Еден циничен пријател, пред некој ден ми вели дека нема потреба ниту да се помируваме меѓу себе, ниту, пак, да се испоубиеме. Целата работа и онака ќе ја заврши воздухот. Додуша, со наша сесрдна помош.
Добро, навистина, како е можно секоја година во ова време да бидеме затекнати и збунети, не само од евентуалниот снег, туку и од загадениот воздух. Календарот вели дека веќе сме при крајот на првиот месец од 2019 година, а јас читам еден текст од британски „Гардијан“ од 2008 година, каде што е пласирана карта на најзагадените градови во светот.
И, ако воопшто тоа некого интересира, во Македонија се обележени пет града (Скопје, Тетово, Куманово, Битола и Струмица). Исто колку и во Грција, на пример. Но, затоа во Бугарија се четири, во Хрватска три, во Босна и Херцеговина само Сараево, во Србија само Белград, во Црна Гора и Албанија ниту еден!
Значи, уште пред нешто повеќе од една деценија, светот нѐ предупредувал за состојбата со загаденоста, а ние, претпоставувам, сме цртале нови ДУП-ови и ГУП-ови, да нѐ ни избега случајно некоја парцела, погодна за изградба на уште една стиропорска зграда. И, да,веројатно сме размислувале кога ќе ја гасифицираме земјата и зошто нема.
Во 2015 година, американската вселенска агенција НАСА изготви карта на светот, обележувајќи ги деловите од земјината топка, каде што од последиците на загадувањето на воздухот годишно умираат по илјада луѓе на илјада квадратни километри. Да, на таа карта се наоѓаат урбанизираните делови на Источна Кина, тука се и Индија, Индонезија и секако – Македонија.
Да не зборуваме дека и во оваа 2019 година, Скопје не се симнува од листата на топ десет најзагадени градови на светот. А, богами, одвреме навреме го фаќаме и шампионското место. Ако Скопје случајно потфрли, тука секогаш се Прилеп, Битола, Тетово… да ни го обелат загадениот образ.
И што презедовме во оваа смисла? Во Скопје се продолжи школскиот распуст за два дена, веројатно за исто толку време ќе имаме бесплатен јавен превоз и двојно поскап паркинг. И? Што, всушност, значат овие мерки, освен оправдување на административците за нивната бројност и платите што ги земаат. Демек, работиме нешто!
На човек дневно му се потребни околу 15 килограми, односно 13 кубни метри воздух за дишење. Дали ќе го добиеме со двојно поскапиот паркинг? Или со бесплатното возење во автобусите на јавниот сообраќај? И дали воопшто се анализирале ефектите од овие мерки или само паушално се парадира со нив?
Според светските податоци, во светот годишно умираат повеќе од шест милиони луѓе од загаден воздух, а од нив десет проценти, односно околу 600 илјади се деца. Тоа значи дека загадениот воздух е четвртата најчеста причина за смртност, веднаш зад крвниот притисок, лошата исхрана (холестерол и шеќер) и пушењето.
Еве и еден мој предлог за дополнување на мерките во Скопје и другите загрозени градови: на пример, на таблите на влезот во градовите, покрај името на градот да има и предупредување дека воздухот е опасен по живот и по вашето здравје. И да има соодветна фотографија со овој натпис. Нешто слично како на кутиите цигари. Верувам дека оваа мерка ќе донесе барем исто толкави ефекти како и двојно поскапиот паркинг. Односно, никакви.
На страна објаснувањата што веќе со години ги слушаме за старите автомобили (како божем државата да не стимулираше купување на целиот европски автомобилски крш), греењето на дрва и слични образложенија, во светот имало и има големи загадувања, па луѓето или ги решиле или ги решаваат тие проблеми.
Најпознат случај, секако, е лондонската магла од 1952 година, но секако има случаи во САД (Сент Луис, 1938; Донора, 1948; Њујорк, 1966), Белгија (долина на реката Мјуз, 1930) итн. Со други зборови, познато е дека најподложни на загадување се индустриските центри и котлините.
Македонија можеби не е индустриска земја, но затоа е планинска, што значи дека градовите се сместени во котлините. И, секако, ако се запре протокот на воздух (како што е тоа случајот со Скопје), ако на реката што тече низ градот ѝ се измести коритото (како што е случајот со Скопје), ако „белите дробови“ на градот, односно најблиското брдо речиси целосно се урбанизира, а од блиската планина се исече шумата (како што е тоа случајот со Скопје), тогаш, браќа, и стопати поскап паркинг не помага.
Кога еден Лондон можеше да се исчисти, зошто тогаш да не може Скопје, па и Македонија. Значи, фатете се за гасификација, ослободете го Вардар од оние чудни градби околу него, формирајте паркови, направете слободни коридори да задува ветер, пуштете го градот да дише…
Зашто, во спротивно, навистина бадијала ни се и НАТО и Европска Унија и толку форсираното помирување… Ни останува само да се помириме со судбината.