Вести

Чилиманов суспендиран од државната агенција МИА

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Цветин Чилиманов

Скандалот што го предизвика вработениот во државната агенција МИА, Цветин Чилиманов, кој на Твитер ѝ се обрати на дописничката на Фајненшл Тајмс, Валери Хопкинс со повик за насилство, на нозе ја крена и меѓународната јавност и новинарските здруженија.

Чилиманов, како што дознава БИРН, е суспендиран од работното место и тој има рок од три дена, односно до понеделник, да се изјасни во врска со суспензијата. Потоа, дисциплинска комисија од државната агенција МИА ќе ги сослуша аргументите на Чилиманов и ќе достави предлог до директорот на МИА, Драган Антоновски, кој треба да ја донесе крајната одлука – дали тој ќе добие отказ од работното место, ќе биде казнет или пак нема да се соочи со никакви последици.

Чилиманов на Твитер, во понеделникот, цитираше статус на Хопкинс, апелирајќи: „ До сите таксисти што ме следат, ако ви влезе оваа во кола, време е за чичко Кумплунг“. Оваа реплика е од македонскиот филм „Самоуништување“, каде главниот лик, таксист кој го глуми Јовица Михајловски, ја носи на Водно девојката на неговиот син и ја силува.

Откако ја виде оваа преписка, со реакција се јави и главниот лик на „Самоуништување“, Михајловски, кој напиша: „Овој Цветин, што го бербати ликот и делото на чичко Кумплунг, заврши во инвалидска количка, токму заради сторените дела на кои се сега се повикува ангажираниот Чилиманов“.

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на независни новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) остро го осудија повикот за насилство на Чилиманов, а Хелсиншкиот комитет за човекови права и ЗНМ поднесоа претставки до МВР.

„Чилиманов го имаме пријавувано и претходно, не е првпат. До ден денес нема епилог во однос на овие пријави од страна на МВР и од обвинителството. Нема епилог по ниту една наша пријава за говор на омраза“, вели Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Од МВР велат дека работат на претставките за случајот со Чилиманов во координација со обвинителството.

„Се постапува по случајот“, кратко ни одговорија од МВР, а од обвинителството одговорија дека не е пристигната пријава за настанот.

„Но, обвинителството ги следи сите информации и согласно своите надлежности ќе постапи секаде каде што ќе бидат утврдени елементи на сторено кривично дело“, изјавија за БИРН од обвинителството.

ЗНМ, ССНМ и СЕММ оценуваат дека ваквите примитивни закани не се вперени само против колешката Хопкинс, туку кон целата новинарска заедница и имаат за цел да ги застрашуваат новинарите со цел да не ги опсервираат на критички начин политичките процеси.

„Го потсетуваме Чилиманов, кој воедно е и потпретседател на МАН и беше член од ад хок комисијата на изборите во 2016 година, предложен од страна на ВМРО-ДПМНЕ, дека повикувањето на насилство претставува тешко прекршување на новинарските стандарди и ја нарушува новинарската солидарност. Со вакви непримерни испади се дискредитира целата новинарска заедница и новинарството воопшто како професија, која треба да негува толеранцијата и меѓусебното разбирање“, се вели во заедничкото соопштение на трите здруженија.

Твитот на Чилиманов го осуди ОБСЕ, кој според организацијата е срамен и неприфатлив и наведоа дека сите закани кон новинари, особено повиците за насилство кон жени новинарки се неодговорни. МИА во целост се огради од неговиот твит, а Чилиманов на тоа одговори на Фејсбук: „И јас се оградувам од оваа МИА за многу работи“.

За случајот реагираше и министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој на Твитер ѝ се извини на новинарката за ваквото однесување во име на целата држава, а се огласи и американскиот амбасадор во земјава Џес Бејли, кој напиша: „Срамен е повикот за насилство врз новинари. Цветин треба да се засрами“.