Злосторство без казна

Одлуката на Судот и официјално да прогласи одредена група граѓани за поеднакви од другите, некако успеа од задникот до главата да ни го проследи сознанието дека она што погрешно го нарекуваме „држава“, всушност е една ноторна ајдучка дружина.

Во држава во која и словото на законот се сфаќа и толкува релативно, моралот е одамна во сивата зона. Не е ова некаков нов заклучок или некоја теза што бара дополнителни објаснувања, ама сепак е сублимација на една од повозбудливите медиумски (и не само медиумски) недели што е зад нас.

Дека моралот, етиката и законот ќе бидат во центарот на вниманието можеше да се види уште од почетокот на седмицата, со телевизиското интервју на уредникот на „Сител“, Драган Павловиќ Латас, со лидерот на опозицијата, Зоран Заев, кое уште за време на емитувањето доби безмалу култен статус (додуша со негативна конотација).

За овој чуден телевизиски производ и за нискиот праг на моралните скрупули на Латас (познат, додуша, многу од поодамна) потрошени се зборови и повеќе од потребно, но дека нешто не е во ред со перципирањето на вообичаената практика на сочиненијата на овој и на сличните изданоци на таканареченото прорежимско новинарство, стана јасно со реакцијата на Агенцијата за медиуми, која, да, срамежливо, го осуди настапот на Латас. Но, без оглед на нејзината срамежливост, оваа реакција имаше ефект на Халеевата комета.

По логиката „Јас го сфаќам информативниот простор како поле за водење валкана војна меѓу партиите“, опозиционите медиуми објавуваа информации какви што очекуваа, а прорежимските, се разбира, сосема спротивни. Во секој случај, неточни.

Некако во исто време се појавуваат – и официјалната осуда на некоја клевета или навреда на опозиционите и инаку мислечките, и кометата. Потоа следеше настапот на Радмила Шеќеринска, за да заврши целата политичко-медиумска претстава со прес-конференцијата на Специјалното јавно обвинителство.

Токму низ овие три примери најдобро може да се види важноста на медиумите. Не само поради пораките што овие првенствено телевизиски хепенинзи ги емитираа туку повеќе за впечатокот што тие го оставаат. Додека оние две интервјуа (Заев и Шеќеринска, односно Латас и Богатинова) заликуваа на „кавга на селска чешма“, што би рекла Шеќеринска, Специјалното јавно обвинителство покажа која е важноста на добро подготвена прес-конференција.

Катица Јанева, која и досега беше медиумска личност, пар екселанс, на голема врата ги воведе во јавноста и двете обвинителки, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи, кои експресно станаа нови медиумски хероини на нацијата. Овие млади и паметни жени, всушност покажаа колку овдешната јавност била гладна и жедна за една чиста, јасна и прецизна мисла.

Сепак, крешчендото на целата медиумско-морално-легалистичка сага настапи следниот ден. За разлика од Обвинителството, Судот, од медиумски аспект гледано, остана недозволиво долго (половина ден и повеќе) нетранспарентен за својата одлука, па по интернетските портали настана вистинска какофонија во пренесувањето на информации: ту одреден е притвор за осомничените, ту не е, ту некои од нив се во бегство, ту се во судот… Настрана немањето сенс за јавниот интерес, ова калкулирање прилично јасно ги ослика медиумите и нивната улога во информативниот систем. По логиката „Јас го сфаќам информативниот простор како поле за водење валкана војна меѓу партиите“, опозиционите медиуми објавуваа информации какви што очекуваа, а прорежимските, се разбира, сосема спротивни. Во секој случај, неточни.

Судот не го навлече одиумот само поради калкулирање со информациите туку фрустрацијата на јавноста од недостиг на информации стократно ја засили со својата одлука да нема притвор за осомничените (до моментот дури го пишуваме овој текст, вакво решение е донесено за четворица осомничени). Медиумскиот ефект на Судот беше токму контрапункт на она што го постигна СЈО со својата прес-конференција.

Двете обвинителки, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи, всушност покажаа колку овдешната јавност била гладна и жедна за една чиста, јасна и прецизна мисла.

Но, медимската слика не е ништо друго туку одраз на општествената реалност. Во таа смисла, ние и досега го имавме чувството дека живееме во некаква псевдо-држава, држава која во својата срж носи исконски отпор кон сето она што е вистинска државна организација – значи, кон даноците, царините, урбанистичките планови, сообраќајните прописи, катастарот, законите… И, секако, носител на тој отпор е токму државата, односно нејзините органи.
Сепак, одлуката на Судот и официјално да прогласи одредена група граѓани за поеднакви од другите и директно да се придржува до онаа славна максима на Јосип Броз Тито дека „не треба да се држиме до законот како пијан за плот“, некако успеа од задникот до главата да ни го проследи сознанието дека она што погрешно го нарекуваме „држава“, всушност е ајдучка дружина која заедно на купче ја држат уште лажните митови за Македонија како колевка на цивилизациите и за Аминта III, плус по некој успех на ракометните репрезентативци и клубови.

Затоа и можат да се случат и такви спинови, од типот дека „СЈО обвинувајќи го единствениот Македонец, градоначалник во Албанија, директно работи против македонштината“ (!). Небаре Македонец е националност кому во генот му стои чесност. И затоа оние што се претходно однесени во затвор (притвор) заслужено лежат таму, затоа што се „не Македонци“, „кодоши“, „непријатели на македонштината“, бидејќи последователно на ова, тие се – криминалци!

Македонија е држава која одамна егзистира во сивата зона на самракот, каде што општествениот, односно политичкиот морал се мери само во однос на нивото на „патриотизам“ и верност кон „преродбата“. Со други зборови, таа е злосторство сама по себе.

Ние одамна ја издржуваме казната. Време е таа да ги стигне и нејзините предизвикувачи.