Школскиот едреник „Јадран“, долг шеесет метри, со години е предмет на билатерален спор меѓу Хрватска и Црна Гора. Едреникот бил изграден во Хамбург, во 1933 година, за потребите на тогашното Кралство Југославија, по иницијатива на сплитското здружение „Јадранска стража“, кое собирало донации за неговата изградба.
Сѐ до 1991 година, бродот „Јадран“ бил запишан во флотните листи на хрватските пристаништа, но неговите генерални ремонти и поправки со децении се вршеле во военото бродоградилиште Арсенал во Тиват.
Така било и во 1991 година, кога бродот испловил од военото пристаниште Лора во Сплит за да биде упатен на ремонт во Црна Гора, но до денес повеќе не се вратил во Хрватска.
Црна Гора смета дека бродот е нејзино културно богатство и лани во август на пристаништето во Тиват ја прослави неговата 90-годишнина со бројни церемонии. Поради тоа, хрватското МНР испрати „најостар протест“, обвинувајќи ја Подгорица за присвојување имот.
„Присвојувањето туѓ имот е спротивно на меѓународното право и европските вредности за кои се определи Црна Гора“, наведе хрватското МНР.
Тогашниот црногорски премиер Дритан Абазовиќ иронично и реторички праша – белки по распадот на Југославија, нешто ѝ припаднало и на Црна Гора? Тој го опиша „Јадран“ како најстариот, најдобриот и најубавиот амбасадор на Црна Гора на море.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ порача дека тој брод е од големо значење за многу Хрвати – оние што се школувале и работеле на него.
Зар за еден едреник?
Не беше само тоа. Хрватската поп-пејачка Ивана Врдољак – Ванна, поканета да настапи на годишнината од бродот, мораше да го откаже настапот откако се најде во средиштето на дипломатските пораки меѓу Загреб и Подгорица. Се откажа под притисок и прашања на јавноста – зар во време кога хрватските институции преземаат чекори да го вратат бродот, таа би пеела пред украден хрватски брод во чест на црногорската воена посада?
Едреникот лани повторно „исплови“ како тема и на Бледскиот стратешки форум. Денес на него се обучуваат морнарицата на војската на Црна Гора и студентите од цивилниот Поморски факултет Котор. Се смета за огромна чест што првите практични поморски знаења ги стекнуваат на палубата, на која се обучувале генерации и генерации морнарички офицери од просторот на бивша Југославија на пловидби со него по многу мориња и по Атлантски Океан.
За многумина, овој билатерален спор е ирационален и прашуваат „зошто толкава врева за еден едреник, кога и Хрватска и Црна Гора сигурно имаат доволно такви пловни објекти?“ Но, Хрватска не отстапува од ставот дека тој има големо историско и симболично значење за Хрватите. Црна Гора ги посочува истите аргументи во нејзина корист.
Го посочувам овој случај како пример за тоа како државите се грижат за својот имот, не само од материјален аспект, туку, пред сѐ, за историското значење што тој го има за нив.
Но, и за да се направи споредба со какви спорови денес е обременета Северна Македонија. Дали оние кои со леснотија прашуваат „зар за еден брод“, би можеле со иста леснотија да прашаат – „зар за едно државно знаме“, „зар за едно државно име“, „зар за повеќекратно менување на еден Устав“, „зар за една историја“, „зар за еден јазик“?
Внатрешниот партнер
Во современа Европа, такви прашања би било непристојно да се постават, ама се поставуваат, и тоа од членки на ЕУ. Да е апсурдот поголем, како да не постои разбирање дека билатералните условувања на Северна Македонија, не само што нема да ја забрзаат нејзината ЕУ-интеграција, туку натамошниот притисок со нив може да води кон внатрешна дезинтеграција.
Имено, и од Атина, и од Софија, во повеќе наврати стигнуваат сигнали дека одржуваат „отворени канали“ со албанскиот фактор во РСМ, кој го сметаат за стабилизирачки фактор во однос на интеграцискиот процес. Практично, соседите го калкулираат фактот дека нивните услови за РСМ етнички не ги засегаат Албанците и затоа во нив може да најдат конструктивен партнер.
Во таа насока ги негуваат и каналите со Тирана и Приштина, како центри што имаат влијание врз албанскиот фактор во РСМ, особено што и Албанија и Косово имаат интерес за поддршка од Софија и од Атина.
Таквиот план не води кон успех. Не може да се зборува за соседска поддршка на интеграцијата на РСМ во ЕУ, ако таа треба да се издејствува со мотивирање внатрешен „партнер“ што ќе предупредува и заплашува со можна дестабилизација, доколку земјата не ги прифати сите услови за суштински почеток на преговорите.
Таа приказна мора да се одвива и да заврши на единствениот прифатлив начин: со обострано почитување и со добра волја, а не со „тегнење уши“ и со држење навредливи лекции за непознавање на меѓународното и уставното право од македонска страна.
Освен, ако планот е воопшто да не се најде разбирање, за да се обезбеди цврсто алиби зошто „едреникот Северна Македонија“ не добил дозвола да заплови во европски води.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија