Се плашам дека помирувањето во оваа држава ќе настрада помеѓу желбата на едните да донесат „живот за сите“ и на другите кои поимот живот го врзуваат со „секогаш работа“, но само за нивно опстојување на власт, бидејќи сѐ друго им личи на помрачување. Од вториве не очекувам никаков исчекор во однос на градењето пат за помирување во општеството, бидејќи владееја цела деценија, максимално практикувајќи ја стратегијата „раздели, па владеј“.
Но, оние кои најавија дисконтинуитет со таквата погубна политика за Македонија преку градење едно општество за сите, не смеат во жарот на трката за локална власт да ја еродираат таа идеја заради изборна битка на локален план. Дополнителната фрагментација на силите за реформски промени, само заради освојување неколку градоначалнички места, наликува на колење вол за една кременадла. Вредно ли е тоа, ако се има предвид дека е спротивно на големата цел?
Особено, кога наспроти себе имате опонент кој се тетерави по десетгодишното изигрување на Касиус Клеј, и кој од немајкаде повторно се враќа на корените на првичниот грев: силна деструктивна и националистичка реторика која води кон нови тензии и поделби. На неговото пелтечење во грогирана состојба не смее да се одговара со иста или слична доза.
Вреди ли да се трошат зборови на човек што убиствата кај Смилковско Езеро ги злоупотребува за потребите на неговата изборна кампања, што го релативизира и разбира гневот искажан во крвавите настани од 27 април или што нападот на Шеќеринска го сведува на „обично кубење коса“… Исто како што нарачаните „шамари“ не ги смета за ништо страшно, оти „се одговара само прекршочно“…
Дополнителната фрагментација на силите за реформски промени, само заради освојување неколку градоначалнички места, наликува на колење вол за една кременадла. Вредно ли е тоа, ако се има предвид дека е спротивно на големата цел?
Кога постои опонент од ваков калибар, последното нешто што треба да си го дозволи партиски субјект кој се залага за култура без поделби, е да биде под притисок од темпото и интензитетот на црната кампања наметната од поразениот. Опонентот ако сака нека прави и најцрна кампања. Впрочем, не е ни чудно што го рекламира единствениот производ што го има и во излогот, и во магацинот.
Би било неприфатливо ако такво нешто дојде од оние што најавуваат дисконтинуитет со практиката на поделби. Затоа мора да покажат зошто се нудат како различни. Дури да покажат и поголема доза на разбирање кон нервозните потези на опонентот, да не му возвраќаат вербално на секоја провокација и да не го прогласуваат за „минато“, „мртов политичар“ и така натаму…
Дали го отпеал своето, можат да кажат само неговите сопартијци, без разлика што дел од нив засега ја дренираат нервозата преку едно карикатурално двојство: претпладне анонимно се жалат дека се свесни оти имаат „слеп водач“, а попладне држат прес-конференции на кои ги презентираат лидерските ставови за разни видови домашен и странски инженеринг, кои биле виновни за поразот. Со тоа директно докажуваат дека заслужуваат да имаат токму таков водач.
Ако тој е слеп во политичка и еманципаторска смисла, а тие слепо ги презентираат неговите слепи ставови, тогаш зошто нив да ги сметаме за прогледани? Само затоа што се лицемерни и имаат два различни става – еден анонимен, еден јавен? Па тоа е истиот стил на лидерот – еден став за дома, друг за меѓународната. (Или како што Јанкулоска тоа фино го опиша преку распоредот во МВРО – еден кат за работа на партискиот штаб, друг – за средби со амбасадорите.) Па ако лидерот ги лаже нив, а тие него, тогаш сите меѓусебно се лажат. Во краен ефект, ако на сите им е полесно да живеат во голема лага, зошто да не си продолжат така?
Јавниот дискурс е толку контаминиран од лоша реторика, што загаденоста на воздухот вртоглаво падна од првото место на топ листата. Како ќе излезе општеството од ваква напрегнатост, ако со чинење или со нечинење, се дозволува изборите да се претворат во наша колективна траума?
Ваквата структура на членство во ВМРО-ДПМНЕ, никогаш нема да најде лидер кој подобро ќе ги манипулира нивните надежи и очекувања. Сега им се подметнува приказната дека ова бил клучен период за битката за спас на Македонија. Поентата е да бидат ставени пред свршен чин, во случај некој од блиското опкружување да се дрзне да побара одговорност и смена на Груевски. Демек, не може партијата да биде без лидер во таков турбулентен период, бидејќи тој пак ќе треба да ја „спасува“ Македонија: од разни Дон Кихоти, од странски заговори, од домашни Албанци кои ќе ни го загрозат јазикот, од мигранти, од баба роги кои само што не дошле пред вратата со намера да ни ги земат името и идентитетот со помош на домашни предавници, и потоа да си заминат со „мерцедесот…“
Нашава изборна денешница потона токму во ваква галамџиска какофонија од агитации, заплашувања, обвинувања, различни интерпретации на трауматичните настани, дисторзија на историски наративи засилени со барање за референдум за договорот за добрососедство со Бугарија… Јавниот дискурс е толку контаминиран од лоша реторика, што загаденоста на воздухот вртоглаво падна од првото место на топ листата. Како ќе излезе општеството од ваква напрегнатост, ако со чинење или со нечинење, се дозволува изборите да се претворат во наша колективна траума?
Речиси сите параметри кои говорат за здравјето на општеството како целина, и за неговата развојна способност, се во страшни диспропорции. Дури и денот на гласањето да помине најрегуларно, тешко дека ќе нѐ облее задоволство од постигнатите стандарди. Исклучивоста, навредите, обвинувањата, клеветите, законски дозволените минути за партиско рекламирање (на омраза), се дел од една типична македонска приказна што не може да има среќен крај дури и за оние што ќе победат.
Гласовите носат победа, но победата треба да биде нешто многу поголемо и повозвишено од гласачкиот скор, и не треба да буди гнев кај поразениот. Она што ја овозможува полнотијата на тоа чувство, е промовирањето на висока политичка култура, однос на почит кон опонентот, битка без ниски удари, ТВ-дуели во кои граѓанинот ќе ужива во плодноста на дебатата, а не да се срами од тоа што го слуша и да го исклучува телевизорот.
Македонија заслужено ќе влезе во ЕУ кога ќе спроведе такви избори. И кога ќе може тоа да го постигне без да мора да оди на тренинзи за политички дијалог во куќата на Жан Моне. За тоа се потребни три нешта: волја, искрена волја и многу волја.
Анонимен купувач од Европа завчера на аукција во Ерусалим платил 1,56 милиони долари, за да ги има во своја колекција двете пораки што Алберт Ајнштајн ги напишал пред 95 години на ливче со лого на токискиот хотел „Империјал“. Едната од нив гласи: „Кога има желба, има начин“. Однапред знам дека куп домашни „генијалци“ ќе ја релативизираат оваа порака, со став: „Па, не кажал којзнае што“. Ајде да ја провериме. Можеби пријатно ќе се изненадиме.