Истражувањa

„Енергетска независност“: Критичарите сo вжештени ставови околу хрватскиот план за ЛНГ

Зошто Хрватска продолжува со проектот кој ќе ја претвори врвната туристичка дестинација во центар за течен природен гас?

„Obliti privatorum publica curate“, пишува на латински на влезот од градското собрание, што во превод значи „Заборавете на приватното и грижете се за јавното“.

За Мирела Ахметовиќ, градоначалничката на приморскиот град Омишаљ, кој се наоѓа на хрватскиот остров Крк, тоа е максима според која треба да се живее. Дури и кога треба да биде на одмор, таа е во канцеларијата и дискутира за енергетскиот проект против кој се бори изминативе три години.

Ахметовиќ (38) зборува отворено. Методично ги средува мислите, на ист начин како што се нанижани документите во дебелата, црвена папка на бирото пред неа: писма со жалби, испратени до министрите и државните институции. На поголемиот дел од нив не добила одговор.

„Сè додека сум градоначалник на Омишаљ […] ќе го барам секој правен начин да го затворам овој проект“, изјави Ахметовиќ за БИРН. „Ова е моја работа, моја должност и задоволство. Ќе пишам и до претседателот на светот ако треба“.

Проектот против кој се залага таа е пловечки терминал за течен природен гас (ЛНГ), кој треба да биде изграден на северозападниот дел од Крк, најголемиот остров во Хрватска и врвна туристичка дестинација.

Сметан како „проект од стратешки интерес“, тој вклучува прицврстување на цистерна со нафта во должина од 280 метри и тоа пред самите урнатини на античкиот римски град Фулфиниум, во непосредна близина на Омишаљ. Оттаму се протега видик кон пенливиот залив на Ријека, во северниот дел од Јадранското Море.

Приморскиот град Омишаљ на северен Јадран. Фотографија: БИРН

Терминалот кој ќе чини 234 милиони евра, ќе им овозможи на пловните објекти натоварени со ЛНГ да го растоварат својот течен товар кој веднаш ќе биде претворен во обичен гас, кој потоа ќе може да се дистрибуира преку хрватските цевководи.

При полн капацитет ќе може да обработува 2,6 милијарди кубни метри гас годишно, што е еквивалентно на скоро 80 проценти од годишната потрошувачка на гас во Хрватска. Тој би требало да биде ставен во функција и да почне со работа до 2021 година.

Инфографик: Сара Саламон

Иницијативата добила значителни финансиски средства од ЕУ како еден од Проектите од заеднички интерес на Унијата, што всушност претставуваат клучни прекугранични инфраструктурни проекти што ги поврзуваат енергетските системи на земјите членки.

Владата вели дека проектот е „важен за енергетската независност и безбедност на Хрватска“, затоа што ќе помогне да се диверзифицира снабдувањето со гас, што е учтив начин да се каже дека Хрватска нема да мора да се потпира толку многу на Русија.

Градоначалничката на Омишаљ, Мирела Ахметовиќ ги разгледува документите во градското собрание. Фотографија: Јелена Прториќ

Но, експертите, активистите и локалните жители интервјуирани од страна на БИРН, на проектот гледаат како на предупредувачка приказна за тоа што се случува кога слепото придржување до догмата за енергетска безбедност ќе надвладее над здравиот разум.

Критичарите велат дека владата не го разгледала детално планот ниту пак се консултирала со оние кои ќе бидат засегнати. Тие, исто така, се спротивставуваат на планот за да ја заштитат животната средина, опишувајќи го како закана за морскиот свет во тиркизните води на Крк.

Дополнително, постојат сомнежи околу неговата економска одржливост. Владата никогаш не објавила соодветна анализа на трошоците и придобивките, но БИРН може да открие дека Хрватска е нетактична кога станува збор за залудно трошење на јавните средства.

Помалку од една година пред терминалот официјално да започне со работа, сите показатели укажуваат дека нема голема веројатност проектот да биде исплатлив. Ниту, пак, дека со него ќе се намалат цените на гас за хрватските потрошувачи.

Всушност, експертите велат дека хрватските даночни обврзници ќе ја платат сомнителната сума во висина од 100 000 милиони евра за земјата да добие енергетска независност, што главно ќе им биде од корист на другите земји во регионот.

Изградба на носечките столбови за поврзување на идниот терминал за ЛНГ со брегот на Омишаљ. Фото: БИРН

Енергетско православие во ЕУ

Наоѓалишта на природен гас во јадранскиот и во регионот на источна Славонија, ја ставаат Хрватска во многу подобра позиција од многу други земји на ЕУ во однос на енергетската независност.

„Во моментов произведуваме доволно гас за да ги задоволиме скоро половина од нашите потреби“, вели Катарина Симон, специјалист за гас на Факултетот за рударство, геологија и петрохемиско инженерство при Универзитетот во Загреб.

„Но, бидејќи нашето национално производство се намалува, сѐ повеќе зависиме од увозот“.

Како и на други места во Европа, Хрватска увезува гас од Русија, и тоа околу 2,04 милијарди кубни метри во 2018 година, или две третини од годишната потрошувачка на земјата, кажуваат податоците од рускиот гигант за гас „Гаспром“.

За споредба, истата година Германија извршила увоз на 58,5 милијарди кубни метри, со што станала најголемиот индивидуален купувач од „Гаспром“ во Европската унија. Словачка, чие население е само малку побројно од Хрватска, имала увоз од 5,8 милијарди кубни метри.

По низата руско-украински спорови во врска со гасот во последните децении, што доведе до прекин во снабдувањето со гас за Европа, ЕУ започна да бара алтернативни извори на гас, а ЛНГ зеде централно место во нејзината енергетска политика.

ЛНГ (liquid natural gas – течен природен гас) е акроним што го објаснува не само значењето на самиот гас, туку и методот на транспорт.

За да се сведат на минимум трошоците за испорака на гас на долги растојанија, природниот гас се лади на минус 162 степени Целзиусови, и се претвора во течност. Со ова се компресира до 600 пати.

Течниот гас потоа се транспортира до терминалите за увоз на ЛНГ, како што е планиран да биде тој во Омишаљ, од каде што повторно ќе се претвори во гас пред да стаса до гасоводите и да биде дистрибуиран до потрошувачите.

Инфографик: Сара Саламон

Ваквите терминали за увоз на ЛНГ станаа новите порти за снабдување со гас во Европа, кој не е од руско производство. ЛНГ, исто така, се смета за „транзициско фосилно гориво“, дел од стратегијата на ЕУ за престанок на користење на јагленот и нафтата.

Во 2016 година, Европската комисија ја претставила Стратегија на ЕУ за ЛНГ и складирање на гас што вклучува изградба на потребната инфраструктура „за целосно создавање на внатрешен пазар за енергија и идентификување на потребните проекти за ставање крај на зависноста на одредени земји-членки од еден извор за снабдување со гас“.

Паско Сабидо, истражувач во Опсерваторијата за корпоративна Европа, непрофитна организација со седиште во Брисел, која ги следи ефектите од корпоративното лобирање врз политиката на ЕУ, вели дека притисокот за поголема ЛНГ инфраструктура доаѓа од индустријата за гас и гасоводи, како и од секторот преку кој се обезбедува ЛНГ како гориво за бродовите.

„Оваа инфраструктура се гради за да трае“, изјави тој во телефонско интервју за БИРН. „За 20 години, ќе им биде полесно на овие компании да го забават процесот за престанок на користење на природниот гас со аргументот дека ја изградивме целата оваа инфраструктура и треба да ја користиме“.

Оваа инфраструктура се гради за да трае. За 20 години, ќе им биде полесно на овие компании да го забават процесот за престанок на користење на природниот гас со аргументот дека ја изградивме целата оваа инфраструктура и треба да ја користиме.

