Регион

Комеморацијата за жртвите од улицата „Добровољачка“ нема да се одржи во Сараево

Младен Лакиќ, Сараево

Комеморацијата во улица „Добровољачка“ во 2016 година. Фото: Анадолија

Комеморацијата во чест на војниците на ЈНА, убиени во 1992 година, втора година по ред ќе се одржи во селото Миљевиќи, во Источно Сараево, затоа што, според организаторите од Република Српска (РС), власта во Сараево не дозволува поставување на спомен-плоча на местото каде што војници се убиени, во улица „Добровољачка“.

„Кантоналните власти не ни дозволија да поставиме спомен-обележје со имињата на жртвите и според христијанската традиција соодветно да одржиме религиозна церемонија во „Добровољачка“. Сѐ додека тоа не ни го дозволат, нема да одиме во Сараево“, изјави за медиумите во понеделникот, Миленко Савановиќ, министер за труд и и боречко-инвалидска заштита на РС.

Савановиќ, како и минатата година, истакна дека безбедносната ситуација во Сараево не е соодветна за овој настан, кој бара ангажирање на голем број полициски службеници, со цел да се избегнат можните инциденти.

Источно Сараево, град кој е населен со мнозинство српско население, се наоѓа во ентитетот Република Српска, покрај Сараево, кое се наоѓа во другиот ентитет, Федерацијата БиХ.

Последната комеморација во улицата „Добровољачка“ се одржа во 2016 година. Овој настан помина без инциденти.

Сепак, работник на комуналното претпријатие, по церемонијата, положените цвеќиња и свеќи ги врли во контејнер, што предизвика незадоволство кај дел од јавноста.

Ова е причината зошто во 2017 година, министерството за труд на РС одлучи, за прв пат, комеморацијата да ја организира во селото Миљевиќи.

За потсетување, колона на ЈНА, на 3 мај 1992 година, за време на повлекувањето од Сараево, беше нападната во улица „„Добровољачка““, при што неколку војници беа убиени и повредени.

За овој настан никој сѐ уште не одговарал пред судските институции.

Истрага за овој случај се води во Србија и таа резултираше со апсење на Ејуп Ганиќ во Велика Британија, и на Јован Дивјак во Австрија.

Но, судовите во Велика Британија и во Австрија донесоа одлуки да не ги екстрадираат уапсените во Србија, и тие ѝ беа предадени на Босна и Херцеговина. Паралелно, за настаните во „„Добровољачка““, истрага се води и во БиХ.

Но, и покрај ветувањата на челниците на Обвинителството на БиХ, досега никој не е обвинет.

Инаку, самото прашање за поставување спомен-обележје во чест на загинатите војници на ЈНА во „„Добровољачка““, веќе долго време е спорно прашање.