Анализи

Корона во логичка замка

 

Реалната закана од коронавирусот некои ја сметаат за алиби

Што можат 10 соопштенија со податоци и анализи подготвени од 30 медицински стручни лица против еден коментар на Фејсбук во врска со корона вирусот? Ништо, коментарот што ќе се повикува на „тајни извори“ и на „светски заговори“ ќе ги побие со еден удар, дури и ако единствената врска на неговиот автор со медицината е тоа што повремено оди на систематски преглед.

 Сѐ што му треба е еден ад хоминем напад, дека официјалните информации од институциите служат само да ја „замајуваат јавноста и да ја скријат вистината“.

Ад хоминем е напад на соговорникот наместо напад на аргументот, една од најчесто употребуваните логички замки. На социјалните мрежи е тешко да се следат информациите за вирусот без упатство за препознавање (и за заштита од) овие замки. 

Од десетиците замки што ги категоризирала комуниколошката наука, барем половина може да се најдат како излегуваат од темните ќошеви на македонскиот интернет, нудејќи теории што се апсурдни, но го привлекуваат вниманието на дел од јавноста.

Сето тоа не е само обична забава на социјалните мрежи. Тие се покажаа како многу ефикасни за ширење паника и недоверба, што во услови на сериозен здравствен ризик може да направи големи штети. Залудни се сите апели за смирено однесување и за почитување на препораките кога авторот (со јавен или со скриен профил) „знае подобро“ од професионалците.

Ако две нешта се случуваат истовремено, тие мора да се поврзани, вели каузалната логичка замка. Дури и ако тие немаат никаква врска една со друга, како корона вирусот и влошувањето на бегалската ситуација во Турција и на турско-грчката граница. Зар може да се отфрли теоријата дека паниката од вирусот се раширила токму во ова време само за народот да биде оптоварен со тоа додека владата го исполни својот план да насели 150 илјади мигранти во земјава? Нормално дека може, и треба, бидејќи ниту има логика, ниту некој го докажал постоењето некаков план за населување мигранти. 

Но, за многумина на мрежите не е важно што двата процеси (бегалската криза и ширењето на корона вирусот) го зафаќаат целиот свет, па тешко дека се предизвикани само поради една мала земја. За тие што учествуваат во овие дебати и ја прифаќаат оваа теорија, Македонија е и онака центар на светот околу која се вртат многу глобални политики.

„Сто и педесет илјади косовари во 1999, 150 илјади мигранти во 2020 со право на глас. Ама корона вирусот е доволно добра тема за забава“, вели еден таков коментар. 

Намалувањето на важноста на темата за корона вирусот преку нејзиното претставување како алиби за нешто друго може да доведе до игнорирање на препораките за претпазливост, а со тоа и до намалување на ефикасноста на мерките против ширењето на вирусот.

Корона и 5Г

Лесно се поврзуваат две теми во една теорија на заговор, како коронавирусот и 5Г технологијата

Каузалната замка е уште поизразена во тезите дека корона вирусот се шири таму каде што се развива 5Г мобилна мрежа. Двете нешта се опасни, па мора да се поврзани. Поточно, само едното е опасно (вирус е, тоа му е работа), а опасноста од 5Г се темели на студија што е веќе побиена, но предоцна за да се запре паниката. 

Се тврди дека оваа технологија го ослабува човековиот организам и го прави поподложен на корона вирусот. Се објавуваат и мапи кои треба да сугерираат дека вирусот е проширен во деловите од Азија, Европа и Северна Америка, каде што има 5Г мрежа, а Африка и Јужна Америка (со исклучок на Бразил) се „чисти“. Но, поради економскиот стандард, дел од земјите во Јужна Америка и повеќето земји во Африка се далеку од 5Г мрежата, а нивното население многу помалку патува, што е многу поверојатна причина зошто тоа останало позаштитено од вирусот. 

И кога не се бара директна врска, се останува на тврдењето дека паниката од вирусот се создава за воведувањето на 5Г технологијата да помине незабележано. Сето тоа води само кон едно – релативизирање на опасноста од заболување.

Намерно бил направен

„Антиваксерите“ не се предомислија ниту во овие драматични моменти

Ниедна добра епидемија не може да помине без уште подобри теории дека вирусот бил направен во лабораторија и намерно пуштен во светот заради профит на големите компании и на фармацевтската индустрија. Тука се потсетува на епидемиите на САРС, западнонилска треска, зика вирусот, птичјиот и свинскиот грип итн. Целта, според овие теоретичари на заговор, била да се предизвика масовно вакцинирање на луѓето со средства што ги прават пасивни и послушни.

Таканаречените „антиваксери“ (кои си создадоа своја база и во Македонија) не го гледаат ширењето на вирусот како аргумент со кој се потврдува користа од општа имунизација на населението, туку како потврда за нивните тези дека се создавале болести за да се користат вакцини.

„Глобалофашистите создадоа корона вирус за со вакцини да нѐ чипираат и зомбираат сите нас низ цел свет“, вели еден наслов на порталот Коложег, споделен 250 пати.

Намалувањето на важноста на темата за корона, преку нејзиното претставување како алиби за нешто друго, може да доведе до игнорирање на препораките за претпазливост, а со тоа и до намалување на ефикасноста на мерките против ширењето на вирусот

Лажните и штетни тези на интернет немаше да постојат ако не постоеше генерализацијата како логичка замка. Така, некои коментатори ја користат познатата изрека на Џорџ Орвел дека исплашен човек лесно се манипулира, за да „објаснат“ зошто се кревала паника со корона вирусот. Се заборава дека Орвел мислел на неоправдан страв од непостоечки причини, а не на претпазливост од реален вирус од кој умираат луѓе низ светот.

Поради ефектот на масовност (уште една логичка замка), тешко е да се спротивстави на овие теории со логички или со докажани аргументи, бидејќи – како може еден да биде во право ако триесетмина го тврдат спротивното?

Аргументот на авторитет е следната замка што може да се сретне во овие дискусии. Со него се пласира неточна или недокажана теза, која се поткрепува со некаков реален или нереален авторитет. Такви се на пример „тајните, но испробани методи на јапонски, руски, кинески или на други доктори“ (има повеќе варијации) за тоа како може некој да се тестира дали има корона вирус додека трае периодот на инкубација. 

Сѐ што треба, според овие лажни препораки, е да се задржи здивот десет секунди наутро, па ако не се појави сува кашлица, сѐ е во ред, а ако се појави – лицето треба да се тестира. Можеби светската наука со месеци не успеа да најде ефикасен начин на препознавање на корона вирусот во периодот на инкубација, но социјалните мрежи го сторија тоа побргу и „поефикасно“.

Сѐ е поради изборите

Некои тврдат дека паниката се создава за гласачките места да останат празни

Наспроти теориите за глобален заговор, локалните не го извадија корона вирусот од предизборниот контекст во Македонија. Однесувањето на директорката на клиниката за кожни болести (осудено од сите страни) им послужи на дел од теоретичарите да тврдат дека тоа не била нејзина неодговорна постапка, туку намерно смислен план на СДСМ за да се одложат парламентарните избори, односно „да се избегне поразот“. 

За жал, овие тези повремено наоѓаат поткрепа и во официјални партиски прес-конференции, бидејќи уште одамна во земјава владее атмосфера дека буквално сѐ е дозволено во меѓупартиската битка.

Се оди дури и дотаму да се тврди дека и другите потврдени пациенти што се вратиле од Италија намерно биле оставени да се шетаат меѓу населението со денови пред да бидат пренесени во болница, само за вирусот да се рашири што повеќе. 

Како поткрепа на таа теорија се користат текстови објавени на Република, Курир, Лидер и на други медиуми со слична уредувачка политика, дека првата пациентка не била хоспитализирана еден ден по враќањето од Италија, туку неколку дена била дома. Сите текстови се потпираат на изјава на анонимна сосетка што ја видела.

Зар некој би се изложил на здравствен ризик само за да ги одложи изборите? Не, туку би лажел, според овие тврдења.

„Проблемот е што нема корона, сега ќе ги направат дека има 100 заболени, за да ги одложат изборите“, уверено тврди друг корисник на социјалните мрежи.

Ширењето на теориите на заговор, во многу случаи, е побрзо и од ширењето на вирусот. Во очекување сме само уште на теза која ќе го поврзе корона вирусот со теоријата за рамната земја

Ефектот од ова е што дали некој ќе ги слуша препораките од здравствените власти зависи од неговата партиска определба. А бидејќи има неколку стотици илјади луѓе определени за партии што се противници на партијата на актуелниот министер за здравство, тоа значи дека има неколку стотици илјади потенцијални преносители на корона вирусот кои „не дозволуваат некој северџан да им кажува што да прават“.

Кружниот аргумент е замка во која две тези лажно се докажуваат така што се потврдуваат една со друга. Како на пример, тврдењето дека причестувањето многу луѓе во црква со едно лажиче е безбедно за здравјето бидејќи е свето, а се покажало дека е свето зашто било безбедно за здравјето.

Ширењето на теориите на заговор во многу случаи е побрзо и од ширењето на вирусот. Во очекување сме само уште на теза што ќе го поврзе корона вирусот со теоријата за рамната земја. Ако беше топка, вирусот ќе паднеше во вселената, но наместо тоа – се шири во тепсијата.

Владата најави дека ќе го санкционира ширењето лажни вести во врска со епидемијата на социјалните мрежи и во медиумите. Властите објавија и видео за тоа како населението да се заштити од вирусот.