– Паско Сабидо, истражувач во Опсерваторијата за корпоративна Европа

Во октомври, Опсерваторијата за корпоративна Европа се здружи со групациите за заштита на животната средина, како што се „Пријатели на Земјата“ и „Гринпис“, за да објави истражување  кое покажува дека од 2010 година, само пет нафтени и гасни гиганти, „Шел“, „БП“, „Тотал“, „ЕксонМобил“ и „Шеврон“, потрошиле најмалку 250 милиони евра за лобирање во ЕУ.

Во извештајот се истакнува дека ЕУ, и покрај својата цел да се бори против климатските промени, великодушно ја субвенционира изградбата на инфраструктура за гас.

„Над 1,6 милијарди евра биле потрошени на проекти за гас од 2014 година, иако знаеме дека секоја дополнителна инфраструктура нè обврзува и во иднина да користиме фосилно гориво“, се вели во извештајот.

Според една студија на пазарот од страна на германскиот консултантски тим за енергија „Тим консалт“, заклучно со крајот на 2017 година, вкупниот капацитет за регасификација во  24-те големи ЛНГ терминали на ЕУ изнесувал 146 милијарди кубни метри, споредено со 90 милијарди кубни метри  во 2007 година.

Оваа бројка се очекува значително да порасне со 22 дополнителни терминали за увоз на ЛНГ од големи размери, чија изградба е планирана или разгледувана во Европа (од кои 17 ќе бидат во земјите на ЕУ), велат од индустриското тело „Гасна инфраструктура на Европа“.

Овој инфраструктурен бум на ЛНГ бил топло дочекан од другата страна на Атлантикот, каде Соединетите Американски Држави станале еден од најголемите извозници на гас во светот. Американската администрација за енергетски информации очекува 2019 година да биде рекордна година за извоз на природен гас.

На состанокот со американскиот претседател Доналд Трамп во 2018 година, поранешниот претседател на Европската комисија Жан-Клод Јункер ветил дека „Европа ќе увезува повеќе гас од САД“.

Мајк Фулвуд, постар истражувач во Институтот за енергетски студии на Универзитетот во Оксфорд, вели дека ваквите изјави даваат погрешна слика за тоа како работи пазарот.

„Јункер не купува гас, а Трамп не го продава“, рече тој во телефонското интервју. „Пазарот купува и продава гас“.

За Фулвуд, една од главните предности на ЛНГ терминалите, е фактот дека тие можат да се користат за да се добие предност во преговорите со Русија.

„Кога постои алтернативен извор за снабдување со гас, полесно е да се преговара за цените со „Гаспром“, вели тој.

Кога постои алтернативен извор за снабдување со гас, полесно е да се преговара за цените со „Гаспром“.

– Мајк Фулвуд, Институт за енергетски студии на Универзитетот во Оксфорд

Но, тоа во скоро време нема да биде опција за Хрватска – со или без терминал.

Во 2017 година, еден од најголемите добавувачи на гас во земјата, „Прво плинарско друштво“, потпишало 10-годишен договор со „Гаспром“ и се договориле за цената на милијарда кубни метри гас годишно до 2027 година.

„Хрватска се врати во Гаспром“, гласеше насловот во рускиот весник „Комерсант“ кога се појавија вестите.

„Белило во морето“

ЛНГ Хрватска, државна компанија надлежна за спроведување на проектот на Крк, не одговори на барањата за интервју на БИРН, ниту на прашањата пратени по е-пошта.

Но, критичарите на планот за ЛНГ велат дека слепото придржување кон енергетската стратегија на ЕУ и овозможило на владата да ги игнорира прашањата што би им наштетиле на другите инфраструктурни проекти.

Вјеран Пиршиќ, претседател на невладината организација за животна средина во Крк, „Еко Кварнер“, е еден од погласните противници на терминалот.

