Истражувањa

Консултант на Владата ја купува Алфа банка

Швајцарскиот фонд Silk Road Capital AG, основан пред шест месеци во Цуг, со капитал од 100.000 швајцарски франци, чека одобрување од гувернерот на Народната банка да стане нов сопственик на грчката Алфа банка во Македонија

Швајцарскиот фонд Silk Road Capital AG, чијашто дејност е вложувања во банки и финансиски компании и управување со средства и недвижен имот, чека одобрување од Народната банка за да стане нов сопственик на Алфа банка во земјава. Овој фонд е основан пред шест месеци, со седиште во швајцарскиот град Цуг, со капитал од 100.000 швајцарски франци.

Зад Silk Road Capital AG, како претседател на Управниот одбор од крајот на март годинава, стои Швајцарецот со пакистанско потекло, Anisur Rehman Khan, кој е и основач на компанијата Lonestep Gmbh, којашто Министерството за финансии за 295 илјади евра ја избра да му обезбеди консултантски услуги за воспоставување на слободната финансиска зона во Македонија.

Зад Silk Road Capital AG, стои Швајцарецот со пакистанско потекло, Anisur Rehman Khan, кој е и основач на компанијата којашто Министерството за финансии ја избра за консултант за слободната финансиска зона во Македонија

Консултантите требаше да направат анализа на атрактивноста на земјава за воспоставување финансиска зона. Освен ова, швајцарската фирма требаше да развие и концепт за развој на слободната финансиска зона, но и да направи анализа за регулативата која треба да се донесе од страна на државните институции за воспоставување на зоната.

До денеска во јавноста нема информации што се случи со проектот за отворање на финансиската зона, но неофицијално се дознава дека властите се откажале од идејата, бидејќи се покажала како ризична од аспект на привлекување сомнителни пари од најразлични локации на планетава.

БИРН стапи во контакт со инвеститорот Khan, но тој засега немал информации што може да ги сподели со јавноста. Дознаваме и дека гувернерот Димитар Богов, неодамна и лично се сретнал со него, но сѐ уште нема официјална потврда дали и кога Народната банка ќе даде согласност за купување на банката.

Според нашите неофицијални информации, процедурата е во завршна фаза и се очекува централната банка да даде согласност за купување на Алфа банка.

За операцијата за купување на Алфа банка се огласи и Комисијата за заштита на конкуренцијата, која објави дека примила известување за концентрација со која Silk Road Capital AG стекнува директна контрола над Алфа банка и врз основа на прелиминарното испитување, Комисијата утврдила дека „предметната концентрација може да потпадне под одредбите на Законот за заштита на конкуренцијата“, но „сепак конечната одлука по ова прашање е резервирана“

Инаку, целата постапка на проверка на потенцијалниот инвеститор во Народната банка се држи во голема тајност.

За да издаде согласност за купување акции во банка, Народната банка анализира колкав удел на акции сака инвеститорот да купи во одредена банка, а ако има намера да купи повеќе од третина од акциите, НБМ бара и стратегиски деловен план кој треба да ги содржи очекуваните цели, насоки и перспективи на банката, како и можни предлози за проширување и унапредување на работењето и присуството на пазарот.

Банкарите коментираат дека токму тоа ќе биде пресудно во одлуката на Народната банка – колку инвеститорот има финансиска моќ да ја докапитализира Алфа банка која со години работи непрофитабилно.

Финансиските резултати на Алфа банка покажуваат дека од последните пет години заклучно со 2014 година, само во 2013 банката работела профитабилно, со добивка од 260 илјади евра. Останатите години книжела загуби, 1,55 милиони евра во 2014 година, 8 милиони евра во 2012 година, 1 и пол милион евра во 2011 и загуба од дури 9,7 милиони евра во 2010 година.

Во истиот период, континуираните загуби ја намалија активата на банката од 119 милиони евра на вкупна актива од 91,6 милиони евра, заклучно со 2014 година. Со тоа Алфа банка заедно со уште две банки на пазарот, спаѓа во групата мали банки. Последните податоци на Народната банка за минатата година покажуваат дека Алфа банка го намалила и кредитното портфолио.

Лани банката одобрила 1,5% помалку кредити на годишно ниво за фирмите, со што целата кредитна поддршка за бизнис секторот изнесува 31,7 милиони евра. Вкупните кредити за граѓаните изнесуваат 36,2 милиони евра, 0,1% помалку отколку во 2014 година.

Освен финансискиот капацитет на потенцијалниот инвеститор, Народната банка ги анализира неговиот идентитет и репутацијата, лицата поврзани со него и нивната правна форма; утврдува дали финансиската состојба на инвеститорот е соодветна во однос на вредноста на акциите кои има намера да ги стекне; ги утврдува изворите на средства, нивното потекло и легалност.

Кој е Anisur Rehman Khan

Според биографијата на Швајцарецот Anisur Rehman Khan објавена на веб страницата на компанијата Lonestep Gmbh, тој бил присутен во македонскиот финансиски сектор и порано, но како консултант. Пишува дека менаџирал трансформација на една финансиска институција во Македонија зголемувајќи го нејзиното портфолио на клиенти до 15.000 за две години.

Неговата биографија открива дека тој има над 25 години искуство во меѓународното банкарство и финансирање на микро и мали фирми. Во 2005 година, го основал инвестицискиот фонд Development Finance Equity Partners којшто се фокусира на инвестиции во Централна и Источна Европа, а во име на Balkans Financial Sector Equity Fund до денес реализирале 9 инвестиции во овој регион. Неговото име се сретнува во бордот на директори на компанијата CEE Holdings, финансиска холдинг компанија со инвестиции во Албанија, Полска и Русија.

Продажбата на Алфа банка во земјава е очекувана последица на финансиската криза во Грција што трае веќе неколку години

Пред осум години, тој бил дел од Надзорниот одбор на Ваба банка од Вараждин во Хрватска. Од 2001 до 2004 основал гринфилд банка за микрофинансирање која потоа се продала на водечката австриска банка, Raiffeisen, а претходното негово искуство вклучува 17 години поминати на различни позиции во Citigroup Швајцарија.

Продажбата на Алфа банка во земјава е очекувана последица на финансиската криза во Грција што трае веќе неколку години.

Уште пред неколку месеци, атинскиот весник „То вима“, во текст со наслов „Грчките банки се повлекуваат од Балканот“, објави дека „мерките за штедење се очекува да ги опфатат и филијалите на грчките банки во странство, пред сѐ оние во балканските земји, што ќе доведе до драстично намалување на нивната активност надвор од територијата на Грција“.

„Тие планови ќе опфатат и затворање на нивните филијали во балканските земји“, објавија грчките медиуми.

Неодамна централата на грчката Алфа банка се ослободи и од својата филијала во Бугарија откако ја продаде на бугарската Поштенска банка, која е во сопственост на грчката Еуробанк.

Алфа Банка АД Скопје е формирана во 1993 година како една од првите приватни банки во Македонија под името Кредитна Банка АД Скопје. Во 2000 година Alpha Bank AE, Атина го откупи управувачкиот пакет на акции и стана доминантен акционер во банката. Во 2002 година Alpha Bank АЕ, Атина го откупи и преостанатиот дел од акционерскиот капитал и со 100% од акциите стана единствен акционер во Алфа Банка АД Скопје. Истата година Банката го промени името од Кредитна Банка АД Скопје во Алфа Банка АД Скопје.