Флеш Вести30/09/2018 23:10

Заев: Или уставни измени во Собрание, или избори во ноември

Премиерот Зоран Заев остави простор од неколку дена да се усогласат ставовите со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ за Договорот во Преспа и за уставните измени, а доколку не се усогласат, веднаш ќе бидат распишани предвремени парламентарни избори.

„Ако се оди по сите рокови изборите би можеле да бидат на крајот на ноември“ рече Заев.

Тој на вечерашната прес конференција на која присуствуваа сите министри од Владата рече дека на денешниот референдум “одлучиле гласовите на оние што гласале”.

“Повеќе од 650.000 гласаа на референдумот, а повеќе од 90 проценти гласаа ЗА и порачаа дека Македонија треба да го прифати Договорот со Грција и да стане членка на ЕУ и НАТО. Тоа се повеќе гласови од било кој победник на било кои парламентарни избори”, рече Заев додавајќи дека нема никаква намера да поднесе оставка, бидејќи станувало збор за мнозинска одлука на граѓаните.

Тој ги повика сите пратеници да ги остават личните суети и партиските интереси настрана и да се насочат кон националните интереси.

“Подобар договор со Грција не може да има”, дециден беше Заев.

Во хотелот Александар Палас вечерва беа собрани стотици новинари, активисти, партиски членови и симпатизери. Говорот на Заев беше пропратен со овации и аплаузи, а кај владините министри владееше оптимизам во однос на резултатите од референдумот, иако не беше достигнат законскиот цензус според кој на гласање требаше да излезат 903.000 гласачи.

За да се усвојат уставните измени во Собранието потребно е двотретинско мнозинство, односно за нив треба да гласаат 80 пратеници. За да се усвојат уставните измени, за нив треба да гласаат 9 пратеници од опозицијата.