Европеец и Македонец случајно се среќаваат во пустина. Европеецот носи канистер со вода, а Македонецот врата од автомобил. Додека пешачат некое време така еден покрај друг, Европеецот повремено фрла по некој збунет поглед на својот сопатник и особено на неговиот тежок товар. Најпосле, не може да издржи, па го прашува:
– Извинете, а зошто ја носите таа врата?
– Ќе ви кажам, ама ако вие прво ми кажете зошто ја носите таа канта со вода – одговара Македонецот.
– Тоа е барем просто – одговара Европеецот – кога ќе ми стане прежешко, јас пијам по некоја голтка, а потоа и си го квасам лицето.
– Аха – враќа Македонецот – е па мене кога ќе ми стане прежешко, само го спуштам прозорецот од вратава.
*
Македонецот, на пример, не може да направи јасна разлика помеѓу демократското и со Устав загарантирано право на протест и фетишот на дваесет луѓе да ги малтретираат стотици илјади други, секој ден во исто време.
Овие се еден таков демократски калибар фи-200, што дури и кога се претерува со демократијата, тие мислат дека народот свршува, а илјадници пеперутки разлетани од силниот демократски набој им летаат по телото на граѓаните заглавени во своите возила
Навидум е сосема едноставно: во пустина пиеш вода, а на автопат отвораш прозорец. Ама оди кажи му го тоа на двегодишно дете. Оди кажи му на Македонец дека не можеш сите начини на разладување да ги примениш во сите ситуации, исто како што не можеш сите демократски начела и принципи да ги аплицираш во сите ситуации.
Ако овие од власта мислат дека со тоа што го дозволуваат ова изживување на вмровските јанкобачевисти врз остатокот од граѓанството, ќе создадат револт кон ВМРО-ДПМНЕ, зашто сите знаат дека финансиерите и мотиваторите на очајните домаќинки од Жена-парк се сместени во Белата палата, тогаш гадно се лажат.
Затоа што сме ги избрале за власт, за да ги решаваат проблемите. Ако ВМРО-ДПМНЕ е проблем за институциите да функционираат нормално, нека го решат ВМРО-ДПМНЕ. Ако Јанко Бачев е проблем за граѓаните да функционираат нормално, нека го решат Јанко Бачев. Ако баба Севда Севдаревска од Лисиче решила да плете џемпер сред булевар 11 Октомври, нека ѝ купат игли и нека ја сместат на потопло место за плетење.
Но, не. Овие се еден таков демократски калибар фи-200, што дури и кога се претерува со демократијата, тие мислат дека народот свршува, а илјадници пеперутки разлетани од силниот демократски набој им летаат по телото на граѓаните заглавени во своите возила.
Не, бре луѓе, ве пцујат. Вас, не опозицијата!
Кога беа претходнине на власт имавме заробена држава. Но, ги турнавме од власт и дојдоа демократските сили и работите се сменија. Сега имаме заробен град.
Иронијата е во ова – државава кога беше заробена и си тлеевме така како општество, чекајќи ветер да ни го распали жарчето, па да ни текне да пламнеме, барем имаше некаква логика што е така.
Не знам како не сфаќаат дека за некое време нема дури ни за „Скопје 2014“ да ги обвинуваме неговите креатори, туку тие што дозволуваат таа масивна, нападна и застрашувачка дивоградба да се претвори во историска стварност, во „споменик на културата“, реалност со која треба да се живее
Сакам да кажам, имаше некакво организирано злосторничко здружение што ги запоседна и институциите и судството и медиумите, имаше мафијашки систем на уцени и закани, имаше страв, контрола и армија крволочни кучиња што ги чуваа бункерите на мафијата. Па, ќе речеш, океј, бевме заробени, ама беше тешко да се отфрли прегратката на оковите, зашто беа челични.
Сега Скопје е заробено од дваесет пензионери и очајници, кои веруваат дека Македонија кога-тогаш ќе го ископа лорандитот од Алшар и ќе ја врати моќта од времето на Александар Велики. Ним, просто им е здодевно, квалитетот на турските серии е опаднат, децата и внуците со нивните бугарски пасоши им се расфрлани по сите меридијани на светов, шахот излезе од мода, како и милјенцата за на телевизор.
Како човек да си го исполни содржајно времето, ако не со безусловна и неизмерна љубов кон Македонија. Македонија е крстозбор, судоку, енигматски забавник. И сè е тоа во ред, ама што сме ние виновни што децата не се достапни на Скајп зашто живеат во друга часовна зона.
Македонија може да се сака на милион начини. И сите се во ред, сè додека таа љубов не се претвори во силување на сите останати невозљубени живи суштества. Тогаш станува проблем, а проблемите треба да се решаваат (не со шетање автомобилска врата во пустина, секако).
Нерешавањето на проблемите затоа што самите не ги предизвикале како да станува своевидна поетика на оваа власт.
Не знам како не сфаќаат дека за некое време нема дури ни за „Скопје 2014“ да ги обвинуваме неговите креатори, туку тие што дозволуваат таа масивна, нападна и застрашувачка дивоградба да се претвори во историска стварност, во „споменик на културата“, реалност со која треба да се живее.
Муабетот ми е, ако за таквите еклатантни криминални творби на претходната власт, вината наскоро ќе падне врз актуелната, како може да очекуваат за заробувањето на градот од дваесет патетични и носталгични донкихоти, пцовките да отидат на некоја друга адреса. Свестетесе.