Орли во приземен лет

Ме изненади вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, со начинот на кој ги објасни вкрстените дланки со кои деновиве го „летаа“ двоглавиот орел по фотографии и тв-емисии. 

„Демантирам дека тој знак рефлектира некаква националистички Големо-албански претензии. Тоа е порака – јас сум Албанец. Кога ќе бидете на Монт Еверест, ако го направите тој знак, ќе знаат дека сте Албанец“, вели Османи.

А зошто се мачат со дланките? Зошто не го истетовираат симболот на челото, ако тоа е знак за идентификација на секој Албанец?

Јас, пак, верував дека јазикот, културата, литературата, фолклорот и други нематеријални вредности, се битни за идентификација, за која било етничка идентификација. Османи нѐ уверува дека не е така. Дека две вкрстени дланки е еднакво на Албанец.

Дали? Орелот, особено двоглавиот – бил чест хералдички симбол во историјата – од Византија до денес. Двоглав орел денес ги краси државните грбови на Русија, Србија, Црна Гора, а едноглавиот грбовите на Германија и Полска. Двоглавиот орел кој некогаш ја претставувал Австроунгарија, денеска е заменет со едноглав орел на државниот грб  на современа Австрија.

Да не навлегувам во неговата широка употреба како семеен грб на бројни кралски лози. Ги има и црни и бели и жолти на разни позадини и со разни додатни симболи. Фактот што тој симбол е и на албанското знаме, не подразбира албанска ексклузивност во неговата употреба. Тој е демонополизиран.

Орелот како симбол за освојување на најголемите височини му припаѓа на светот. Така што, за некој што го освоил Монт Еверест и се фотографирал со вкрстени дланки, воопшто нема да помислам дека е Албанец. Може да биде граѓанин на која било од погоре споментатите држави. Па дури и не мора да е нивен.

Контурата на двоглав орел е тривијализација на јазичната придобивка на најглупав можен начин. На унапредената јaзичната комуникација, да се одговори со невербална комуникација!? Некои и со придобивките не знаат што да прават

Вкрстени дланки – ако сака- може да користи секој што стигнал до некои грандиозни височини, кои најчесто ги опишуваме како „на чекор до облаците“, или „точка на која може да си правиме муабет со Господ“.

Но, она што ги качува луѓето на Монт Еверест во вредносна смисла, не е етничкиот предзнак, изразен преку „национално полнење“ кое завршува со фотографија на местото каде е забодено знамето на освојувачот на врвот. Она што ги качува луѓето во височините е предизвикот да ги тестираат сопствените можности, да покажат извонредна сила, енергија, знаење, ум и волја до последниот атом – за да стигнат до целта.

Од тој аспект Монт Еверест најчесто се користи како синомим за врвни човечки достигнувања. Кога за некого ќе речат „тој го освои неговиот Монт Еверест“, јасно е дека се работи за личност која остварила врвни резултати во професијата.

Бујар, Артан, Али.., може по сто пати на ден да ги вкрстуваат дланките, но, тоа нема го направи ни подобри или поголеми Албанци, ни автоматски да ги искачи до височини за почит. За да стигнат високо, таа позиција прво треба да ја одработат овде „долу“. И не како било, туку со високи критериуми.

Во тие критериуми не спаѓа висока корупција, висока демагогија, висока ароганција, туку висок морал, високи стандарди, висока свест, висока скромност, висока одговорност. Така се стигнува до резултати. За тоа не е доволен еден политички „Ред бул“, кој инстант – ти дава крилја…

Зборуваме за манифестирање на една примитивна концептуалистичка природа, која најдиректно ја урива почитта кон потенцираниот симбол од страна на т.н. „национални претприемачи“. Зарем досега не сме виделе на колку несоодветни места „слетал“ двоглавиот орел – од спортските гаќи на српски ватерполисти, преку раткапни и чадори, до филџани за кафе и роденденски балони…  

Зарем досега не сме виделе на колку несоодветни места „слетал“ двоглавиот орел – од спортските гаќи на српски ватерполисти, преку раткапни и чадори, до филџани за кафе и роденденски балони

Кај нас, позирањата со вкрстени дланки, се под нивото што се очекува од политичари, особено од партиски лидер и вицепремиер за евроинтеграции. Бујар треба да загрее дланките за работа и реформи, а не за чалам. Не велам дека неговиот поздрав е со намера за провокација. Но, кога веќе се знае дека тој поздрав се стакна со таква „репутација“ на фудбалски натпревар во странство, би било добро да се биде внимателен дома.

Во спротивно, потегот се самопрезентира како несериозен, инфантилен, соодветен за пубертетлии кои на навивачки трибини ги јакнат етничките бицепси. Ним и може да им се прогледа низ прсти. На возрасните не. Зашто првите ќе продолжат да учат од вториве.

И не треба да се заборави дека во оваа поларизирана Македонија, голем број неАлбанци дадоа огромна поддршка на Законот за јазиците, со став дека употребата на кој било јазик не треба да се доведува во корелација со етнички проценти, туку со универзалните права на луѓето. Колку треба да си дезориентиран во просторот и времето, за да го прославиш унапредувањето на јазичните права – со пантомима?!

Контурата на двоглав орел е тривијализација на јазичната придобивка на најглупав можен начин. На унапредената јaзичната комуникација, да се одговори со невербална комуникација!? Некои и со придобивките не знаат што да прават.

Но, Македонија не е ни Милошевиќка Србија, ни нејзина верзија, за да се манифестира таков пристап. Нека размислат пантомимичарите добро за ова. Дланките не се само за имитирање орли, аплаузи и сечење ленти. По дланките (сработеното) и зборовите (кажаното) се препознава дали сме прво луѓе, а потоа се друго. Од јазикот капе и отров и мед. Од нас зависи што ќе избереме.