Еве, конечно, и една оптимистичка вест за Македонија (иако Македонија во неа воопшто не се споменува). Имено, американската агенција „Блумберг“ тврди дека светот ќе се врати во нормала по седум години. Оваа прогноза се потпира на следењето на најголемата светска база на податоци за вакцини против ковид-19, што ја поседува токму „Блумберг“.
Станува збор за следење на околу 120 милиони дози во 70-тина земји во светот. Македонија, се разбира, не се споменува затоа што тука сè уште нема вакцини, па не може ниту да се прогнозира масовноста и темпото на вакцинација. Според „Блумберг“, значи, со ова темпо на вакцинирање, на светот ќе му требаат седум години да извакцинира три четвртини од човештвото, што според стручњаците е доволен процент за стекнување на таканаречениот имунитет на стадо.
Сведок сум како претприемачите и „големите газди“, а и обичните луѓе лесно се „продаваат“ за „шака“ државни субвенции и како лесно стануваат евтина клиентела на државата
Зошто е веста оптимистичка за Македонија? Па, чекавме, еве, веќе три децении да влеземе во некаква нормала, па белки ќе ги издржиме и тие седум. Ние сме трпеливо општество и во оваа бескрајна транзиција тоа бескраен број пати го имаме докажано, па временската отсечка од седум години од македонска перспектива изгледа и утешно и оптимистички.
Според некои извори, по големата средновековна епидемија на чума, на светот му биле потребни цели четири века да се врати во вообичаената нормала. Како главен показател за ова тврдење се наведува начинот на поздравување пред епидемијата и по неа. Гушкањето и бакнувањето биле еден од вообичаените начини на поздравување, кои сосема се изгубиле за време на десетгодишната епидемија, а и потоа.
Конечно, принципот на социјална дистанца, карантини, локдауни и маскирања датираат од тоа време. Ваквиот начин на поздравување за првпат се враќа дури по Француската револуција во 1789 година, што повторно ја потврдува тезата дека луѓето од „Блумберг“ се дефинитивни оптимисти.
Добро, не е благодарно да се споредува средниот век со денешните времиња (иако човек може да биде и прилично изненаден со некои фрапантни сличности во општествените и политичките процеси), ама, сепак, можат да се извлечат некои паралели. Еден од најголемите гуруа на современата политичка мисла, авторот на делата „21 лекција за 21 век“, „Сапиенс“ и „Хомо деус“, израелскиот историчар Јувал Ноа Харари вели дека во средниот век, при пандемија, луѓето главно барале совети од свештениците, а овие им препорачувале молитви и пост, методи што биле прилично бескорисни. За разлика од тогаш, денес дури и свештениците ја слушаат науката и лекарите.
Меѓутоа, додава Харари, во последните неколку години, довербата во науката е еродирана, најмногу поради нападите на популистичките политичари врз експертите, па теориите на заговор повторно се главна тема.
Сепак, иако има некои извонредно интересни ставови, Харари, чие дело го воодушеви и Бил Гејтс (чуму оваа цинична насмевка!), тие влегуваат во доменот на општи места, што само докажува дека и интелектуалците со огромна репутација и ореол на емпириска видовитост не можат подлабоко да навлезат во социјалната димензија на овој вирус.
Моето предвидување е дека и кога ќе поминат оние фамозни седум години, односно кога ќе го добиеме имунитетот на стадо (менталитетот на стадо веќе го имаме), многумина од нас, едноставно, ќе одбијат да се вратат во таканаречената нормала, тврдејќи дека нормално е ова сега што го имаме, а не она што беше пред короната. Тврдам дека со носталгија ќе се сеќаваме на времето на короната, онака како што сега со носталгија се сеќаваме на социјализмот.
Всушност, короната ќе му дојде како некаква наша слатка одмазда на предолгата транзиција, некакво враќање кон социјалистичката парола „работел – не работел, плата ти стига“.
Зошто мислам така? Сведок сум како претприемачите и „големите газди“, а и обичните луѓе лесно се „продаваат“ за „шака“ државни субвенции и како лесно стануваат евтина клиентела на државата. И како државата, речиси незабележливо, создава огромна моќ во креирањето на посакуваниот општествен, политички и економски амбиент.
И сето тоа се случува под фирмата на „државната грижа за работните луѓе и граѓаните“. А „работните луѓе и граѓаните“ бараат уште повеќе државни субвенции и уште повеќе државна грижа… и уште повеќе државно арбитрирање за еднаквост и солидарност, макар и по цена на неслободата.
Короната ќе му дојде како некаква наша слатка одмазда на предолгата транзиција, некакво враќање кон социјалистичката парола „работел – не работел, плата ти стига“
Ги гледам претприемачите, а некои и ги познавам, како не се нешто премногу растревожени од кризата, затоа што државата им исплаќа минималец на своите вработени, кои и онака не работат, а богами гледам дека тие пари можат првин и да се „завртат“, а потоа да се употребат за намената.
Воспоставен е принуден егалитаризам. Нема повеќе скапи туристички патувања, затворени се хотелите со пет ѕвездички, нема бизнис-класа во авионите, берзата осиромаши илјадници акционери по светот, најбогатите земји на светот се во огромна социјална и економска криза…
Всушност, „времето на корона“ на дело ни покажа дека има кој наместо нас да се грижи за нашата сегашност и нашата иднина. Се чини дека и три децении подоцна не стекнавме имунитет на социјалистичкиот егалитаризам.
Всушност, според она како денес се однесуваме, мислам дека по оние фамозни седум години на „Блумберг“, со дебела носталгија ќе се сеќаваме на овие времиња и ќе посакуваме вирусот да се врати. Се разбира, не како смртоносна болест, туку како државно уредување во кое сите ќе бидеме еднакви и сите еднакво ќе зависиме од државата.