Регион

Командантите на воената полиција ја избегнаа одговорноста за геноцидот во Сребреница

И покрај сведочењата на преживеаните, на официјалните документи и на пресудите на Хашкиот трибунал, во кои се наведува дека три единици на воената полиција на босанските Срби биле вклучени во апсењето на Бошњаците од Сребреница и во нивното спроведување до местото за масовна егзекуција, нивните команданти никогаш не беа обвинети

Мевлудин Ориќ бил еден од оние среќните.

Пред дваесет и пет години, во јули 1995 година, тој бил заробен од припадниците на Војската на Република Српска (ВРС), кои биле под команда на Ратко Младиќ, додека бегал од Сребреница, заедно со повеќе од 10.000 други Бошњаци.

Тој и некои други затвореници, прво биле однесени во училиштето „Вук Караџиќ“ во Братунац, потоа во училишната зграда во Ораховац, за на крајот да бидат натоварени во камиони и одвезени на местото за егзекуција.

Сведоштвото на Мевлудин Ориќ пред Хашкиот трибунал | Извор: МКТЈ

Неговиот братучед, Хариз Хабибовиќ, познат по прекарот Аид, бил со него, заедно со стотици други бошњачки затвореници.

„Аид ми рече: ‘Тие ќе не убијат’. Реков: ‘Не’. Како што реков ‘не’, почнаа рафали“, се сеќава Ориќ.

„Почувствував на раката дека ме стега и дека е погоден. Се отргнав од неговата рака. Се фрлив на земја на стомак, тој ми падна на грб, се тресеше неколку секунди и умре“, вели тој.

„Бев гол до половина, а и Хариз исто. И неговата крв течеше по мене, така што поверуваа дека и јас сум мртов“, додава Ориќ.

Кога паднала ноќта, Ориќ успеал да избега, оставајќи зад себе стотици мртви.

Според пресудите од судењата пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) во Хаг, околу 1.000 Бошњаци биле убиени во Ораховац на 14 јули 1995 година.

Ораховац било едно од неколкуте места на кои биле извршени масовни егзекуции за време на геноцидот во Сребреница, во кои, според судските пресуди, биле убиени повеќе од 7.000 бошњачки мажи и момчиња, а околу 40.000 жени, деца и стари лица, биле протерани.

Карта на Ораховац, користена пред Хашкиот трибунал | Извор: МКТЈ

Ориќ, кој денес има 50 години, се сеќава дека ги видел припадниците на воената полиција на ВРС и посочува дека и тие биле вклучени во апсењето и спроведувањето на затворениците, меѓу кои бил и тој, дека ги чувале додека биле затворени во зградата на училиштето, и оти ги воделе до местото на погубување.

Тој за БИРН посочува дека воените полицајци имале пиштоли и бели појаси „како во времето на Тито“. Бидејќи служел во Југословенската Народна Армија (ЈНА), тој вели: „Знам што е воена полиција“.

Досега вкупно 15 поранешни припадници на војската и на полицијата на Република Српска, пред Хашкиот трибунал, се осудени на четири доживотни казни затвор и вкупно 189 години затвор за геноцид и други злосторства во Сребреница.

Анализата на БИРН, на сите правосилно завршени предмети и документи од доказниот материјал, на сведочењата на преживеаните, како и на поранешните припадници на воената полиција, покажува дека припадниците на воената полиција на зворничката бригада на ВРС, учествувале во операциите во Сребреница.

Анализата сугерира дека тројца команданти на воената полиција на ВРС, Миомир Јасиковац, Мирко Јанковиќ и Зоран Малиниќ – како и 40 други лица – биле директно вклучени во процесот на заробување на Бошњаците од Сребреница, нивно чување и пренесување на местото за егзекуција, а потоа и во прикривање на злосторствата. Но, ниту еден од нив досега не бил обвинет за тоа.

