Традиционално, крајот на тековните години го одбележуваат две паралелни иницијативи што се однесуваат на жените и девојките. Декември го дочекуваме со избори на жени на годината додека паралелно тече глобалната иницијатива наречена 16 дена активизам за борба против насилството врз жените и девојките.
Атмосферата вклучува засилени дискусии за избор на највлијателни инфлуенсерки и најуспешни претприемачки, додека владините функционери со портокалови шалови нѐ уверуваат дека имаат план и желба да го решат проблемот со родово заснованото насилство. Феминистките знаат да ја убијат радоста – ќе речат многумина, и тоа не е далеку од вистината. Кампањите од овој тип навистина имаат своја причина и цел, но зошто додека тие се одвиваат, наместо да се мотивирам, јас се разлутувам?
Сафра ме фаќа поради пропуштените шанси и промашениот фокус.
Пукањето со „ќорци“ е неминовно, кога во организираните иницијативи отсуствува разбирањето на комплексните релации на моќ и структурните нееднаквости, кои го сочинуваат фундаментот на нашето општество и кои ја градат арматурата на нашите социјални, политички, културни и економски релации. Насилството не претставува само физички акт на сила, кој го повредува телото на жртвата. И душата боли, и срцето знае да плаче, и телото знае да трепери кога е ненахрането. Токму затоа, не можете да се справувате со општествен проблем ако не го разбирате или уште полошо ако го поддржувате системот во кој тој проблем се одомаќинил и заживеал удобно.
Насилството не претставува само физички акт на сила, кој го повредува телото на жртвата. И душата боли, и срцето знае да плаче, и телото знае да трепери кога е ненахрането. Токму затоа, не можете да се справувате со општествен проблем ако не го разбирате или уште полошо ако го поддржувате системот во кој тој проблем се одомаќинил и заживеал удобно
Да се зборува за успешност или за ставање крај на родово заснованото насилство, без да се проблематизира и демонтира актуелниот социо-економски систем е процес однапред осуден на пропаст. Како феминистки, ние го разбираме капитализмот, не само како збир од економски процеси, туку како интегриран систем на социо-економски односи.
Анализата за влијанието на дискриминацијата и неправдата врз здравјето и благосостојбата на текстилните работнички од Славчо Димитров и Ана Блажева го покажува хороричното секојдневие на овие жени.
Искуствата на неправда меѓу текстилните работнички сведочат за присуството на застрашувачки, неподносливи и постојани практики на експлоатација и злоупотреба, прекршување на работничките права, лишување од основните социјални услови и нужности за достоинствен живот, работа во нехумани и здравствено-нарушувачки услови, повреда на достоинството и самопочитта, значително обезмоќување и секојдневно подложување на навреди, понижувања, вознемирувања и неуважување на нивните страдања, потреби и емоции.
„Не е доволно, не е доволно, поради тоа што работиме премногу, се оддаваме на работата со празници и прекувремено, и не е доволно, и греота е, доаѓа први август, да не можеме децата да ги однесеме до еден Дојран, а нашите газди да шетаат во Мајами, Бора Бора, Флорида или каде било. Значи не е фер еден работник да работи 6 дена во неделата по 8 часа здрвен на столот, и да не може да си дозволи еден одмор до Дојран децата да ги однесе, постои разлика, сега е само сиромав и богат…“- ќе раскаже една 36-годишна текстилна работничка.
Да се послужиме со зборовите на Маркс, за кој „капиталот е мртов труд кој како вампир живее единствено преку цицањето на живиот труд, и живее толку повеќе, колку што труд ќе исцица. Конечно, портокаловите шалови што се обесени на министерските вратови многу веројатно се сошиени од истите жени во идентични услови како опишаните. Вистинската борба против насилството врз жените, меѓу другото, мора да почне со обезбедување фер надоместок за трудот, чести и строги трудови инспекции во текстилни и други фабрики, зајакнато и независно синдикално движење, вклученост на потребите на работничките во законите и политиките.
Дополнително, за да се стартува операцијата на спасување, потребен е и силен и независен правосуден и институционален систем, кој, не само што ќе ги издржи промените, туку и ќе ги засили резултатите и исходите на сметка на обесправените. Лошата вест е дека сегашниот систем е далеку од тоа. На пример, стапката на пријавување случаи на насилство се движи околу 14 отсто во просек во европските земји, а таа во Македонија изнесува 2 отсто.
Истражувањата покажуваат дека оваа застрашувачки ниска стапка на пријавување се должи на недовербата во институциите, перцепција базирана на споделени искуства дека насилниците нема да бидат казнети, но и општествениот срам со кој се соочуваат особено жените жртви на сексуално насилство.
„Бевме сами кај другарка ми. Тој што ме вознемируваше, дојде на врата. Се јавивме во полиција и ми рекоа дека морам да дојдам лично во полициска станица да направат записник. Им кажав дека не можеме да излеземе затоа што стои пред врата. Ми рекоа дека таква е процедурата. Само јас знам како таа вечер се вратив дома…“- ќе раскаже една од стотиците жени, кои своите искуства ги споделија со тимот на феминистичката платформа „Медуза“.
Споделените искуства од жените и девојките варираат од неуважување на нивните страдања (е добро де ништо не ти е), ниско приоретизирање (има поважни кривични дела за решавање), па сѐ до оправдување или барање вина кај самите жртви (ако не отиде таму, ако не се облечеше така, немаше да ти се случи ништо)
Споделените искуства од жените и девојките варираат од неуважување на нивните страдања (е добро де ништо не ти е), ниско приоретизирање (има поважни кривични дела за решавање), па сѐ до оправдување или барање вина кај самите жртви (ако не отиде таму, ако не се облечеше така, немаше да ти се случи ништо).
Огромен дел од жените, девојките и квир луѓето што побарале правда, со години чекаат одговор од обвинителството или се справуваат со разочарувањето што следело по неуспешните судски постапки или неадекватни пресуди. Па така, портокаловиот шал, наместо на вратот на министрите, треба да се стои врз устата на жените и очите на правосудните органи.
Да се опстои во овие состојби претставува најтешката маратонска дисциплина, па токму затоа за мене жени на годината се:
Работничките и сиромашните жени што успеале да останат живи во тековната година со минимална плата и надвор од системот;
Жените со здравствени проблеми врз чиј грб лежат гредите од разурнатиот здравствен систем;
Жените жртви на насилство присилени да бидат и полиција, и обвинителки, и судии за да се заштитат себеси и најблиските;
Сексуалните работнички, чии тела ги носат лузните од иницијативите за сексуалната и морална чистота;
Немажените и бездетните жени, кои го вдишуваат секогаш одново срамот доделен од чуварите на патријархалниот ред;
Самохраните мајки, чии животи полека згаснуваат од премор и исцрпеност;
Конечно, сите жени што се одбележани како „хистерични лудачи“, параспури, фрустрирани, „сексуално незадоволени“, грди, убави ама глупави, дебели, преслаби, „баби“, „без усул“.
Капа долу што ја издржавте и оваа 2022!
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија