Истражувањa

Короната ги активираше сите медиумски коморбидитети

Пандемијата ги зголеми проблемите на медиумите, но може да помогне и да се решат

Полна сала новинари, кои, седнати еден до друг, се борат да дојдат до прашање. Вакви сцени може да се видат само на старите снимки од прес-конференциите, но не понови од март годинава, кога министерот за здравство, Венко Филипче, најави затворање на училиштата и градинките и кога стана јасно дека работите сериозно ќе се променат.

Тоа се случи на 10 март 2020 и од тој момент бројот на заразени, кризните мерки, а подоцна и бројот на починати станаа доминантен, а понекогаш и единствено важен дел од македонскиот информативен простор.

Но, промените што ги предизвика вирусот во медиумскиот свет не се сведоа само на замена на доминантните теми. И глобално и локално, пандемијата го смени новинарството на повеќе начини. Работа од дома, интервјуа на дистанца или преку интернет, ограничени можности за движење и за пристап до извори и до соговорници. Тоа е новото нормално.

Ударот врз економијата, најавите за дополнителни последици врз тие што треба да се јават како рекламери, ги намалија можностите и надежите за одржливо финансирање. Па, така  багажот што медиумската индустрија во Македонија го пренесе од старото нормално, во услови на здравствено-економска криза стана уште потежок.

„Сериозен проблем ни се појави со повлекувањето на комерцијалните огласи. Имаме пад во рекламирањето од околу 70 проценти. Тоа се случува во целиот свет, па што остана за нас“, вели Атанас Кировски, директор и уредник на телевизијата Телма и претседател на Македонската медиумска асоцијација – ММА, која ја сочинуваат пет телевизии со национална концесија.

За четири месеци, најмалку три милиони евра помош за медиуми

Како мерки за ублажување на последиците од корона вирусот, од март до сега, во медиумскиот бизнис, по разни основи, се вбризгани финансиски инјекции во висина од најмалку три милиони евра. Дел како пари што директно им биле дадени на медиумите, дел како ослободување од плаќањето на некои обврски.

Па така, Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги – АВМУ, во март и во април, на 116 радиодифузери им донираше вкупно 1,7 милиони евра. Од нив, македонската радио-телевизија доби половина милион, националните телевизии по околу 70 илјади евра, регионалните радиодифузери, во зависност од регионот, до 20 илјади, а некои локални радија добија по 150-200 евра.

Според директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски, тоа биле пари што Агенцијата ги имала, односно средствата што медиумите ѝ ги уплатиле во 2019 и во 2020 како надомест за дозволите за вршење дејност, сега им се вратиле на нивните сметки.

„Медиумите се обврзани да ги трошат парите наменски, меѓу другото, за подобрување на заштитата на новинарите од корона вирусот. Ќе треба да поднесат извештај како ги потрошиле“, вели Трајчевски.

Донациите, како што се наведува во решенијата, се за „набавка на заштитна опрема во медиумите и за справување со негативните економски последици“. Исполнувањето на целите на сите донации ќе го контролира УЈП, а не АВМУ.

Понатаму, владата на 30 мај донесе одлука, со која надлежното Министерство за информатичко општество (МИОА) и јавното претпријатие Национална радиодифузија, ослободи 11 телевизии (петте национални и шест регионални) од плаќањето надоместок за дигитален терестријален мултиплекс, технички трошок за да можат да емитуваат програма. Станува збор за сума од 515 илјади евра.  

По оваа одлука, кабелските телевизии и радија се заканија со штрајк поради „нееднаков третман на владата на радиодифузерите“. Владата ја измени одлуката и во неа додаде ослободување од плаќање на трошоците за пренесување на сигналот. Со тоа ги опфати и другите телевизии, сателитски и кабелски, како и радијата. Ова дополнително ја зголеми сумата за 100 илјади евра.

Со трета одлука, на барање на новинарскиот синдикат, медиумските компании што не отпуштиле ниту еден вработен од март наваму беа ослободени од плаќање пензиско и здравствено осигурување за вработените за три месеци. Тој трошок го презеде државата.

„Владините мерки се од помош во моментов. Ни ги плаќаат придонесите за вработените, тоа е за нас трошок од околу 20 илјади евра“, вели Кировски, додавајќи дека вработените во Телма имаат стабилни примања, а ќе им се исплати и К-15 на крајот на годината.

Во мерката за помош за исплата на плати до 14.500 денари по вработен, која е воведена за сите компании во земјава, медиумите ја најдоа четвртата гранка за помош од државата.

Така на пример, од алатката „отворени финансии“ може да се види дека од медиумите што барале помош, националните телевизии зеле од 40 до 80 илјади евра по овој основ во последните три месеци, кабелските до 30 илјади евра, весниците од три илјади до 30 илјади евра, а мерката ја искористиле и некои човек-портали, кои зеле 700 евра (три плати по 14.500 денари). Според достапните информации, кај медиумите што побарале и добиле ваква помош, досега легнале над половина милион евра.

Замки во државната помош

Медиумите се вртат за помош кон оние чија работа ја следат | Фото: БИРН

Македонија не е единствената земја во која решението за проблемите на медиумите се бара во државното финансирање.

„Приватните медиуми се дел од нашата демократија, и тие губат приходи. Постои опасност тоа да ја загрози демократијата и јавната дебата“, изјави данскиот министер за култура, Џoj Могенсен, најавувајќи државна интервенција за помош на медиумите во неговата земја.

Влијателниот „Гардијан“, кој има разгранета мрежа на финансирање од повеќе извори – претплата, реклами, донации, има техничка подготвеност, а се обраќа на голем пазар, практично на целиот свет, најави ново големо отпуштање новинари. Слично најавува и Би-би-си.

„Кога двата симболa на квалитетното новинарство покажуваат дека не можат да се справат со кризата, што останува за другите“, коментира за БИРН, Бранкица Петковиќ, медиумски експерт од Словенија. Според неа, сосема е нормално медиумите, иако се приватни, да се свртат кон државниот буџет како единствен стабилен извор на пари.

Она што е клучно во таква ситуација е, вели таа, да не се упадне во замката, на сметка на опстанокот да се загуби слободата и независноста на уредувачката политика.

На таа тема, македонските медиуми имаат завидно искуство. Во изминатите години, во земјава се менуваа две владејачки гарнитури – едната што го доведе до совршенство клиентелистичкиот однос меѓу медиумите и владата, и другата што не успеа целосно да расчисти со медиумските проблеми што ѝ ги остави првата.

Имено, откако владата на Зоран Заев го укина рекламирањето на „први чекори“, „трети деца“, „отворања срца“ со државни пари што се слеваа најмногу во неколку големи телевизии, и што беше оценето од домашните и од меѓународните фактори како корумпирање на медиумите од претходната влада на Никола Груевски, тие, но и другите  што не беа на тој платен список, тешко го сокриваа очекувањето дека државата сега е должна да им обезбеди поинаков, „некорумпиран“ начин на „поддршка“.

Како претседател на Здружението на новинари на Македонија, Младен Чадиковски, се согласува дека помошта може да се претвори во замка.

„Кога постои вонредна состојба каква што е сега, без разлика дали е официјално прогласена или не, има опасности да се протнат решенија што се проблематични. Не би сакале да се искористи овој период за да се формира некој фонд за медиуми што би останал и понатаму и што би создавал ризици за влијание врз уредувачката политика“, нагласува тој.

Чадиковски ги повтори заложбите на здружението дека помошта за медиумите треба главно да дојде како нивно ослободување од некои давачки, а не како државни пари што легнуваат на медиумските сметки.

Некои нема да ја преживеат кризата

Се чека крајот на работата од дома | Фото: БИРН

Со сосема извесна економска рецесија, со пад на бруто домашниот производ и затворање на стопанските субјекти од чие рекламирање медиумите практично живеат, може да се случи корона вирусот да го направи тоа што ниту една влада и ниту еден состав на регулаторот не се осмели да го направи – да го намали бројот на медиумите.

Македонската медиумска сцена ја дочека кризата предизвикана со пандемијата со  нереформиран јавен сервис, 115 трговски радиодифузни друштва, 12 весници, стотици интернет-портали и со рекламен колач од околу 15-20 милиони евра.

Во интервју за БИРН,  досегашниот министер без ресор , и самиот поранешен новинар и уредник, Роберт Поповски, го кажа она што сите учесници во медиумскиот бизнис со години го знаат, но малкумина се подготвени да го прифатат – тој рекламен колач е недоволен за сите да опстанат.

„Медиумската сцена е веќе во големи проблеми, многу медиуми, мал рекламен пазар. Ако продолжи кризата, овие проблеми ќе се зголемат“, вели Чадиковски, во разговор за БИРН.

Оттаму е извесно дека за најголем дел од медиумите, особено во радиодифузната дејност и од печатот, ќе биде голем подвиг ако го преживеат овој дополнителен удар на пазарот, што поради презаситеноста и претходно не беше одржлив.

„Нашиот бизнис директно зависи од состојбата. Ако таа потрае две години, не верувам дека сите медиуми во земјава ќе опстанат. Ако заврши за пократко време, сè уште имаат шанса“, смета Кировски.

Горан Михајловски, сопственик и уредник на порталот Сакам да кажам (сдк.мк), кој функционира и како невладина организација и се одржува со поддршка на проекти за кои конкурираат кај донаторите, смета дека во онлајн-новинарството, изгледите за опстанок се уште полоши.

„Многу помали шанси имаат тие што се обидуваат да работат комерцијално и професионално, отколку порталите што неовластено преземаат текстови, фотографии и други содржини од нив“.

Михајловски нема дилеми: „ Да зависиме од рекламите, и ние немаше да постоиме“, вели тој.

Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиуми нагласува дека помошта што ја добија медиумите не е долготрајно решение.

„Помошта не може да потрае подолго од неколку месеци, најмногу половина година“, вели тој.

Георгиевски е еден од ретките медиумски експерти што јавно говорат дека селекцијата и намалувањето на пазарот на реална мерка е нешто што не нужно е негативно доколку се случи.

„Тие што ќе имаат среќа да преживеат, ќе имаат на располагање повеќе средства што ќе ја помогне нивната одржливост и ќе им помогне да понудат поквалитетни содржини, поквалитетно информирање, но и да бидат помалку зависни од јавните пари и послободни од можните економски и други видови притисок“, вели Георгиевски за БИРН.

Една поинаква новинарска работа

И за изјавите од Филипче имаше протокол – далечина и заштитна опрема | Фото: vlada.mk

Парите, односно нивното отсуство како доминантна тема се содржат и во одговорите за справување со кризата и на самите новинари. Според анкетата спроведена од Самостојниот синдикат на новинарите, во Македонија, 73 проценти од испитаниците велат дека им е потребна финансиска помош, а 30 проценти дека познаваат некој што останал без работа во последниве месеци поради кризата.

Таков е случајот и со четворица вработени во порталот Локално.мк . Во март работеле од дома, и управата ги повикала еден по еден да им соопшти дека нема да има потреба од нив од почетокот на април. Новинарката Ивана Рамаданова беше една од отпуштените.

Таа за БИРН ја нагласува иронијата на случајот, во која како новинар работи на тема за лесно отпуштање на текстилните работнички поради кризата за да открие дека тоа, всушност, и неа ѝ се случува.

„Грозно е чувството дека кога некому му требаш си добар, но се ослободува од тебе на првиот знак на кризата“, вели Рамаданова.

Губењето на приходите од реклами и губењето на работните места за новинарите се глобално нагласени како едни од најголемите проблеми на медиумската индустрија во пандемијата

Таа го пријавила случајот во Трудовиот инспекторат, со оглед дека била одјавена од работа со спогодбен отказ, иако никогаш не потпишала такво нешто. Инспекторатот наложил да ја вратат на работа, а, како што вели, фирмата прифатила да го стори тоа, но по полоши услови.  Наоѓајќи друга работа, Рамаданова, одбила да се врати на старата.

Дека ѓаволот ја однел шегата беше јасно уште на самиот почеток на корона-кризата, велат од новинарскиот синдикат – ССНМ, каде што стигнуваа информации, најчесто анонимни, за отпуштања, зголемувања на обемот на работа, намалувања и неисплаќања плати. Сепак, како што пристигнуваше помошта од власта, така се враќаше и делумниот социјален мир меѓу новинарите.

Делумен, затоа што и пред корона вирусот, главни проблеми на медиумските работници беа несигурноста на работните места и нискиот животен стандард.

Короната на многу начини ја смени новинарската работа. Поголемите редакции, како телевизиите, се организираа во смени што немаат контакт едни со други. Некаде имало по две групи, некаде по три.

„Воведовме работа во смени за ако некој колега се зарази и другите мора да одат во изолација, другата смена да може да ја покрие работата. Но, тоа значеше дека секогаш работиме со 50 проценти од капацитетот, а другите 50 се на резерва“, вели Кировски.

Во повеќето интернет-портали и во дел од печатените медиуми се работи претежно од дома. Слично како и во други професии, ова беше особено тешко за семејните луѓе со деца на училишна или на предучилишна возраст. Во мала редакција нема услови да се исполни владината мерка за ослободување од работа на родителите со деца до 10-годишна возраст, а таа да продолжи да функционира.

„Морав да бидам новинарка, бебиситерка и мајка во исто време, а уредникот не го интересираше тоа, ако ме немаше 15 минути онлајн, веднаш прашуваше каде сум“, го споделува своето искуство за БИРН новинарка, која инсистира на анонимност, плашејќи се дека јавна критика на начинот на работа во редакцијата би ѝ предизвикала многу проблеми.

И светските и домашните искуства покажуваат дека новинарството стана потешко за време на короната, поради ограничувањата на движењето и ограничениот пристап до податоци и до соговорници. Интервјуата преку онлајн-платформите можеби донесоа куриозитети, како носење маски дури кога се јавува од дома преку скајп, но носеа и намалување на техничкиот, а понекогаш и на содржинскиот квалитет на производот.

„Секако дека тоа имаше влијание и врз квалитетот на работата, групите се помали, на располагање има помалку новинари, уредници, сниматели, монтажери“, вели Чадиковски за работата на ТВ 24.

„Не е лесно кога не може да се оди на терен, да се разговара со луѓе, туку се работи од дистанца“, вели Михајловски од СДК.

Не спорејќи го бенефитот од тоа што и јавните институции морале да се приспособат на состојбата и да ги даваат сите информации онлајн, новинарите тврдат дека токму поради тоа се јавува конфузија и тешко се проверуваат податоците.

„Понекогаш излегуваа различни податоци на различни места, дури и за бројот на заболени, сето тоа мораше да се проверува и да се потврдува пред да се објави“, вели Габриела Лескова од велешката ТВ Здравкин.

Тие, пак, што не можат да работат од дома и онлајн, ја платија цената.

„Ние немаме услови за работа од дома, мора да ги следиме сите настани, поради што сме постојано под стрес и имаме панични напади“, вели новинарка од регионално радио.

„Бев на разговор со еден градоначалник, кој ми подаде рака за да се поздравиме. Возвратив на поздравот за да не излезам непристојна. По неколку дена, кога објави дека е позитивен, бев во голема паника додека поминаа двете недели“, го раскажа своето искуство новинарка од Скопје.

Уредникот на Канал 5, Гоце Михајловски, ги испрати во самоизолација лидерите на најголемите политички партии Зоран Заев и Христијан Мицкоски, откако направи интервјуа со нив, па по неколку дена дозна дека е заразен. Христина Беловска од ТВ 24 не мораше да известува за гласањето на позитивните на Ковид-19 на парламентарните избори, туку самата, како позитивна во тој момент, беше главен протагонист во прилогот на нејзината телевизија на оваа тема.

„Очигледно дека е доволен еден момент на невнимание. Телевизиската работа е теренска и тоа не може да се смени. Но, бевме обезбедени со заштитни средства, имавме и обуки како да се заштитиме и препораки да не се ставаме во ризик. Сепак, завршив позитивна. Сосема случајно открив и не знам како се случило тоа. Тоа само покажува колку е сериозна состојбата со вирусот“, вели Беловска.

Според анкетата на ССНМ, 22 отсто од испитаниците одговориле дека сопствениците на медиумите не им обезбедиле заштитна опрема, а 45 отсто рекле дека им е потребна дополнителна заштитна опрема и за сега и за во иднина.

Известување во широчина, но ретко во длабочина

Медиумски работници чекаат изјави пред претседателската резиденција во Скопје | Фото: Роберт Атанасовски

Во вонредни состојби како сегашната е очекувано да расте бројот на публиката во медиумите. Просечниот дневен досег на повеќето телевизии пораснал двојно или тројно во првата половина од годинава (јануаријуни), во споредба со истиот период во 2019 и во 2018 година, покажуваат испитувањата на Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги.

Така, на прашањето „кои телевизии ги гледавте вчера“ (со можност за повеќе одговори), процентот на испитаници што рекле Сител се зголемил од 38 на 60 отсто, Телма од 12 на 32 отсто, МТВ 1 од 10 на речиси 40 отсто итн. Раст до 20 процентни поени има и на неделниот просечен досег.

„Во овие истражувања не се испитуваат причините за промената на гледаноста. Но, несомнено фактот дека голем број луѓе останаа дома и дека се случуваше нешто сосема ново што ги засегаше сите и што го погоди нашиот секојдневен живот, како ширењето на корона вирусот, придонесе значително да се зголеми интересот за медиумите“, вели Магдалена Давидовска Довлева, раководителка на Секторот за истражувања и за долгорочен развој во Агенцијата.

Во отсуство на стручни анализи за начинот на кој медиумите ја покриваат пандемијата, она што е очигледно е дека кај повеќето, пред сè, кај поголемите, известувањето не се сведе само на пренесување на дневните билтени за заболени, починати и оздравени.

Тоа се прошири со пренесување на мислењата на различни соговорници во врска со здравствените, економските, образовните и други последици од Ковид-19, репортажи од градови во карантин или од болниците, како и информации што на таа тема доаѓаа од надвор.

Но, паралелно мрзеливиот и препишувачки дел од македонското новинарство ги имаше своите пет минути. Едноставно, овојпат имаше и оправдување да биде мрзелив – со толку многу дневни случувања, немаше потреба да се оди подалеку од десен клик на глувчето на компјутерот и избирање на опцијата копирај. 

Тоа се виде на пример и во случајот кога  бројката на новозаразени почна да расте  и кога  добар дел медиуми само ја копираа информацијата на здравствените власти, кои во дневниот рапорт, акцентот го ставаа на бројот на оздравените.

Блискоста со изворите во раководните здравствени тела беше употребена во дегутантна битка меѓу медиумите кој ќе ги објави најновите дневни податоци неколку минути пред другите, официјално или неофицијално. Како резултат на тоа, во Македонија се произведе чудна форма на новинарски жанр карактеристичен по насловите  од типот „бројот на заболени е најверојатно околу…“

Чекајќи го крајот или новиот почеток

Четири месеци од прес-конференцијата со која почна „новата реалност“ и влегувањето на темата за пандемијата на голема врата во сите информативни гласила, освен што новинарскиот вокабулар се збогати со медицински термини, медиумската панорама останува иста, со исти и дополнително влошени  „коморбидитети“.

Сепак, заедничко за сите соговорници на БИРН за ефектите од епидемијата, е дека насетуваат или очекуваат кризата да донесе промени и искуства што ќе создадат сосема нова медиумска сцена и нови начини на практикување на новинарскиот занает.

„Короната ги продлабочи проблемите во медиумската сфера, но можеби ќе ни помогне и побргу да најдеме решенија“, заклучува Бранкица Петковиќ.