„Обид да се прикрие“ улогата на воената полиција

Училиштето во Грбавци кај Ораховац | Фото: Архива на МКТЈ

Една од најсеопфатните пресуди во Хаг, со која беа осудени поранешниот командант на зворничката бригада, Винко Пандуревиќ, и шест други високи воени и полициски офицери на босанските Срби, откри дека „припадниците на воената полиција на зворничката бригада, ги чувале затворениците во училишните згради во Грбавци и Рочевиќ, како и затворениците транспортирани до местото за егзекуција во Ораховец“.

Ораховац е место каде Мевлудин Ориќ ја избегнал смртта, но каде околу 1.000 други биле убиени.

Според наодите што американскиот воен експерт, Ричард Батлер, ги претстави пред Хашкиот трибунал, Миомир Јасиковац, во јули 1995 година,  бил командант на воената полиција на зворничката бригада. Ова го потврдија и поранешните воени полицајци кои сведочеа.

Батлер заклучил дека пред зора, на 14 јули 1995 година, автобуси и камиони кои превезувале заробени Бошњаци, започнале да пристигнуваат во областа под контрола на Зворничката бригада и дека одредот на воената полиција на оваа бригада, веќе бил присутен во објектот за притвор во училиштето Грбавци и оти со нив бил и Јасиковац.

Извештајот на Ричард Батлер | Извор: МКТЈ

„Според евиденцијата за присуството на припадниците на четата на воената полиција на зворничката бригада, од 14 јули 1995 година, во Ораховац бил присутен одред на воената полиција. Исто така, се чини дека се направени одредени напори, овој факт да се прикрие“, изјави Батлер.

Записот кој укажува на тоа дека воената полиција се наоѓала во Ораховац е избришан, но тој останал видлив во натписот, објасни Батлер.

Присуството на воената полиција во Ораховац, под команда на Јасиковиц, го потврдија и поранешните припадници на неговата единица, кои сведочеа пред Хашкиот трибунал.

Преглед на ангажманот на единиците на воената полиција на зворничката Бригада, за јули 1995 година | Извор: МКТЈ

Јасиковац, полковник на ВРС, никогаш не бил обвинет за неговата улога во настаните во Ораховац. Извор од Обвинителството на БиХ, кој е запознаен со истрагите за случаите на воени злосторства, за БИРН неофицијално потврди дека Јасиковац е под истрага и дека е во Србија.

БИРН дојде до телефонски контакт на одреден Миомир Јасиковац, кој живее во Инџија, Србија, и неколкупати се јавивме за да добиеме коментар. Лицето кое ни се јави на телефон, ни кажа дека сопственикот на телефонскиот број е навистина полковник, но дека не е присутен.

„Тие не направија ништо за да не заштитат“

И воените полицајци од братунската бригада на ВРС, биле вклучени во операциите во Сребреница, покажува анализата на БИРН.

Мевлудин Ориќ бил заробен во близина на местото Коњевиќ Поле, на 13 јули 1995 година, два дена откако ја напуштил Сребреница, во обид да избега низ шумата. Кога го фатиле, пред да го одведат во Ораховац, каде го преживеал масовното стрелање, воената полиција, нему и на другите затвореници, им рекла да ги почекаат автобусите, кои ќе ги одвезат понатаму.

„Се качивме во првиот автобус. Не ставија на задните седишта. Во автобусот влегоа тројца полицајци, воени полицајци од Република Српска“, сведочеше Ориќ пред Хашкиот трибунал во 2003 година.

Автобусот ги однел во Братунац и застанал пред училиштето „Вук Караџиќ“, каде, според Ориќ, војници и офицери ги прозивале и ги воделе луѓето. Од Коњевиќ Поле пристигнале три автобуси, а два веќе биле паркирани пред училишната зграда, додаде тој.

„Воената полиција беше присутна, таа одобруваше сè, кого да изнесат, кого да прозиваат или ако некој некого препознае, затоа што имаше Срби кои познаваа некого (од бошњачки затвореници)“, истакна Ориќ пред Хашкиот трибунал.

 

Карта на Нова Касаба, користена пред Хашкиот трибунал

Карта на Нова Касаба, користена пред Хашкиот трибунал

 „Тие извадија многумина од првите два автобуса, затоа што светлата во автобусот беа вклучени, па можеше да се види. Слушнав лелеци во училиштето „Вук Караџиќ“. Воената полиција го гледаше и слушаше сето тоа. „Ништо, тие ништо не направија за да не заштитат“, нагласи Ориќ.