Вјеран Пиршиќ со сопругата Маријана во нивната дневна соба / канцеларија во Њивице, Крк. Фото: Јелена Прториќ

Пиршиќ е крупен човек, кој зборува тивко и смирено. Кога ѕвони неговиот мобилен телефон, се слуша смирувачката песна на евроазиската златна ориола, птица која живее во овие краишта.

На прозорецот од неговата канцеларија во Њивице, село јужно од Омишаљ тој чува три јапонски мечеви. Пиршиќ ни покажа како ги држи мечевите за време на медитација, ослободувајќи се од тензијата кога кампањата станува многу стресна.

Тој успешно се изборил против дупчењето нафта во Јадранот, производството на јаглен на хрватскиот полуостров Истра и проектот за проширување на рускиот нафтовод до Јадранот. Деновиве, тој најмногу се занимава со влијанието на ЛНГ терминалот врз локалната животна средина.

Во ноември 2017 година, ЛНГ Хрватска била ко-домаќин на јавна презентација во Омишаљ заедно со ЕКОНЕРГ, фирмата што ја направила студијата за влијанието врз животната средина, што е законска обврска.

Околу 400 локални жители од општината која брои 2.500 лица присуствувале на настанот, што вклучувал сесија со прашања и одговори која траела скоро пет часа.

Во аудио снимката на прашањата и одговорите, менаџерите се слушаат како даваат конфузни, неповрзани одговори кога публиката, која станувала сè понепријателска, ги искажала своите грижи.

Во еден момент, еден локалец, кој се претставувал како Бранко Бан започнал да прашува за загадувањето со натриум хипохлорит, што се користи како средство за чистење на индустриските компоненти.

Експертите на ЕКОНЕРГ се обидувале да ја променат темата, но Бан ги донел заклучоците врз основа на податоците во извештајот за влијанието врз животната средина. Забележувајќи дека во суштина натриум хипохлорит е белило (варикина), тој изјавил: „Секоја година ќе испуштате околу 376 000 килограми белило во морето!“

Управителите на снимката не го негирале тоа, иако една година подоцна, во ноември 2018 година, ЛНГ Хрватска на својот вебсајт објавила дека за ЛНГ носачот што го купила ќе користи „механичко чистење“, а не хипохлорит за чистење на индустриските компоненти.

Секоја година ќе испуштате околу 376,000 килограми белило во морето!

– Бранко Бан, жител на Омишаљ

За Пиршиќ, целата презентација била „дебакл“ за ЛНГ Хрватска.

Тој вели дека компанијата не успеала да ja смири локалнaтa загриженост, вклучително и негативното влијание врз туризмот, опасностите по морскиот живот и ризиците поврзани со изложеноста на терминалот на познатите силни ветрови во регионот.

Тимот на комесарот на ЕУ за енергетика изјавил за БИРН по е-пошта дека „сите големи инфраструктурни проекти треба да се развиваат во тесна соработка со локалните власти и граѓаните кои живеат близу до проектот“.

Но, според Пиршиќ и градоначалничката Ахметовиќ, таква соработка не постои.

Локалното население не е заведено ниту од можноста за нови работни места, бидејќи терминал со ваква големина обично е управуван од екипаж од само 30-40 лица. Тие ќе бидат ангажирани од „Голар Пауер“, норвешка компанија која ќе биде задолжена за работата и одржување на терминалот.

Во меѓувреме, Ахметовиќ тврди дека министерот за животна средина и енергетика, Томислав Ќориќ, се обидел да ја убеди да не го критикува проектот во медиумите ветувајќи дека ќе финансира проект за инфраструктура за вода во Омишаљ, само доколку таа замолчи.

Сеќавајќи се на состанокот со Ќориќ во ноември 2017 година, таа за БИРН изјави: „Сфатив дека всушност ми се нуди мито со јавни средства“.

Ќориќ не одговори на барањето на БИРН за интервју или прашањата пратени преку е-пошта. На прашањето во врска со тврдењето, канцеларијата за печат на Министерството одби да „коментира за овие неосновани тврдења“.

Ахметовиќ е член на лево централистичката Социјалдемократската партија (СДП), главната опозициска партија на владејачката коалиција, предводена од партијата на конзервативната демократска унија (ХДЗ), чиј член е Ќориќ.

Но, таа негираше дека нејзиното спротивставување на терминалот е водено од партиска политика, истакнувајќи дека членовите на регионалниот совет, и од СДП и од ХДЗ гласале едногласно против проектот во ноември 2017 година (иако советниците на ХДЗ биле воздржани во текот на следната дебата пет месеци подоцна).

Во јуни 2018 година, парламентот го одобрил „Lex LNG“, закон што го отворил патот за изградба на терминалот и ги решил проблемите со сопственост на земјиштето со цел побрзо да започне неговата изградба.

Воздушен поглед на местото каде се гради ЛНГ терминалот. Фотографија: БИРН

Малку е доцна

Без оглед на загриженоста за животната средина и транспарентноста, инсајдерите во индустријата за гас стравуваат дека ЛНГ проектот едноставно ќе испадне неодржлив.

Дарија Карасалиховиќ-Седлар, специјалист за нафтена и гасна економија на Катедрата за нафтено инженерство при Универзитетот во Загреб, вели дека Хрватска премногу доцна влегла во играта со ЛНГ за да биде играч со кредибилитет.

„Пред десет години, пазарот не беше толку заситен со природен гас“, вели таа. „Можевме да станеме центар за гас“.

Пред десет години, пазарот не беше толку заситен со природен гас. Можевме да станеме центар за гас.

– Дарија Карасалиховиќ-Седлар, специјалист за енергетска економија

Во последните години не само што е зголемен бројот на ЛНГ проектите на други места во Европа, туку Трансјадранскиот гасовод (ТАП) што ја поврзува северна Грција со Италија преку Албанија треба да стане функционален во 2020 година.

ТАП е дел од т.н. јужен коридор за гас кој ветува дека во Европа ќе го донесе природниот гас од Каспискиот регион преку Балканот и Централна Европа.

Идејата за изградба на ЛНГ терминал во Омишаљ датира од средината на 90-те години кога хрватската државна нафтена компанија ИНА го предложила тоа, но првичниот план останал само во фаза на истражување.

Концептот повторно се актуелизирал на почетокот на 2000-те со основањето на „Адрија ЛНГ“, меѓународен конзорциум на енергетски фирми што ги сочинуваат германскиот „Е.ОН Рургас“, францускиот „Тотал“, австрискиот „ОМВ“, чешко-германскиот „РВЕ“ и словенечкиот „Геоплин“.

Планот на „Адрија ЛНГ“ за изградба на терминал за 10 милијарди кубни метри гас на годишно ниво имал за цел создавање на центар за гас за регионот, кој требало да се изгради во партнерство со „Дина Петрохемија“, хрватска фабрика за хемикалии која тогаш работела во близина на Омишаљ.

Местото каде се наоѓа веќе затворената постројка на „Дина Петрохемија“, во близина на Омишаљ, веднаш до местото предвидено за изградба на ЛНГ терминалот. Фотографија: БИРН

За ЛНГ повторно да се претвори во гасна состојба, треба да се загрее на температура поголема од 0 Целзиусови степени. „Адрија ЛНГ“ сакала да ја користи загреаната вода што била нуспроизвод на хемиското производство во „Дина Петрохемија“.

Јосип Шепчиќ, поранешен специјалист за истражување и развој во „Дина Петрохемија“, се сеќава на тоа како на „сериозен проект“.

„Нашата администрација одолговлекуваше и странските компании го загубија трпението“, вели тој.

Во 2010 година, „Адрија ЛНГ“ ги затворила своите канцеларии во Загреб. БИРН им се обрати на сите компании во конзорциумот да праша зошто проектот бил замрзнат, но тие одбија да коментираат.

Бесплатно возење за другите’

Користејќи ги податоците од владата, БИРН темелно го истражи проектот за најновиот терминал.

Во цената од 233,6 милиони евра за ЛНГ терминалот биле вклучени 159,6 милиони евра за купување на норвешки танкер изграден во 2005 година и негово преобразување во Единица за пловење, складирање и регасификација, името под кое е познат објектот.

Од вкупните капитални расходи, Европската унија дава 101,4 милиони евра.

Хрватската влада би платила 100 милиони евра од државниот буџет. Во јули, Европската комисија одобрила користење на парите на даночните обврзници наведувајќи дека тоа е „во согласност со правилата на ЕУ за државна помош“ против нарушување на конкуренцијата.

Останатите 32,2 милиони евра ќе дојдат од двете матични компании на ЛНГ во Хрватска: електроенергетската компанија „ХЕП“ и операторот на преносни цевки „Плинакро“, и двете во државна сопственост.

За да се добие финансирање од ЕУ, инфраструктурните проекти треба да покажат дека ќе бидат економски одржливи. Ова се прави со отпочнување на јавно наддавање за да се утврди пазарниот интерес и да се идентификуваат потенцијалните клиенти.

За време на јавното наддавање, ЛНГ Хрватска добила обврзувачки понуди од само двајца купувачи. Едната била државната групација за нафта и гас „ИНА“, а другата била „ХЕП“. Заедно, тие се обврзале да купуваат 520 милиони кубни метри гас годишно.

Ова ниту оддалеку не го исполнува критериумот од 1,5 милијарди кубни метри гас за кој Европската комисија рекла дека ќе биде потребно со цел инвестицијата во изградбата на терминалот да биде на позитивна нула.

И покрај непромислената математика, владата на почетокот од 2019 година одлучила да го финансира проектот.

Дневниот весник „Нови лист“ од Ријека ја цитирал директорката на ЛНГ Хрватска, Барбара Дориќ која рекла дека „економскиот тест на терминалот се покажал позитивен“ и дека „цените на ЛНГ ќе бидат конкурентни“, што значи дека купувачите би биле привлечени од ниските цени на гасот и со тоа би го направиле терминалот профитабилен .

Но, аналитичарите велат дека нејзината доверба е неоснована.

Прво, ЛНГ Хрватска нема никаква контрола врз цената на гасот што поминува низ терминалот, бидејќи договорите се преговараат директно меѓу купувачите (компании што продаваат гас на крајните потрошувачи) и продавачите (извозните компании на ЛНГ).

Бидејќи ЛНГ Хрватска во суштина е само давател на услуги на трети страни чија улога е да го претвори течниот ЛНГ во гасна состојба што го купуваат и продаваат други компании, единствената цена на која може да влијае е тарифата што ја наплаќа за повторната гасификација на ЛНГ.

„Без оглед колку се конкурентни вашите тарифи, ниту една компанија нема да го купи вашиот ЛНГ ако можат да добијат поевтин гас преку цевководот“, вели Карасалиховиќ-Седлар од Загрепскиот универзитет.

Од Европската комисија во јули изјавиле дека врз основа на понудите во јавното наддавање „Хрватска тврди дека би имала загуба од 193 милиони евра“.

Па, дури и ако можноста за купување на ЛНГ од извозниците ширум светот може да послужи како адут при преговарање за цената на гасот со Русија, голема е веројатноста дека нема да се намалат сметките за гас на Хрватите, вели Фулвуд од Институтот за енергетски студии на Оксфорд.

„Бидејќи терминалот се плаќа со јавни средства, хрватските даночни обврзници во основа им нудат бесплатно користење на сите други земји што би можеле да имаат корист од него“, рече тој.

Бидејќи терминалот се плаќа со јавни средства, хрватските даночни обврзници во основа им нудат бесплатно користење на сите други земји што би можеле да имаат корист од него.

– Мајк Фулвуд од Институтот за енергетски студии на Оксфорд

Една таква земја е Унгарија.

Во април, хрватскиот министер за животна средина и енергија објави дека Унгарија била заинтересирана да купи 25% од акциите во ЛНГ Хрватска (видете ја рамката).

