Регион

Комеморација за припадници на ЈНА надвор од Сараево од „безбедносни“ причини

Обележувањето на годишнината од убиството на војниците на Југословенската народна армија (ЈНА), извршено во 1992 година во Сараево, се одржа надвор од главниот град на Босна и Херцеговина, поради забелешките на официјалните претставници на босанскиот ентитет, Република Српска (РС), дека „безбедносната ситуација не е соодветна“, како и поради одбивањето да им се овозможи да постават спомен-обележје.

Комеморацијата во Милевиќи. Фото: БИРН

Пишува: Адмир Муслимовиќ, Сараево

Наместо во Сараево, 25-годишнината од убиството на припадниците на поранешната ЈНА, во улица „Добровољачка“ во Сараево, во средата беше одбележана во село Миљевиќи, во Источно Сараево.

Претходно, министерот за труд и борачко-инвалидска заштита на РС, Миленко Савановиќ, рече дека безбедносната ситуација во Сараево „не е соодветна“, бидејќи по минатогодишната комеморација, општинските комунални работници ги фрлиле цвеќето и свеќите во контејнер.

Тој во средата истакна дека властите во Сараево не им овозможиле на Србите соодветно да го одбележат споменот на војниците кои на 3 мај 1992 година беа убиени во улица „Добровољачка“, додека се повлекуваа од градот.

„Муслиманските сили и муслиманската власт во Кантон Сараево, не ни дозволија да поставиме спомен-плоча со врежани имиња на загинатите. Не ни дозволија ниту нашите православни свештеници да ги извршат христијанските обичаи“, истакна тој.

„Ние, кога ќе се создадат услови, ќе се вратиме да ја одбележуваме годишнината на тоа место“, рече Савановиќ.

Претседателот на Организацијата на борци на РС, Миломир Савчиќ, истакна дека убиствата во „Добровољачка“ се еден од најтрагичните настани во неодамнешната војна.

Додаде дека погрешно се говори за начинот на кој беа убиени војниците и дека сеќавањето на нив не се почитува.

„Неверојатно е таквото однесување кон луѓето кои имаа една возвишена цел, а тоа е одбрана на уставот и интегритетот на една држава“, потенцира тој.

„Секогаш имаме две или повеќе вистини, а денеска, и покрај желбата да го одбележиме овој датум на начин на кој налагаат српските обичаи и традиции, не сме во можност тоа да го направиме“, рече Савчиќ.

За овој настан никој сѐ уште не одговарал пред судските институции.

Српските власти соопштија дека биле убиени повеќе од 40 југословенски војници и офицери, а над 70 биле повредени.

Истрагата што се спроведува во Србија, резултираше со апсење на поранешниот член на Претседателството на БиХ, Ејуп Ганиќ, во Велика Британија, и генералот на босанската армија, Јован Дивјак, во Австрија.

Но, судовите во Велика Британија и во Австрија донесоа одлуки да не ги екстрадираат уапсените во Србија, и тие ѝ беа предадени на Босна и Херцеговина, во која, исто така, се води истрага за настаните во „Добровољачка“.

И покрај ветувањата на челниците на Јавното обвинителство, досега никој не е обвинет.

Инаку, самото прашање за поставување спомен-обележје во чест на загинатите војници на ЈНА во „Добровољачка“, веќе долго време е спорно прашање.