Во принцип, ја поддржувам интерпелацијата, односно барањето за гласање недоверба на македонската влада од страна на опозицијата. Само што до крајот на овој текст нема да бидам сигурен дека мотивите на мојата поддршка кон гласањето на недовербата на Владата се исти или прилично слични на оние на ВМРО-ДПМНЕ. Напротив. Речиси сум сигурен дека моите причини лежат во оние постапки за кои Владата речиси сигурно би добила недвосмислена поддршка од комплетната опозиција.
Ако ги оставиме на страна вообичаените реторички еквилибристики на ВМРО-ДПМНЕ (криминал, корупција, лоша економска политика, разнебитување преку надворешната политика, патриотизам итн.) и традиционалната (зло)употреба на интерпелацијата како можност на јавна сцена да се искажат сите критики кон власта, се чини дека вистинските мотиви на опозицијата за гласање недоверба на Владата лежат прво во можноста елегантно да се вратат во собраниските клупи и второ и поважно, да се направи своевиден попис на силите во Парламентот.
Имено, по најавата на премиерот Зоран Заев дека е на пат да го засили парламентарното мнозинство, особено по очигледниот „пребег“ на ликови од типот на Чедомир Саздовски и Амди Бајрам во „дресот“ на власта, како и поминувањето на Демократската партија на Турците во владеjачката коалиција, се чини дека се можни и други „прелети“ од опозицијата кон власта. Како адитив на оваа полуматна ситуација доаѓа нејасната позиција на Беса, но и на до скоро владеjачката Алијанса на Албанците на Зијадин Села.
Во таа смисла, потегот со интерпелацијата на ВМРО-ДПМНЕ од една страна се чини сосема логичен (затоа што партиската прагма наложува дека е подобро во овој момент да се знае со што се располага во Парламентот, отколку да се доживуваат изненадувања тогаш кога навистина ќе се кршат политичките копја), но од друга страна, пак, станува збор за исто толку хазардерски блеф кој може да му зададе сериозен удар на новопечениот лидер, Кристијан Мицковски.
Се чини дека вистинските мотиви на опозицијата за гласање недоверба на Владата лежат прво во можноста елегантно да се вратат во собраниските клупи и второ и поважно, да се направи своевиден попис на силите во Парламентот
Но, тоа се грижи на Мицковски и (меѓу)партиски надмудрувања, кои освен што одземаат од јавното време и од работното време на пратениците, во суштина не претставуваат интерес за јавноста од висок ред. А јас, сепак, ја поддржувам интерпелацијата на Владата. И ако по некој случај бев пратеник најверојатно ќе гласав за нејзин отповик.
Зошто?
Не само поради неспроведувањето никакви реформи во медиумите (она што би требало најмногу да ме засега), не само поради лошиот пи-ар и пречестите скандали, не само поради евидентно лошата кадровска политика и прибирањето во свои редови на гореспоменатите ликови (Саздовски, Бајрам), ниту поради девастираниот здравствен систем (она што го чувствувам на сопствена кожа) и, конечно, не затоа што оградата пред она смешно здание што се нарекува Влада сѐ уште не е тргната, како, впрочем, ни забраната за продажба на алкохол.
Значи – не! Би гласал за интерпелација на Владата на Заев не само, туку најмногу поради еден Фејсбук статус, каде што една мајка (моја пријателка и жена од доверба) вели дека ќерка ѝ во училиште добила слаба оценка, затоа што не го знаела Оче наш на памет (!), а другата (помалата) ќерка, наставничката ја терала да го црта ликот на Богородица (!). Во државни училишта? Оче наш?
Би гласал против Владата на Заев, затоа што во исто време кога го читав статусот на Фејсбук, државната министерка за образование и наука, Рената Десковска (инаку министерка во тимот на Заев во која беа вложени прилично високи очекувања од јавноста, како впрочем и во Таравари, дури беше министер), во едно интервју објаснуваше дека ќе ги исправаат грешките во учебниците, а не дека ќе ги исправаат наставниците и системот.
Гласам против Владата на Заев, затоа што во најголемиот буџет во историјата на Република Македонија се издвојува историски најмалку за наука. Затоа што Македонија со своите 0,2 проценти од буџетот наменети за наука е на најдолното скалило во Европа.
Гласам против Владата на Заев, затоа што во најголемиот буџет во историјата на Република Македонија се издвојува историски најмалку за наука. Затоа што Македонија со своите 0,2 проценти од буџетот наменети за наука е на најдолното скалило во Европа
Македонија, според буџетот, годинава за наука издвојува бедни 425.988 милиони денари или околу седум милиони евра. Македонија годинава ќе издвои за сите научни истражувања на сите свои научници, институти и универзитети отприлика исто онолку колку што чини авто-паркот на МПЦ-ОА. За нивниот буџет и имот не бива ни да се зборува.
Само како пример за споредба: Шведска годинава ќе издвои осум милиони евра само за еден научен проект. Внимавајте сега: Шведска годинава ќе потроши за милион евра повеќе од македонскиот годишен буџет за наука за еден проект од областа на – филозофијата! Еј, филозофијата! Толку, имено, ќе ја чини истражувањето на угледниот филозоф Пол Расел за аспектите на слободната волја и моралната одговорност. Еј, за слободната волја и моралната одговорност! Во Шведска! Осум милиони евра! Еј!
Колку Македонија од својот буџет за наука ќе издвои за некој проект од областа на филозофијата? Навистина не знам. Ама знам колку ќе издвои за аспектите на слободната волја, а особено за аспектите на моралната одговорност. А знаете и вие. Точно – нула евра. Или отприлика исто колку што издвојува од својот вкупен буџет за наука.
Тоа, впрочем, е и причината што некои тука, меѓу нас, ми се чудат дека сѐ уште верувам во теоријата на еволуцијата на Дарвин и дека човекот настанал од примат. Затоа некои јавни и почитувани личности во ова општество тврдат дека Земјата е рамна плоча, а сонцето и месечината се заглавени под стаклена купола надвисната над оваа плоча.
Затоа славиме безгрешни зачнувања и чудни воскреснувања. И се воодушевуваме од миења фрески по цркви. И градиме цркви. А министерката за образование и наука поправа грешки во учебниците. А децата учат напамет Оче наш.
Ете, затоа би гласал за недоверба на Владата и, ете, затоа до крајот на овој текст не сум сигурен дека мотивите на мојата поддршка кон гласањето на недовербата на Владата се исти или прилично слични на оние на ВМРО-ДПМНЕ. Напротив. Речиси сум сигурен дека моите причини лежат во оние постапки за кои Владата речиси сигурно би добила недвосмислена поддршка од комплетната опозиција. Затоа што „моралната одговорност“ и „слободната волја“ во моментов се најомразените термини кај нашата опозиција. Речиси исто како и кај власта.