Регион

Командант на АБиХ ја негираше одговорноста за убиство на Хрвати

Енвер Буза (прв ред, десно) во судница. Фото: Суд БиХ

Одбраната на Енвер Буза, побара од Судот на Босна и Херцеговина, да донесе ослободителна пресуда, истакнувајќи дека одговорноста на обвинетиот за злосторствата во селото Уздол (општина Прозор), во 1993 година, не била докажана.

Одбраната, во завршните зборови, оцени дека од доказите произлегува дека Буза не командувал со силите на босанската армија за време на акцијата во Узол и дека немал обврска да преземе активности по акцијата.

„Обвинетиот немал никаква обврска да преземе неопходни мерки за казнување на сторителите. И да ја имал таа обврска, не можел тоа да го стори, бидејќи сите жртви биле однесени во Хрватска, во Сплит“, рече адвокатот на одбраната, Исмет Мехиќ.

Во обвинението се наведува дека на 14 септември 1993 година, припадниците на самостојниот баталјон Прозор на АБиХ, го нападнале селото Уздол, кое се наоѓа во близина на Прозор, и во селата Криж, Зеленике и Раичи, убиле 27 цивили од хрватска националност.

Буза, како командант на самостојниот баталјон, е обвинет дека не презел мерки за казнување на сторителите.

Мехиќ нагласи дека жртвите во Уздол немале статус на цивили, освен неколкумина, и дека станувало збор за припадници на Хрватскиот совет за одбрана (ХВО) и вооружени локални жители.

Во завршното обраќање, обвинетиот истакна дека „не постои наредба со која тој наредува дејства за напад“.

Тој додаде дека дури и самостојниот баталјон на Прозор да имал обучени луѓе и соодветна опрема, тој никогаш не би наредил напад врз Уздол, бидејќи тоа е „тактичка глупост“.

Буза истакна дека не командувал со акцијата и затоа смета дека не било потребно да преземе понатамошни мерки против наводните сторители на делото.

„Изразувам жалење поради невино загинатите, но не се чувствувам одговорен, а уште помалку виновен“, рече Буза.

Изрекувањето на пресудата е закажано за 27 септември