Анализи

Короната и принудното зреење на политичката класа

Кризата може да донесе промени во начинот на кој се практикува политиката во Македонија

Најдиректното и недвосмислено влијание на корона вирусот во политичкиот амбиент на земјава може да се согледа преку статусот и рејтингот на министерот за здравство Венко Филипче. Пандемијата директно предизвика негова политичка трансформација од аутсајдер, кој не влезе ниту на кандидатските листи на СДСМ, во човек што доби клучна улога во кампањата и во изборната победа на партијата.

Тоа покажа дека македонскиот гласач може да поддржи политичар и без големи реформи или грандиозни проекти. Доволно му е да види дека некој си ја врши работата како што треба и го штити интересот на граѓаните.

Ова за БИРН го коментираат повеќемина политички аналитичари и истражувачи, универзитетски професори, новинари, поранешни и актуелни политичари.

„Нема веќе лесно прифаќање непрофесионалност како порано“, вели аналитичарот Петар Арсовски.

Ефектите што вирусот ги имаше врз македонската политичка сцена не застанаа на рејтингот на министерот за здравство (во одредени моменти поддржан од 80 отсто од граѓаните) и се проширија многу повеќе. Вонредните состојби, карантините, справувањето со стравот и паниката, одлуките за организација на економскиот, социјалниот, образовниот, работниот, верскиот и целиот друг живот, но и однесувањето на партиите низ целата криза, одговорија на многу прашања за тоа каква политичка класа има земјата, а каква сакаат граѓаните.

Вирусот им купи време на политичарите

Коронавирусот ја трансформираше политичката кариера на министерот Филипче | Фото: Роберт Атанасовски

Кога вирусот влезе во Македонија на 25 февруари, увезен директно од Италија како најголемо и најдраматично жариште во Европа, земјата беше целосно фокусирана на парламентарните избори што требаше да се одржат месец и пол подоцна, на 12 април.

На чело беше пржинската влада на Оливер Спасовски, со мандат за спроведување избори. Во неа, опозициската ВМРО-ДПМНЕ веќе го имаше загубено еден од своите двајца министри, со разрешувањето на Рашела Мизрахи од Труд и социјална политика поради непочитување на договорот од Преспа. Таа инсистираше да држи прес-конференции пред табла со испишано име – Македонија наместо Северна Македонија.  

Револтирана, партијата најави дека нема да предложи нов министер, што подоцна се покажа како нејзина грешка затоа што ефектите од мерките за намалување на последиците од короната (финансиска и хуманитарна помош) отидоа на контото на политичкиот ривал.

Владејачката партија на Зоран Заев влегуваше во изборниот период со старите заложби за правда, меритократија, стручно и професионално водење на институциите. Изборот на слоганот, „Можеме“, како барање втора шанса, укажуваше дека и таа самата беше свесна за разочараноста на голем дел од гласачкото тело, кое поради неисполнетоста токму на овие ветувања јавно најавуваше дека нема да гласа.

Токму справувањето со првиот удар на корона вирусот, што го предводеше Филипче, даде сигнал дека „можеби навистина можат“. Со строги и непопуларни мерки се спречи неговото неконтролирано ширење и Македонија ги избегна трагичните сценарија од Италија, Шпанија и од други држави каде што луѓе умираа во болничките ходници и беа погребувани во масовни гробници.

Тие слики предизвикуваа голем страв кај македонското население заглавено пред телевизорите во строг карантин. Затоа му беше добредојдено кога владејачката структура му понуди сигурност, вели професорот по политички науки од скопскиот Правен факултет, Ненад Марковиќ.

„Во такви моменти, сигурноста е високо на агендата, многу над реформите и развојот“, додава Марковиќ.

Короната ги врати во живот СДСМ и Заев, кои, растргнати меѓу амбициите да ги решат големите прашања со соседите и очекувањата да воведат принципиелно водење политика, особено кога е во прашање борбата против криминалот и корупцијата, немаа избор, освен да разочараат на едно од овие две полиња.

Политичката сцена беше далеку од стабилна пред да се „зарази“ со вирусот. Аферата „Рекет“ што го уништи Специјалното обвинителство беше во полн ек. Договорот од Преспа и толкувањата на договорот со Бугарија дополнително ја поделија јавноста. Сето тоа, како што коментираат дел од соговорниците, ја стави власта на стаклени нозе.

Начинот на кој се спроведоа уставните измени за да се исполни Преспанскиот договор, со пазарења со пратеници обвинети за кривични дела, за да се дојде до двотретинско мнозинство, предизвика уште поголема разочараност кај либералниот слој на општеството, додава новинарот Сашо Ордановски.

„Булдожерски се решија овие прашања и од тоа им се згади на многу луѓе“, смета тој.

Доаѓањето на вирусот во една таква атмосфера, како што вели Ордановски, им купи време на политичарите.

