Едно од најлукавите маскирања на насилни или контролирачки однесувања е кога ќе нѐ убедат дека тоа е за наше добро. Иако овие акти можат да изгледаат „безазлено“ во рамки на односот на возрасните кон помалите во едно семејство, тие потоа се припишуваат на макро-ниво во општествата и во системите.
Па така, властите, религиските институции, просветниот кадар, сите носители на различни нивоа на моќ во дадени контексти, често ги аргументираат неправдите што ни ги нанесуваат токму преку илузијата на сопствената апсолутна исправност. Тие ја имаат моќта да ги спречат нашите изблици на отпор кон зададените параметри на подобност и норми затоа што мислат дека знаат подобро од нас што треба да се направи и како треба да се живее.
Тоа прави да спијат мирно ноќе, иако за нас тоа може да значи постојана несоница или кошмари.
Да се грижиме за доброто на децата или неискусните, во дадени ситуации е обврска и должност. Сепак, и грижата мора да содржи граници. Кога оваа грижа станува обид за одземање слобода или автентичност на нечии животи и однесувања, тогаш тоа веќе и не е грижа, туку контрола и ограничување.
Тенка е линијата меѓу грижата и контролата. Исто толку тенка е линијата меѓу грижата за другите и злоупотребата токму на овие „други“ заради зацврстување на сопствената идеологија
Кога одлучуваат да ни кажат како да живееме, тие не се грижат за нашето добро, туку за своето. Тогаш, иако сме возрасни, почнуваме да бидеме третирани како деца, да сме инфантилизирани, па дури и дехуманизирани.
Тоа најмногу го знаат жените и ЛГБТ луѓето. Од родители и роднини, преку воспитувачи и наставници, до политичари и лидери, сите најдобро знаат дали треба ние да постоиме, како да се однесуваме, што да посакуваме, кон што да целиме и како да живееме.
На самиот почеток на месецот на гордоста, во јуни, кога ЛГБТ заедницата има куса можност да говори во свое име за тоа што ѝ треба како општествена група, се појави огласот за спас на геј-мажите, лезбејките и бисексуалците од еден од можеби најнеуспешните обиди за политичар – Петар Богојевски.
Иако неговиот глас е прилично политички неважен и нерелевантен, решив да го искоментирам затоа што во својата суштина е репрезентативен за односот на општеството кон овие заедници. Во своето јавление за месецот на гордоста, Богојевски ќе рече:
„ЛГБ ЗАЕДНИЦАТА, ќе треба да изберете еден од двата концепта:
1. НЕОЛИБЕРАЛНИОТ шуплив концепт, кој прави циркусанти од вас, да се шетате по улици како мајмуни, кои најавуваат доаѓање циркус во некој град… плус ве прават и магариња, прават пари на ваш грб со тие смешни паради „видете ме, чудете се”!
2. МАКЕДОНСКИОТ концепт, кој ви гарантира полни граѓански права, вклучително и граѓанска заедница со полни наследни права… целосна заштита на вашиот приватен простор, без право да го загрозувате вие или кој било, јавниот простор!
ВАЖНО: доколку МК дојде на власт, ќе ги забрани смешните паради, како мерка за заштита на ЛГБ припадниците!“
Со други зборови, Богојевски ќе ја заштити ЛГБ заедницата од ЛГБ заедницата. За нивно добро.
Диктаторите, лидерите на култови, насилните партнери или родители секогаш наоѓаат алиби во илузијата дека тоа што го прават е за „наше добро“. Злосторствата, без исклучок, се прекриени со превезот на помоќните, кои прават „добро“ на и за послабите.
Тенка е линијата меѓу грижата и контролата. Исто толку тенка е линијата меѓу грижата за другите и злоупотребата токму на овие „други“ заради зацврстување на сопствената идеологија. Кога го ќе повлечете некој што истрчува на прометна улица погрубо, на неговото: „зошто?“, ќе одговорите: „за да не те прегази кола“. Вистинската грижа е јасна и недвосмислена.
Да се признае ова, нужно подразбира и преиспитување и предизвикување на сопствената суета. Оттука, одговорот мора да биде и личен, ама и колективен. Кога нѐ задушуваат „за наше добро“ ќе мора да ја предизвикаме нивната суета и да кажеме НЕ
Кога некој ве спречува да живеете според вашите правила, и на вашето: „зошто?“, ви вели: „за твое добро“, тогаш немајте дилема дека тој чин не е чин на грижа, туку на желба да ве покори и да ве направи послушни. Или за да контролира или за да го оправда својот избор да се живее конформистички така што и од вас ќе направи апатичен следбеник.
Јас немам дилема дека сите оние што нѐ уништуваат за „наше добро“ не можат да го поднесат сознанието дека постојат луѓе што собрале храброст, ризикувале и продолжиле да живеат и градат светови автентично и слободно. Оние луѓе што никогаш не се одважиле да го направат тоа за себе, до крај ќе ни го забрануваат и нам.
Жените и ЛГБТ луѓето што разбрале дека ова е единствениот живот што го имаме и се охрабриле да го живеат онака како што самите го замислуваат, со сите подеми и падови, ќе бидат трн во окото на тие што никогаш не се осмелиле.
Просто ги потсетуваме дека нивните одлуки се промашени. За да ја негираат оваа вистина, тие сѐ позасилено ги наметнуваат сопствените убедувања врз други. Тие што не се ни обиделе да ги провоцираат доминантните патријархални норми, се обврзале на живот според туѓи правила и нѐ сакаат и нас во затворот со нив.
Увереноста дека знаат што им треба на другите повеќе отколку тие самите што знаат е опасна претпоставка. Таа опиеност од фантазијата дека се на исправната страна, дека знаат што е добро и правилно е позиција на неоснована ароганција.
Сепак, секој од нас понекогаш се нашол во ваква ситуација. Да се признае ова, нужно подразбира и преиспитување и предизвикување на сопствената суета. Оттука, одговорот мора да биде и личен, ама и колективен. Кога нѐ задушуваат „за наше добро“ ќе мора да ја предизвикаме нивната суета и да кажеме НЕ. Не само да кажеме, туку и да го покажеме тоа НЕ.
Парадата на гордоста, феминистичките маршеви и различните стратегии на отпор се форми на тоа НЕ, кое е многу повеќе од одбивање. Тоа НЕ е единствената врата кон слободата и автентичноста, а само таквиот живот е вреден да се живее.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија