ставови се пласираат без никакво посредништво, па излегува дека јавното мислење всушност има милиони мислења.

Професионалните новинари изгледаат надминато и на нив во голема мера се гледа како на елитистички пропагатори на „лажни вести“ во некредибилните мејнстрим медиуми. Секако дека не се сите новинари фини луѓе со втемелени ставови, меѓутоа сведоци сме колку лесно демагозите и измамниците можат да манипулираат со „гласот на народот“ во неконтролирано медиумско опкружување.

Во ваква ситуација, потценувајќи го Парламентот и сведувајќи ги пратениците на обични корисници на бесмислени и прескапи бенефити и бенефиции и на тој начин практично обесмислувајќи го и целиот изборен процес, нашите партиски лидери всушност се подеднаква опасност за нашата демократија како што тоа беа популистичките агитатори за Римската република. А ова не смее да се сметне од умот.