Не се сомневам во тврдењата на МВР дека од 2015 година лидерот на СДСМ, денес премиер, Зоран Заев, бил под постојани закани за атентат. Податокот е вознемирувачки, бидејќи атак врз лидер и премиер не е чин на индивидуална пресметка, туку чин со најширок опсег на дејство – насочен кон политиките, безбедноста и стабилноста на земјата.
Верувам дека тие закани никогаш нема да се остварат, и заради спроведена безбедносна превентива, но и поради тековните надворешно-политички напори земјата да влезе во колективен- безбедносен систем, каде како контрибутор на безбедност и мир ќе ги одвраќа таквите евентуални намери, не само на твое тло, туку и пошироко.
Но, власта стравува дека причина за нечија одмазда би можело да биде токму тоа – успехот на Македонија да го изоди патот од точка А до точка Б – од аспирација до членство во НАТО! После ваква констатација пожелно би било да се стави точка.
Оттука натаму, ваквите сомнежи и превенцијата од нивно остварување, би биле сериозна и легитимна тема за разговор на затворени безбедносни форуми, на седница на националниот Совет за безбедност и во разни други дискрециски формати, но никако и предмет на „чамче-муабет“ на црногорско радио, кое и да е.
Заев, несвесно влезе токму во таков наратив, со што ризикува да се самоповреди како резултат на неговите вербални рикошети.
Второ, јавното влегување во каква било компарација на идните „македонцки интеграции“ со искуството на Црна Гора по зачленувањето во НАТО, и да сакате не може да заврши на друга траекторија, освен автоматски да ја исцрта адресата од каде би дошла заканата. Илустративно кажано, кога се раскажува приказната за волкот и јагнето, дури и да не се раскаже крајот, наративот навестува кој во приказната ја мати водата.
Секако, зборот нема вистински да го убие, но на долг рок може да го направи политички ранлив, иако сега поради ветерот в грб од Брисел и Вашингтон можеби и не ги препознава потенцијалните последици од отсуството на безбедносна култура, политички такт и дипломатска воздржаност.
Не е само во прашање првичната реакција на руската амбасада, ниту темелното тврдење на македонската Влада дека „Заев во ниту еден момент не ги доведува укажувањата за ликвидација кон него во било каква релација со Руската Федерација“ (што е факт). Во прашање е опасноста од слични излети со изјави кои ќе создаваат несакан контекстуален амалгам, по што ќе биде тешко да се издестилира „што е што“, а тоа да не предизвика карамбол во односите со одредени земји, без оглед дали се во врвот, на средината или на дното од листата на посакувани партнери.
Слична епизода веќе имавме со Србија, која заврши со извинување од Заев до Вучиќ, иако по целата „живаљевиќка заднина“ на настаните, извинувањето требаше да биде во обратна насока. Но, кнедлата ја голтна тој што прв вербално истрча бос во трње. Исто така во интервју.
Не сакам да бидам погрешно разбрана. Силни и неспорни се заложбите на Заев за поголем исчекор во интеграциските процеси на земјата (на тој план огромен е придонесот на тројката Димитров-Шекеринска-Османи), но на тој пат не смеат да се случуваат вербални аматеризми кои ќе фрлат анатема врз оние што се надвор од кругот на наш интегративен интерес, но не и надвор од кругот на декларирани пријателски односи.
И добро е што по децениска стагнација и флуентен однос на владата на Груевски (намигнување со едното око кон Запад, а со другото кон Исток), владата на Заев покажа дека Македонија не седи на две столчиња: јавно потенцира дека стратегиска определба и интерес на Република Македонија e членството во НАТО и во Европската унија, и дека со Русија сака да гради пријателски односи.
Но како ќе ги гради, ако несмасно се вплеткуваме во контекст што Русија го сфаќа како вперување прст во неа, а притоа тврдиме дека Македонија е подготвена да ги унапреди односите со Москва? И дали начинот на кој тоа го објаснува Заев е соодветен за декларираната цел: „Сакаме поблиски врски со Русија. Сакаме да продадеме таму што повеќе домати, зелка и други производи. Но, ние немаме алтернатива. Нашиот избор е ЕУ и НАТО“.
Можниот поотворен пристап не значи дека Македонија свртува од патот на главните приоритети, туку дека земјата јасно декларира каде припаѓа, а гради пријателски односи со другите
Нормално е дека „увозникот на зелки“ нема да биде импресиониран од ваквите „високо“ поставени цели, ако гледа дека едните ги бирате за партнер заради демократија и безбедност, а него како партнер на кванташки пазар или џокер од црногорска пост-НАТО епизода. Зарем односите со Русија не може да ги издигнеме во нешто повеќе од извоз на зелка? Зошто да не се засили соработката во науката, културата (филм, театар, музика) во образованието, технологиите…?
И не на декларативна основа, колку за формален баланс, туку со искрена волја, и на принципиелно демократско ниво, кое ќе го намали и поривот на Русија нашите внатрешни состојби да ги рецензира преку соопштенија од нејзиното МНР, а кои во неколку наврати беа на ниво на долевање масло кон дефинираната „линија на огнот“.
Можниот поотворен пристап не значи дека Македонија свртува од патот на главните приоритети, туку дека земјата јасно декларира каде припаѓа, а гради пријателски односи со другите, без да се става во улога на жетон кој треба да ја произведе главната искра на истата таа огнена линија за поделба на сферите на влијание.
На Русија и е јасно дека ЕУ е посакуваното семејството на Македонија. Но, да не забораваме дека и членови на тоа семејство не престанале да бидат енергетско-инвестициски љубимици на Москва. Ништо не е црно бело, ѓаволот секогаш се крие во деталите (нијансите), а Македонија навреме треба да ги воочи за да не се изгуби во балканската магла, која ЕУ ќе ја растерува со проширување до 2025 година.
Дотогаш, не знам дали на часовите за дијалог во куќата на Моне ќе се зборува и на оваа тема, но би било добро учесниците прво да научат како да менаџираат со зборовите, за потоа да им биде полесно да ги менаџираат и процесите.