Пред Судот на Босна и Херцеговина, Младен Благојевиќ, во својство на  поранешен воен полицаец на братунската бригада, беше осуден на седум години затвор, откако беше утврдено дека пукал во затворениците во училиштето „Вук Караџиќ“ низ училишниот прозорец.

Според сознанијата на Батлер, командир на водот на воената полиција на братунската бригада на ВРС, бил постариот водник од 1-ва класа, Мирко Јанковиќ, што пред Трибуналот го изјавија и неколку припадници на оваа единица, и дека негов заменик бил, Миле Петровиќ.

Според информациите на БИРН добиени од два независни извори, кои не можеа и официјално да се потврдат, Јанковиќ е починат, а против Петровиќ досега не е покренато обвинение.

Петровиќ сведочеше пред Хашкиот трибунал за тимовите на одбраната на обвинетите и негираше дека имал командна одговорност над воената полиција.

Во дневникот на дежурниот воен полицаец на братунската бригада, во кој активностите на оваа единица биле рачно запишувани за сите денови од почетокот на јули 1995 година, се наведува дека оваа формација била ангажирана на 12 и 13 јули 1995 година „на обезбедување на УНХЦР и предавање на муслиманскиот народ од Сребреница, еден дел на обезбедување на ранетите и болните во здравствениот дом во Братунац и на поминување на камионите кои превезуваат бегалци од енклавата Сребреница“, како и дека биле ангажирани на обезбедувањето на Ратко Младиќ.

Дневен дневник на воената полиција на братунската бригада, од јули 1995 година | Извор: МКТЈ

Корица на дневниот дневник на воената полиција на братунската бригада | Извор: МКТЈ

Момир Николиќ, поранешен помошник командант за безбедносни и разузнавачки работи на братунската бригада, кого Хашкиот трибунал го осуди на 20 години за злосторства во Сребреница, во своето сведочење рече дека припадниците на воената полиција од Братунац, учествувале во раздвојување на мажите од нивните семејства, во Поточари.

Некои воени полицајци ги негираа наводите на Николиќ пред Трибуналот, додека во дежурниот дневник, кој беше доказ во скоро сите пресуди за геноцид во Сребреница, се вели дека на 14-15 јули 1995 година, „полицијата се ангажирала на придружување на муслиманските бегалци (заробените Бошњаци од Сребреница)“.

Затвореник пукал „пред Ратко Младиќ“

Покрај воената полиција на зворничката и на братунската бригада, Батлер во извештајот го спомнува и 65-тиот заштитен полк на Главниот штаб на ВРС, со чиј баталјон на воената полиција командувал мајорот, Зоран Малиниќ, кој во јули 1995 година, бил распореден во Нова Касаба, каде што имало уште заробени Бошњаци од Сребреница, кои претходно се обидела да избегаат.

„Оваа единица учествуваше во собирањето и притворањето на муслиманските затвореници во близина на Нова Касаба“, се вели во извештајот на Батлер.

Заштитениот сведок на Хашкиот трибунал, ПВ-016, изјави дека на 13 јули 1995 година, бил заробен во Нова Касаба, и дека кратко време го сместиле во касарната, од каде бил префрлен на фудбалскиот стадион.

„Имаше околу 1.500 до 2.000 луѓе кои седеа на земја во редови опкружени со српски војници. Војниците беа насекаде по теренот, растојанието меѓу нив не беше повеќе од еден метар“, изјави ПВ-016 и истакна дека подоцна Ратко Младиќ пристигнал на стадионот во Нова Касаба и им рекол дека ќе бидат разменети.

„Во тој момент еден затвореник стана“, додаде ПВ-016. „Српските војници му пристапија, го шутнаа и го удрија со кундак. Тогаш еден српски војник го извади својот пиштолот и го уби. Потоа беше фрлен меѓу другите. Младиќ беше тука и не реагираше“.

Пресретнат телефонски разговор на началникот за безбедност на Главниот штаб на ВРС, Љубиша Беара, на 13 јули 1995 година. | Извор: МКТЈ

 

Пресретнат телефонски разговор на началникот за безбедност на Главниот штаб на ВРС, Љубиша Беара, на 13 јули 1995 година | Извор: МКТЈ

Сведочејќи пред Трибуналот, Малиниќ рече дека, според неговите сознанија, немало малтретирање на затворениците, дека тие морале да седат на теренот, дека им биле дадени вода и леб, и оти слушнал дека се случило убиство на фудбалскиот терен во Нова Касаба „кога затвореник нападнал војник кој бил припадник на баталјонот на воената полиција“.

„Единствено тогаш некој го загуби животот, но тоа не беше поради нечиј каприц. Се работеше за самоодбрана“, рече Малиниќ.

Обвинителството на Босна и Херцеговина неофицијално потврди дека се води истрага против Малиниќ, но дека тој не е во земјата. БИРН не успеа да го контактира.

Мевлудин Ориќ вели дека пронаоѓањето и гонењето на одговорните за она што им се случило на притворените Бошњаци од Сребреница, како и на директните сторители кои пукале во затворениците, би значело барем мала сатисфакција за него.

„Многу би значело да се најдат одговорните и да се изведат пред лицето на правдата, не само за мене, туку и за убиените и за сите луѓе што преживеаја“, вели тој.

„Поминаа 25 години, ќе поминат уште 50, но тоа никогаш нема да се заборави“, заклучува Ориќ.

Осомничените за настаните во Сребреница,  избегнуваат судење во Србија

Обвинителството на Босна и Херцеговина поднесе обвиненија со кои товари  уште шест лица за учество во геноцидот во Сребреница, но тие не се изведени пред суд, затоа што живеат во Србија.

Радослав Јанковиќ, поранешен разузнавач во одделението за разузнавање и безбедност при Главниот штаб на ВРС, е обвинет дека со неговите постапки и пропусти, од 11 до 19 јули 1995 година, го помагал и го поддржал делумното истребување на бошњачкото население од регионот на Сребреница.

Јанковиќ е обвинет, меѓу другото, дека им наредил на воените полицајци на братунската бригада на ВРС, да го соберат и да го донесат цивилното население од околината на Поточари, за да може да биде транспортирано, и оти организирал составување на списоци на жените, децате и мажите, кои биле натоварени во камиони и автобуси, како и дека придружувал три автобуси, полни со затвореници, кои биле однесени во Ораховац, знаејќи дека ќе бидат убиени.

Светозар Косориќ, поранешен началник на одделението за разузнавачки работи при дринскиот корпус на ВРС, е обвинет за геноцид и намерно помагање на учесниците во заеднички злосторнички потфат.

Во обвинението се тврди дека Косориќ ги наоѓал локациите за привремено затворање и за егзекуција на мажите на возраст од 16 до 60 години и оти учествувал во организирање на превозот за жените и децата, протерани од регионот на Сребреница, на територија контролирана од Армијата на БиХ.

Томислав Ковач, поранешен заменик министер и министер за внатрешни работи на Република Српска, е обвинет за контрола на полициските единици вклучени во апсењето на бошњачки мажи и момчиња, во нивното приведување и транспортирање на повеќе локации за масовни егзекуции, вклучувајќи ги Кравица, Церска и Центарот за култура „Пилица“, фармата Брањево, Сандиќи и Коњевиќ Поље.

Милисав Гавриќ, поранешен заменик командант на полициската станица во Сребреница, е обвинет дека го помагал присилното транспортирање на неколкуте илјади бошњачки цивили, дека учествувал во раздвојувањето на мажите од другите, но и во нивното одведување, по што на цивиите им се изгубила секоја трага.

Борислав Стоишиќ и Рајко Дракулиќ, двајца поранешни воени офицери на власеничката бригада на ВРС, се обвинети дека во селото Луке, запирале возила кои превезувале бошњачки цивили од Сребреница до Кладањ, од кои одземале пари и злато, како и дека насилно ги раздвојувале мажите и младите жени, од другите патници.