Ништо битно не покажа, ниту докажа бугарскиот премиер Кирил Петков отстранувајќи го македонскиот премиер Димитар Ковачевски од заедничката фотографија со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, која ја објави на неговиот твитер-налог. Како што впрочем ништо битно не покажа, ниту докажа македонскиот премиер Ковачевски објавувајќи ја заедничката фотографија со Блинкен и Петков на својот фејсбук-профил.
Бугарскиот премиер ја објави оваа фотографија заедно со уште неколку фотографии со негови средби со светски лидери и државници на безбедносната конференција во Минхен, ставајќи ја во контекст на „напорите во борбата против корупцијата“. А во тој контекст, ќе признаете, за македонскиот премиер навистина и нема премногу место. Нашиот премиер на истата, ама целосна, фотографија ѝ даде контекст на „поддршката на САД за дијалогот и пријателството меѓу Северна Македонија и Бугарија“. А во тој контекст секако имам место за бугарскиот премиер.
Ако се водиме по старата максима „Една фотографија – илјада зборови“, очигледно е дека оваа фотографија не праќа никаква порака ниту за борбата против корупцијата, ниту, пак, за бугарско-македонските односи, па ни за позицијата на балканските премиери во надворешната политика на САД. Впрочем, таа има сосема минорна вредност и во внатрешниот политички сообраќај меѓу двете земји. Очигледно е, имено, дека станува збор за средба „на стоење“, која веројатно не траела многу подолго од времето што му било потребно на фотографот да ја регистрира.
Значи, сосема небитна фотографија, која може да послужи само за спомен и долго сеќавање од времето кога премиерите на две повеќе или помалку небитни балкански држави се дружеле со големите „фаци“ на светската политика.
Или за спомен и долг заборав, во случајот на бугарскиот премиер Кирил Петков.
Впрочем, бизарниот и првенствено манипулативен потег на бугарскиот премиер со прекројувањето на фотографијата неодоливо потсетува на омилениот „спорт“ на овие простори – отстранување личности од реални и фактички историски настани, па и отстранување на самите настани од каква било општествена или групна меморија. Иако во конкретниов случај бенигно, ваквото прекројување на фактичката стварност во крајна инстанца води до она што денес се нарекува бугарско-македонски спор.
Овој процес на отстранување на личностите и нереално прикажување на настаните е познат под повеќе имиња: манипулација, цензура, фалсификат… Односно demnatio memoriae, како што се нарекува во теоријата.
Под demnatio memoriae (осуда на сеќавањето), не се подразбира само прекројување фотографии, иако оваа појава е добро позната уште од самите почетоци на фотографијата. Легендарни се примерите од времето на сталинизмот, кога од фотографиите исчезнуваат ликовите на сите оние што паднале во немилост.
Бизарниот и првенствено манипулативен потег на бугарскиот премиер со прекројувањето на фотографијата од берлинската конференција неодоливо потсетува на омилениот „спорт“ на овие простори – отстранување личности од реални и фактички историски настани, па и отстранување на самите настани од каква било општествена или групна меморија
Кај нас, на пример, ретко ќе најдете фотографија на Венко Марковски со некој од неговите современици. Не станува само за политичка осуда на некоја конкретна личност, туку за морална осуда од јавноста, па сите докази дека некогаш сте се дружеле со одредена, подоцна општествено инкриминирана личност не се пожелни за окото на јавноста.
За докажување на оваа теза не мора да се оди подлабоко во историјата. Доволно е само да се потсетиме колкумина од нас со гордост ги покажуваа своите фотографии со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева или со Боки 13, а денес тие фотографии, објавени по социјалните мрежи, мистериозно ги снемува. На крајот на краиштата, и фотошопирањето на нашите селфиња не е ништо друго, туку менување на фактичката реалност.
Следниот чекор на „осудата на сеќавањето“ е бришењето од документите. Неодамна, Друштвото на писателите на Македонија го обележа својот 75-годишен јубилеј и повторно остана дилемата дали на тој 13 февруари 1947 година, меѓу основачите на Друштвото бил веќе споменатиот Венко Марковски? Или не бил, како што пишува во официјалната историја на ДПМ? Одговорот на ова прашање за контекстот на овој текст не е ни толку важен, колку што е важен фактот дека ние и денес се сомневаме во веродостојноста на официјалните вистини, односно имаме недоверба кон нив.
Конечно, искуството нѐ учи дека и не можеме премногу да ја имаме. Некогашните херои одеднаш стануваат сатрапи на сопствениот народ, се бришат и се менуваат нивните имиња на улиците и училиштата со имиња на некогашните непријатели на народот, а сега одеднаш важни за националната историја. Или барем со имиња на оние чија „општествена цена“ во овој момент пораснала во очите на политиката.
Се менуваат дури и имиња на населени места и градови, па како што некогаш не беше упатно едно населено место да се именува Царево село, па стана Делчево, така потоа не беше упатно Велес да остане Титов, па таа одредница едноставно беше избришана. Се уриваат или се вандализираат споменици што потсетуваат или асоцираат на минатиот политички систем, а на нивно место се ставаат оние со поголема „национална тежина“.
Со други зборови, demnatio memoriae не е само осуда на заборав на одредени личности, туку манипулација со историјата и замена на постоечките митови. Земете го случајот со нобеловката Мајка Тереза, со чие име се именуваа автопатишта, улици, болници, универзитети…, а чии заслуги за актуелната ни држава се сведуваат, реално гледано, само во фактот дека е родена во Скопје.
Слично е во целиот регион. Со Албанија, на пример, како да се натпреваруваме кој повеќе ќе именува јавни простори и институции токму со името на Мајка Тереза. Таму, ете, можете да најдете споменик на Хилари Клинтон. Во Косово има булевар што се вика по нејзиниот сопруг, некогашниот американски претседател Бил Клинтон, но и на други сѐ уште живи американски политичари. Во Србија, со закон е изедначена улогата на четниците и припадниците на движењето на отпорот во Втората светска војна, без оглед на докажаните четнички злосторства врз цивилното население за време на војната, но и по неа. Во Хрватска, некаде во 90-тите години на минатиот век, е донесен сличен акт со кој во остварувањето на социјалните и паричните надоместоци, партизаните се ставени во полоша положба од припадниците на другите војски. Вклучувајќи ги тука усташите и домобраните. А, од друга страна, сведоци сме како и Бугарија со сите сили се напрега да го заборави своето колабрационистичко минато.
Сепак, ефектите на ваквата политика, дури и во теориските разгледувања, се спорни, зашто токму процесот на demnatio memoriae е парадоксален сам по себе. Најчесто проскрибираните личности и настани, токму благодарејќи му на овој процес, остануваат во некоја алтернативна колективна меморија и во еден момент испливуваат на површина. Дури и без оглед на нивните вистински заслуги.