Анализи

Копи-пејст заштита од земјотреси

Како се планира Скопје 60 години од катастрофата

Во последната недела пред 60-годишнината од катастрофалниот скопски земјотрес, додека низ разни локални и државни иституции се вршеа последните подготовки за манифестациите во сеќавање на оваа трагедија, во советот на Општина Центар се усвои детален урбанистички план во кој се заобиколи обврската за заштита од катастрофи.

За да биде иронијата уште поголема, овој ДУП се однесуваше на просторот кај Старата железничка станица (денешен Музеј на Град Скопје), која со часовникот застанат на 5 часот 17 минути остана како потсетување, но и предупредување дека Скопје лежи на сеизмички активно подрачје.

Замрзнатите стрелки од позеленет метал врз фасадата од жолти блокови сведочат и за тоа колку е важно заштитата од катастрофи да се планира однапред, принцип што беше многу почитуван во неговата постземјотресна обнова. Сега тоа не е така. Одредбите за заштита од урнатини се сведуваат на неколку ископирани реченици, што содржат исти податоци за сите.

За градење е висок 23 метри, за рушење 10 метри

Рамстор и Кам добиваат уште по неколку илјади квадрати | Фото: БИРН

Во планот што го донесе општината Центар, кој стана познат по тоа што овозможи проширување на објектите на компаниите Кам и Рамстор за по неколку илјади квадрати на сметка на паркинзите, има и неколку реченици за заштита и спасување од урнатини, како што обично има во сите детални урбанистички планови што се носат низ државата.

Тоа го налагаат законите и за заштита и спасување и за урбанистичко планирање, а целта е да се обезбеди дека ако некој објект се урне поради земјотрес или од други причини, неговите остатоци нема целосно да ја блокираат уличната мрежа и да оневозможат пристап на спасувачки екипи и на возила за итни интервенции.

Точните решенија за овој проблем во конкретен простор ги предлагаат планерските компании во текстуалните делови од ДУП-овите. За локалитетот Стара железничка станица планерската куќа ангажирана од општинските власти напишала дека објектите се со висина од 10,2 метри, оддалечени се најмалку три метри од крајот на градежната парцела, а при рушење би зафатиле површина х/3, што е формула според која се пресметува на колкав простор би се прошириле урнатините на една градба ако таа падне поради природна или друга несреќа.

Формулата значи дека остатоците би зафатиле простор колку една третина од висината на градбата, односно околу три метри, па и во најлош случај тие би се задржале во границите на парцелата, а улиците и другите јавни површини би останале слободни за движење на интервентните служби.

Проблемот во оваа пресметка што се базира на неточни податоци. Како основа се користи висина од 10,2 метри, а таму треба да се градат објекти високи по 23 метри.

„На 60 години од катастрофалниот земјотрес ние носиме план со лажирани податоци, само за да дозволиме малкумина да имаат голем ќар“, рече на седницата советничката Јана Белчева Андреевска.

Фиктивни висини низ целата држава

Домино ДУП-овите донесоа густа изграденост | Фото: БИРН

Идентични висини, зборови и реченици може да се најдат во урбанистички планови насекаде низ градот и низ државава, така што се стекнува впечаток дека тие само механички се копирани од едно место на друго.

Во ДУП-овите што ги анализираше БИРН, секаде во делот каде што се зборува за заштита од паѓање се внесува истата висина и оддалеченост од улицата.

Поголемиот број текстуални делови на деталните урбанистички планови (документи и до неколку стотини страници во кои се напишани сите аспекти на уредувањето на просторот, вклучително и заштитата од катастрофи) не се достапни на интеренет. БИРН сепак најде десетина планови во општините Центар, Карпош, Ѓорче Петров, Аеродром и Кисела Вода, каде што заштитата од урнатини се пресметала како објектите да имаат по 10,2 метри и се оддалечени од улицата по три метри. Во реалноста тие се многу поголеми.

Еден од плановите е и Маџир маало, каде што уривањето е пресметано со формула х/2, односно е предвидено да се остави простор колку една половина од висината меѓу зградата и улицата, а ниту во графичкиот дел од планот, ниту на теренот, тоа не е така.

„Го препишуваат истиот текст насекаде, ставаат податок од 10,2 метри, а прават многу поголеми згради“, вели за БИРН архитектката Дивна Пенчиќ, советничка во Општина Центар. Таа и на седницата на советот го постави прашањето зошто податоците не соодветствуваат со реалноста и како може во целата држава објектите да бидат високи 10,2 метри во планските податоци за заштита од урнатини.

Планирањето на заштитата и спасувањето сепак не е оставено на слободната волја на планерите. Дирекцијата за заштита и спасување има обврска да го прегледа секој план додека е во фазата на изработка и да даде мислење за тоа колку се запазени законските мерки во него.

Според документите што ги добивме за повеќе детални планови, мислењата што ДЗС ги испраќа до локалните власти се напишани на една страница и ја содржат истата реченица – мерките за заштита и спасување се соодветно вградени, врз основа на што подрачното одделение на оваа дирекција дава позитивно мислење.

Ова е случај дури и кога плановите содржат различни податоци за тоа колкави градби се планираат и каква заштита од урнатини се предвидува. Такво мислење, на пример, дирекцијата издала и за ДУП-от за Старата железничка станица. Иако е очигледна разликата во димензиите предвидени за градење и за заштита.

Зградите се проектираат „за да не се урнат“

Цврстината на градбата е важна, спетаат експертите од ИЗИИС | Фото: БИРН

Игнорирањето на обврската просторот да се планира и да се гради на начин што би овозможил слободен проток на спасувачки екипи ако дојде до уривање, овозможи во многу делови од главниот град зградите да се постават како плочки од домино, залепени во блокови една до друга или на многу мало растојание, направени веднаш до уличната мрежа. Во нив сега би било физички невозможно да се избегнат блокади при големи природни или други катастрофи.

Тогаш, зошто се прават планови во кои се внесуваат едни податоци за градба, а сосема други за заштита од урнатини? Неколку советници од Центар на последната седница ѝ го поставија ова прашање на претседателката на советот Виолета Велковска, која е редовен професор во Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС).

Советниците беа зачудени што таа, како експерт во оваа област, сепак го поддржува ДУП-от за Старата железничка станица. Нејзиниот одговор беше дека е точно дека просторот под урнатини би бил поголем отколку што пишува во планот, но гаранција за безбедноста било тоа што зградите „се проектирале за да не се урнат“.

„Сите мерки се преземаат за зградата евентуално само да се оштети, и ако е потребно постземјотресно да се санира или да се сруши под контрола. За висококатници се прави и посебна сеизмичка анализа со микропараметри. Јас не гледам толку црно дека во случај на земјотрес со магнитуда од 6,5, па дури и седумка, дека се ќе се сруши како кула од карти, како она што го гледавме во Турција“, одговори претседателката Велковска, додавајќи примери од Калифорнија и од други места каде што земјотресите се многу почести, а сепак има високоградба.

Често повторуван став на експертите од ИЗИИС е дека главната заштита од уривање при земјотрес се постигнува со проектирање на градбите. Во неодамнешно интервју за емисијата 360 степени, директорот на оваа институција Влатко Шешов рече дека многу лекции биле научени по катастрофата од 1963 година.

„Напреднати сме и во проектирањето и во изведбата. Имавме послаб земјотрес во Скопје во 2016 година, со магнитуда од 5,1 степен и немавме никакви оштетувања, односно многу мали и неконструктивни оштетувања. Тоа беше мала, но значајна потврда на тоа што сме го постигнале во градежништвото во овие 60 години“, изјави Шешов.

Сепак,  тоа не го менува фактот дека законските одредби не се почитуваат и дека за разлика од проектирањето и од изведбата, урбанистичкото планирање се движи во спротивна насока.