Пал Сагвари, генерален амбасадор за меѓународни енергетски односи во унгарското Министерство за надворешни работи, во телефонско интервју за БИРН изјави дека преговорите се во тек.

„Унгарија отсекогаш била заинтересирана за терминалот затоа што ние сакаме да ги диверзифицираме нашите извори на гас“, вели тој.

Според рускиот извозник на гас „Гаспром“, во 2017 година тие испорачале седум од вкупно 10,3 милијарди кубни метри гас што Унгарија ги потрошила таа година,.

Со големиот договор за гас помеѓу Унгарија и Русија што треба да истече во 2021 година, Будимпешта се надева дека ќе може да преговара за условите и цените.

„[Хрватскиот терминал] може да биде многу корисна алатка за нас за време на преговорите“, вели Сагвари.

Облаци се надвиснуваат над „Независност“, 294-метарски ЛНГ терминал во пристанишниот литвански град Клајпеда. Фотографија: Јелена Прториќ

Независност, на балтички начин

За да се добие чувство како е да се има ЛНГ терминал пред вашиот праг, треба да се посети балтичкото пристаниште Клајпеда, трет по големина град во Литванија.

Во добро одржуваниот центар на Клајпеда, саксии со цвеќиња ги красат прозорците на нордиските куќи, иако во поголемиот дел од градот доминираат станбените блокови од времето на Советскиот Сојуз.

Во средина на полното пристаниште на Клајпеда се наоѓа „Независност“, првиот и единствен терминал на ЛНГ.

Поздравувајќи го како пример за добро испланиран ЛНГ терминал, кој направил вистинска разлика во енергетската независност, експертите велат дека зад успехот на „Независност“ стои јасната цел што недостасува во плановите на ЛНГ Хрватска.

Според Европската комисија, терминалот бил изграден со скоро 450 милиони евра, пари од даночните обврзници. Унијата ја одобрила државната помош во 2013 година со образложение дека проектот „ги поддржува енергетските цели на ЕУ без непотребно нарушување на конкуренцијата“.

Од почеток до крај, проектот за „Независност“ бил комплетиран за помалку од четири години. Ова е неспоредливо со речиси 15-годишното планирање, со постојани прекини, од различни актери за терминалот во Омишаљ.

Во должина од 294 метри, преобразениот танкер за нафта е само малку поголем од оној што е наменет за Крк, но може да преработува до четири милијарди кубни метри природен гас годишно, што е скоро двојно повеќе од капацитетот на хрватскиот терминал.

Фудбалски терен на огромната палуба на „Независност“ е показател за големината на ЛНГ терминалот во Клајпеда. Членовите на 30-члениот екипаж го користат теренот за да се релаксираат меѓу испораките на ЛНГ. Фото: Јелена Прториќ

Ритис Савикис, портпарол на „Клајпедос Нафта“, државниот оператор на терминалот, вели дека само во јуни, „Независност“ регасифицирала доволно гас за производство на 2,4 терават часови енергија, што е приближно еквивалентно на потрошувачката на енергија за тој месец на балтичките држави Естонија, Летонија и Литванија.

Пред да започне со работа „Независност“ во 2014 година, три милионското население во Литванија било 100 проценти зависно од рускиот гас. Имало еден гасовод, преку Белорусија, и еден снабдувач, „Гаспром“.

До 2018 година, Литванија скоро го преполовила увозот на руски гас, купувајќи 1,4 милијарди кубни метри во однос на 2,7 милијарди кубни метри во 2013 година, пред да се изгради терминалот.

„[Изградбата на терминалот] беше политичка и економска одлука“, изјави за БИРН заменик министерот за надворешни работи на Литванија, Албинас Зананавичиус, за време на интервјуто направено во Вилнус, литванската престолнина.

Да не се литванското знаме и претседателскиот портрет на ѕидот, канцеларијата на Зананавичиус, со бујните растенија, малата клуб маса и белите кожни столици, повеќе наликува на нечија дневна соба.

