Покачувањето на минималната плата нема да ги погоди фирмите, нема да доведе до отпуштања, нема да им ја намали профитабилноста. Непокачувањето ќе турне илјадници луѓе во сиромаштија. Што избира владата?
Во далечната 2017…
Кога влеговме во Министерството за финансии во 2017 година, една од првите работи со кои се зафативме беше покачувањето на минималната плата. Тогашната нова влада имаше предизборно ветување дека ќе ја зголеми на 12.000 денари, од 9.000 претходно (нето), што беше зголемување какво што не беше видено дотогаш, не само во Македонија, туку и пошироко во регионот.
Ние требаше да направиме анализа дали фирмите можат да го издржат тоа и да дизајнираме мерка со која ќе им се помогне на тие што не можат.
Противниците – малубројни, но моќни и гласни – тврдеа дека тоа ќе биде катастрофа за економијата, дека ќе има отпуштања од работа, пад на профитите, затворање фирми… Ние тврдевме дека тоа нема да се случи затоа што платите во државата се прениски и затоа што фирмите имаат доволно простор за да издржат едно такво зголемување.
Но, сепак, дизајниравме мерка за поддршка, со која се предвидуваше државата да им покрива на фирмите дел од трошоците за повисоката минимална плата – 50 отсто во првите 6 месеци и 25 отсто потоа. Предвидовме околу 10 милиони евра во буџетот за таа намена.
Ефектите од тоа покачување никогаш не беа прописно истражени и документирани, што од објективни, што од субјективни причини. Осум години подоцна, конечно најдовме време да напишеме труд за тоа, заедно со Драган Тевдовски, Виктор Стојкоски и Марија Трпкова-Несторовска.
Во трудот, кој го објавивме минатата недела како работен материјал на мојот институт во Виена, ги истражуваме ефектите од зголемувањето на минималната плата врз работењето на фирмите, користејќи современи економетриски техники.
Што правиме во трудот?
Користиме административни податоци за практично сите регистрирани фирми и сите формално вработени во државата. Ги спојуваме податоците за месечните плати на работниците со годишните финансиски извештаи на фирмите, точно идентификувајќи кој работник каде работи и прецизно утврдувајќи која фирма колку била погодена од зголемувањето на минималната плата.
Вакви детални и сеопфатни податоци не користел никој досега во обемната светска литература за минималната плата.
Откако ќе утврдиме која фирма колку била погодена од новата минимална плата, гледаме како тоа е поврзано со нејзиното работење, односно дали фирмите што биле погодени повеќе, имале различни резултати во работењето од фирмите што биле погодени помалку.
Гледаме дали има разлики во пет индикатори: (1) бројот на вработени во фирмите; (2) платите на работниците што не се на минимална плата; (3) профитабилноста на фирмите; (4) останатите оперативни трошоци; (5) продуктивноста на фирмите.
Што наоѓаме? Прво, дека зголемувањето на минималната плата не довело до отпуштања. Напротив, вработеноста пораснала и кај фирмите што биле повеќе изложени на зголемувањето, само што кај нив растот бил малку послаб.
Второ, не се случило ниту фирмите да ги „казнат“ другите работници. Платите и на оние што не биле на минималец пораснале, во ист обем и кај фирмите што биле повеќе погодени од минималната плата и кај оние што биле помалку погодени.
Трето, профитабилноста на фирмите немала пад, ниту кај фирмите што биле погодени, ниту кај тие што не биле. Тоа е многу важно, затоа што еден од најчестите аргументи против минималната плата е дека таа ќе ги „убие“ фирмите. Нашите резултати не го покажуваат тоа.
Четврто, таму каде што имало поголем притисок од повисоката минимална плата, фирмите штеделе на други оперативни расходи, односно ја подобриле ефикасноста во работењето.
И петто, фирмите што биле повеќе изложени на реформата, забележале поголем раст на продуктивноста, односно на аутпутот по еден вработен.
Сумирано, повисоката минималната плата во 2017 година не довела до отпуштања на работници и кратење на другите плати, ниту до пад на продуктивноста. Напротив, ги натерала фирмите да бидат поефикасни во работењето и им ја зголемила продуктивноста.
Како го објаснуваме тоа?
Всушност, многу е едноставно. Трошоците за плати се многу мал дел од вкупните трошоци на фирмите во Македонија. Во 2017 година, според податоците од годишните финансиски извештаи на фирмите, тие биле само 12 отсто од трошоците на компаниите. Од тоа, трошоците за работниците на минимална плата биле само околу 10 отсто, што значи дека трошоците за минимална плата биле нешто повеќе од 1 отсто од вкупните трошоци на фирмите.
Тоа понатаму значи дека покачувањето на минималната плата за 30 отсто ги зголемило вкупните трошоци на фирмите за само 0,3 отсто. Тоа е премал удар за да предизвика масовни отпуштања и драматични потреси.
Интересно е да се согледа и како работеле фирмите во 2018 година, по реформата, во споредба со 2016 година, пред реформата. Вкупните приходи на фирмите во овој период пораснале за 17 отсто, што е солиден раст за две години. Вкупните профити пораснале уште повеќе – за 22 отсто.
Профитабилноста, не само што не паднала, туку дури и малку се подобрила: профитната маржа пораснала од 5,3 отсто на 5,6 отсто од приходите.
Што можеме за научиме од оваа епизода?
Ваквите истражувања не се прават само за да се согледа и објасни што се случило во минатото, туку и за да се извлечат поуки за тоа што треба да се прави во сегашноста.
Синдикатите, со месеци, бараат минималната плата да се покачи на 600 евра нето, од сегашните 400, а владата упорно одбива. Каква е состојбата на фирмите денес во споредба со 2017 година и дали фирмите денес би можеле да издржат едно вакво зголемување?
Немам пристап до најновите податоци од финансиските извештаи на фирмите што ги користевме во овој труд, но официјалните податоци од Државниот завод за статистика покажуваат дека состојбата не е многу различна. Според податоците од Табелите за понудата и употребата на стоки и на услуги, во 2022 година (последна достапна), вкупните трошоци на фирмите во Македонија биле околу 27 милијарди евра. Од тоа, 5 милијарди биле за плати.
Односно, трошоците за плати биле околу 18 отсто од вкупните трошоци на фирмите, за нијанса повеќе од оние 12 отсто во 2017 година. Ако минималната плата сѐ уште учествува со околу 10 отсто во вкупните плати како во 2017 година, тоа значи дека трошоците за минимална плата се помалку од 2 отсто од вкупните трошоци на фирмите.
Односно, ако минималната плата се покачи за 50 отсто, како што бараат синдикатите, тоа ќе ги зголеми трошоците на фирмите за помалку од 1 отсто. Дали некој навистина смета дека фирмите не можат да издржат зголемување на трошоците за 1 отсто?
Паралелно со тоа, профитите на фирмите во 2022 година изнесувале 6,5 милијарди евра, односно повеќе од оние 5 милијарди за сите плати на сите работници. Ако се покачи минималната плата за 50 отсто, профитите во најлош случај ќе се намалат од 6,5 милијарди, на 6,3 милијарди. Поверојатно е дека ни тоа нема да се случи, затоа што повисоките плати ќе доведат до зголемена потрошувачка, која ќе им ги зголеми приходите на фирмите.
Но, доколку владата навистина се плаши дека некои фирми можеби ќе бидат погодени од покачувањето на минималната плата, може да донесе мерка за поддршка на тие фирми, како што се донесе во 2017 година. Од оние 10 милиони евра што беа предвидени за оваа намена, на крајот се истрошија само околу 1 милион. Одговорноста е кај владата
На прагот сме на нов ценовен шок поради безумниот напад од страна на САД врз Иран, кој веќе ја покачи цената на нафтата на преку 100 долари, а најверојатно ќе ја покачи и уште повеќе. Владата не презеде ништо за да го спречи првичниот удар по домашните цени, туку напротив, дозволи нафтените деривати да поскапат за околу 30 отсто за само две недели.
Ако работите продолжат вака, ни се заканува повторување на 2022 – двоцифрена инфлација речиси две години.
Единствениот начин да се спречи инфлацијата да го погоди животниот стандард е преку покачување на платите, почнувајќи со минималната. Не, тоа нема да ги погоди фирмите, нема да доведе до отпуштања, нема најверојатно ни да им ја намали профитабилноста, може само да ги направи фирмите поефикасни и попродуктивни.
Од друга страна, ако владата продолжи тврдоглаво да одбива да ја покачи минималната плата како во изминатите година и нешто, тоа сигурно ќе турне десетици илјади граѓани во сиромаштија. На владата е да избере на која страна е.
(Бранимир Јовановиќ, Виенски институт за меѓународни економски студии)
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија











