Техничката министерка за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи, драматично соопшти дека состојбите во Специјалниот завод во Демир Капија се „чист ужас“.
„Овие услови се нехумани, нечовечни. Ова е чист ужас. Од најавените поправки на Специјалниот завод можеме да најдеме исфарбани ѕидови, додека водоводната и електричната инсталација е сѐ уште онаа од 56-та, односно 58-ма година“, изјави Мизрахи.
До денес не сум сретнала човек што мисли дека состојбите во Заводот се добри. Обиди за подобрување секако имало, но како завршиле? Секој граѓанин има личен впечаток за состојбите таму, но функционерите имаат една обврска повеќе – да ѝ дадат на јавноста и точни информации за причините за констатираниот ужас.
Ако од државниот буџет биле инвестирани средства за подобрување на условите, мора да знаеме зошто ги нема ефектите.
ВМРО-ДПМНЕ беше на власт од 2006 до 2017 година, а првите конкретни обиди за подобрување на состојбите во Специјалниот завод во Демир Капија ги започна во 2013 година. Како што соопшти тогаш владата (соопштенијата сѐ уште стојат на владиниот сајт), до крајот на 2013 година ЦЕЛОСНО бил реновиран блокот А од 960 квадратни метри, со капацитет за 48 корисници.
Втората фаза почна во мај 2015 година, со реконструкција и ЦЕЛОСНО реновирање на блокот Ц. Тогашниот директор на Заводот, Петре Николов, во присуство на ресорниот министер, Диме Спасов, изјави дека во таа фаза комплетно се реновираат санитарни јазли, инсталациите, електриката, климите…
Владата тогаш се пофали дека „целосно се реновирани 50 отсто од капацитетите на Заводот, односно простор за престој на околу 100 лица“.
Сите одговорни и отчетни политичари си прилегаат еден на друг, а секој неотчетен и неодговорен е ужасен на свој начин
Дали владата на ВМРО-ДПМНЕ ја манипулирала јавноста, ако Мизрахи тврди дека целата водоводна и електрична инсталација е од ‘56 и ‘58 година и дека објектите биле само варосани? Еве шанса Мизрахи да ги провери фактите и да ја информира јавноста дали и кој манипулирал со јавноста.
Во моментот на посетата во институцијата биле сместени 227 корисници. Било констатирано дека не бил постојано вработен општ доктор, ниту стоматолог, дека сите одделенија се во лоша состојба и не ги исполнуваат минималните услови за живот.
Собите на штитениците биле полни со влага и мувла, ќебињата стари, на повеќе кревети немало перници, а во дел од собите на креветите лежеле мачки скитници… Плочките во тоалетите не биле исчистени подолго време, во мијалниците и кадите имало мувла и нечистотија, во поголемиот дел од тоалетните школки – фекалии, а вработени во Заводот не сакале ни да вклучат осветлување во дел од тоалетите, бидејќи тие се наоѓале во неподносливо лоша состојба.
Како особено загрижувачки е посочен наодот проверен во Книгата на смртни случаи: од 1993 година до 5 февруари 2016 година во заводот починале 375 лица. Чист ужас.
Извештајот на ХК во 2016 година го пренесоа сите медиуми. Претпоставувам дека и Мизрахи морала да слушне за него, бидејќи, според биографијата, во тој период не била во странство, туку во Скопје: од 2015 до 2017 година била советник во Министерството за здравство.
Од вкупно 482 корисници кои биле сместени во шест социјални институции, денеска таму живеат 267 лица, што за две и пол години претставува намалување за повеќе од 44%
Што велат податоците денес? По смената на власта во јуни 2017 година, од 227 затекнати штитеници во Заводот, денеска во него се сместени 189 лица за кои се грижат 40 негуватели, или еден негувател за четири лица. Дали е доволно? Секако дека не. Но, за нијанса е подобро од претходно, кога еден негувател се грижел за шест и повеќе лица.
Со процесот на деинституционализација, 21 штитеник од Заводот се сместени во пет групни домови за нив се грижат 22 негуватели и две стручни лица, или еден негувател на еден корисник. Од вкупно 482 корисници кои биле сместени во шест социјални институции, денеска таму живеат 267 лица, што за две и пол години претставува намалување за повеќе од 44%.
Дали е доволно? Не. Но процесот на деинституционализација е започнат. Ако продолжи со исто темпо, за неколку години ниту едно лице нема да остане во некоја од тие установи.
Дали Мизрахи може да го реши овој проблем за 100 дена? Не. Но, за тој период реално може да обезбеди веродостоен одговор дали зад варосаните ѕидови навистина е сменета каква било инсталација – водоводна и електрична.
И да не заборава дека сите одговорни и отчетни политичари си прилегаат еден на друг, а секој неотчетен и неодговорен е ужасен на свој начин.