Строго доверливо

Кога прашања од јавен интерес ќе се соочат со класифицирани податоци, транспарентноста е осудена да влезе во слепа улица, а новинарските информации да добијат печат на шпекулации и полувистини.

Ова јасно го покажа последниот пример по прашањето за генерален конзул во Њујорк, кое има два аспекта: какви се безбедносните стандарди во Владата и како да се обезбеди контролен, институционален увид во предлози/одлуки со назнака „доверливо“.

За разлика од она тривијалното „тоа што се случува во Вегас, останува во Вегас“, она што се случува на затворени седници на македонската влада не успева секогаш да остане таму и јасно е дека проблемот треба да се решава таму каде што се случил. А не е првпат доверливи информации да најдат пат до медиумите и да предизвикаат реакции во јавноста.

Ако се бара начин што повеќе да се рафинира пасивноста на јавноста, за таа да не прашува или да не критикува, овој не е вистинскиот начин, бидејќи предизвикува спротивен ефект

А она што е важно од аспект на јавниот интерес, е да се одреди начинот на кој класифицирани одлуки/предлози ќе поминат низ дополнителен филтер, надвор од тој што ги предложил. Бидејќи, ако предлозите за именување амбасадори и конзули се класифицирана информација до добивањето агреман, тоа значи дека јавноста нема да има навреме можност на увид и став за одредено решение, туку откако тоа ќе биде завршена работа.

За разлика од пообемната процедура за амбасадорите, во случајот со именување конзули, целата постапка завршува на релација МНР – Влада – добивање агреман – објавување во „Службен весник“ и – пакување на куферите. Завршена приказна. 

Ако е јавен интерес кого испраќаме во нашите ДКП-а, тогаш тој не се алиментира ни соодветно, ни навреме. Ако се бара начин што повеќе да се рафинира пасивноста на јавноста, за таа да не прашува или да не критикува, овој не е вистинскиот начин, бидејќи предизвикува спротивен ефект.

Секако дека има и прашања за кои доверливоста е нужна. Но, дали и за многу широк круг? Едно отворено и транспарентно општество, во принцип, не може да се најде во иста реченица со затворени седници и доверливи информации. Како да го отстраниме впечатокот дека тие флоскули честопати се користат за да се замаглат одредени одлуки?

Со класифицирање на информациите може да се прави сѐ: да се исклучи увидот на јавноста, да се скрие предлог за именување одреден (и несоодветен) кадар, да се поништи, да се прикрие грешка. Но, проблемот е ако од грешка по грешка се направи антисистем, кој потоа на сите ќе ни се урне врз глава.

За да се елиминира табуизацијата со доверливоста на ваквите информации (и законските санкции), најдобро е да се обезбеди можност тие предлози да поминат низ собраниски (комисиски) филтер, преку лица овластени за пристап до класифицирани информации, доколку тоа е единствениот начин информацијата да биде споделена во круг надвор од владиниот. Така ќе се оствари институционален увид во предлозите, но и во податоците дали кандидатите ги исполнуваат условите. 

Но, и за ова се потребни два основни предуслови. Првиот, да не се лицитира дали власта има политичка волја за тоа, бидејќи волјата не е ни хоби, ни факултативна активност. Мора да тргнеме од фактот дека власта има обврска да го направи тоа зашто и недостигот од волја да се направи нешто е исто така резултат на некаква и нечија волја. Властите ги избираме за да спроведат или променат нешто, а тоа не е можно без волјата како основен двигател на секое политичко дејствување.

Второ, бидејќи се работи за прашања од јавен интерес, целта е да се разговара со силата на аргументите, а не со интензитетот на вечно спротивставените политички страсти. Опозицијата има природна улога да биде контролор на власта и многу е важно дали ќе ја користи на начин што го тангира јавниот или партискиот интерес – за врева и дневно-политички поени. Таков обид не би бил мотивација за целта, туку мобилизатор за дополнителни средства во спротивна насока.   

Едно отворено и транспарентно општество, во принцип, не може да се најде во иста реченица со затворени седници и доверливи информаци

Во целиот тој поход, ако целта е поголема транспарентност и демократизација на процесите, и едните, и другите не треба да заборават дека граѓаните научија да разликуваат што е искрена намера, а што е пропагандно фрлање прав во очи. Научија дека комплетната смисла на демократијата не се исцрпува само низ гласање на избори, бидејќи демократскиот живот подразбира многу повеќе од тоа.

Ако сакаат да предупредат дека при вработувања, именувања, унапредувања, се прави негативна селекција, гласот мора да им биде слушнат, и одговорот даден. Зашто и тие си прават своја класификација. Не на информациите, туку на внатрешниот глас, кој ќе го „декласифицираат“ на денот на изборите, кога и да бидат тие.