„Плаќавме една од највисоките цени за гас во ЕУ“, изјавил Зананавичиус.

Властите го назначиле „Клајпедос Нафта“ за оператор, а државната компанија за трговија со гас „Литгас“ (дел од претпријатието во државна сопственост „Литванска енергија“) потпишала петгодишен договор со норвешката енергетска компанија „Статоил“ (сега „Еквинор“) за увоз на 540 милиони кубни метри гас годишно.

Според Андриус Шимкус, адвокат за енергетика, кој го изготвил првото законодавство за ЛНГ во земјата во 2010 година, самата изградба на инфраструктурата не била доволна за рушење на рускиот монопол на пазарот за гас.

За да се направи тоа, пратениците вовеле посебна договорна обврска за електраните што произведувале топлина и електрична енергија, а работеле на гас.

„Ние спроведовме правен инструмент со кој се наметнува задолжителна набавка на 25% од потрошениот гас преку ЛНГ терминалот“, изјавил Шимкус.

Во 2014 година, веднаш по завршувањето на терминалот, Литванија успеала повторно да се договори за цените со „Гаспром“. Медиумите, вклучувајќи го и рускиот државен медиум „Спутник“, објавиле дека „Гаспром“ ги намалил цените за земјата за повеќе од 20 проценти.

Во летото 2016 година, хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ го посетила терминалот во Клајпеда. Две врамени фотографии од неа висат на ѕидот во конференциската сала на бродот, на која се гледа како таа позира со екипажот.

Снимка од воздух на остатоците од една ранохристијанска базилика од 5-ти век и стариот римски град Фулфиниум во предградијата на Омишаљ. Фотографија: БИРН

Назад во Омишаљ, локалните жители се жалат дека Грабар-Китаровиќ уште не го посетила ЛНГ терминалот што ќе го редефинира нивниот град.

За време на посетата на островот кон средината на јули, таа нашла време да разговара за туризмот со градоначалникот на градот Крк и да се сретне со локалните производители на вино, сирење и маслинки. Но, не дошла во Омишаљ.

Островот Крк планира да стане независен од јаглерод до 2030 година. Неговите градови се пионери во рециклирање и употреба на алтернативни горива како сончевата енергија. Локалното население стравува дека проектот за терминалот ќе биде исмејување на нивните зелени аспирации.

На градилиштето кон крајот на есента, се слушал звук на пневматските дупчалки, додека десетици работници истурале цемент, подигале бетонски столбови и поставувале челични жици. Платформата што ќе го поврзе пловниот објект со брегот полека добивала облик.

На прв поглед низ тесниот залив, римските урнатини на Фулфиниум, омиленото место за одржување на класични и џез концерти на отворено кога е добро времето, се чини како да изникнува од тревникот што се протега до камената плажа.

Во лето, заливот е популарен меѓу локалците и туристите кои доаѓаат да пливаат и да се релаксираат во сенката на боровите дрвја.

Барем за еден жител на Омишаљ, конструкцијата на терминалот е позитивна работа.

„Можеби тоа е непопуларен начин на размислување, но Омишаљ веќе долго време е индустриски град“, вели Иван Леко, 34-годишен специјалист за дигитален маркетинг, чија тераса гледа кон местото каде што се гради новиот терминал. „Со цевководи, барем нема активно загадување“.

Гледајќи кон градилиштето, тој додава: „Индустријата во Омишаљ е причина зошто масовниот туризам никогаш не бил присутен тука. Ако го донесат бродот, барем ќе бидеме заштитени од премногу туристи“.

Јелена Прториќ е фриленс новинарка, која објавува на англиски, француски и на мајчиниот хрватски јазик. Оваа статија е изработена како дел од Балканската стипендија за новинарска извонредност, поддржана од Фондацијата ЕРСТЕ во соработка со Балканската мрежа за истражувачко новинарство. Уредник: Тимоти Ларџ.