Препржување на пржинската влада

Новата влада најави дека ќе го укине пржинскиот формат | Фото: Роберт Атанасовски

Тоа време им беше потребно за да се подготват за целосно променетиот наратив од теми на популизам и национализам на почовечки и пограѓански теми. Марко Трошановски од Институтот за демократија забележува дека фокусот на јавноста бргу се префрлил на тоа колку е важно да се грижиме за јавните ресурси, особено за јавното здравство и колку е важно да имаме квалитетен кадар и квалитетни јавни услуги на сите полиња.

„Може да се каже дека ние пораснавме како граѓани. Во нормални услови можеби повеќе се трпат неквалитет и лоши услуги, но во вонредни, тоа не е така“, додава Трошановски.

Променетите очекувања на граѓаните не се рефлектираа многу во однесувањето на партиите. Генерално, ниту власта, ниту опозицијата не се снајдоа и не одговорија на зголемениот интерес за функционални институции и за подобро решавање на проблемите.

Разменувањето на над 120 изјави, соопштенија, реакции и реакции на реакциите на тема корона меѓу двете најголеми партии во првите три месеци од пандемијата покажаа дека поларизирањето и препукувањето им е поважно од каква било криза. Имаше тука сешто, од фалби и воспевања, до оцрнувања и обиди за конструктивност, до пласирање неточни информации. Сето тоа се сведуваше на една порака – нашата партија и во ова е подобра од вашата.

„Вниманието на публиката се смени, но не и наративите на партиите. Тие си останаа на истата реторика од претходно – Преспа, крадење и плус корона“, вели Петар Арсовски.

Препукувањето не се одвиваше само во партиските прес-центри, туку и во т.н. Пржинска влада, која, според договорот од 2016 година, се формира со единствен мандат да спроведе избори. Според договорот, нејзината функција е да им овозможи на партиите да се контролираат едни со други и да не дозволат да се злоупотребат државните функции и ресурси во изборни цели. Иако веќе со прогласувањето на првата вонредна состојба, функцијата на оваа техничка влада се смени, не се смени и нејзиниот карактер. Нејзините членови продолжија да внимаваат едни на други (или од други) наместо на јавното здравје.

Ова можеше да се види од реакцијата на техничкиот премиер Оливер Спасовски во април, кога за време на најстрогите мерки со кои животот беше стуткан во седум часа дневно, а другиот дел беше карантин, јавноста се подели поради верско прашање. Додека едни повикуваа да им се дозволи да го прослават Велигден во црквите, други остро се противеа на тоа бидејќи се знаеше дека групирањето е многу ризично.

Со неизвесноста на работните места, целосната импровизација во образованието и со другите ефекти наметнати од корона вирусот, веќе силно се чувствуваа психолошките, социјалните, но и економските последици кај населението. Затоа се очекуваше строг одговор по ова прашање. Сепак, Спасовски најави дека нема да ги затвори црквите, туку само ќе ги повика граѓаните да не одат.

„Одењето во верски објекти е неприкосновено право“, велеше тогаш Спасовски. Еден месец подоцна ја повтори постапката за Рамазан бајрам, кога направи дупка во викенд-карантинот за да овозможи пет часа за молитва. Овие временски џебови беа направени спротивно од препораките на Комисијата за заразни болести, што предизвика бурни реакции кај дел од граѓаните.

Во мај, кога почна нагло да се зголемува бројката на заразени, социјалдемократскиот дел од владата бараше полицијата раководена од министерот на ВМРО-ДПМНЕ Наќе Чулев да казнува и да интервенира при непочитување на мерките за забрана на собирање, недржење дистанца, неносење маски. Тоа беше период во кој во јавноста постојано излегуваа фотографии и видеа од вечерни забави, ифтарски вечери и други групирања што беа забранети.  

Министерот од опозицијата, Чулев обвини дека врз него се врши притисок „ да ги казнува граѓаните“ што тој не сака да го прави бидејќи „илјадници граѓани се оставени без работа и се во лоша психолошка состојба“.

Гледајќи на тие настани од денешната, постизборна перспектива, пратеникот и меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, вели дека „е жалосно што во услови на техничка влада немаше повисок степен на консензус и општата поларизација што постоеше на политичката сцена не се намали“.

„Не успеавме да се обединиме ниту во вакви моменти“ вели тој.

Овие „коморбидитети“, како поларизацијата и тргувањето со јавното добро за политички поени само се засилија со короната, па моделот на техничка влада веројатно ќе биде жртвуван.

„Teхничката влада е нефункционална и таа го загрози јавното здравје поради предизборни калкулации на членовите“, вели Марко Трошановски, кој смета дека таа како модел треба да се напушти.  

Судејќи според првичните најави од новата влада, ова е потег што може да се очекува.

„Пржинската влада ќе се укине и Мицкоски даде согласност за тоа. Се укинува со простото мнозинство“, рече Заев на почетокот од вториот мандат на 18 август.

Истиот ден и ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција преку пратеничката Дафина Стојановска го повторија ставот дека „техничката влада во ваков облик е нефункционална и не треба да постои“.

Од готово вересија

Слоганот „Можеме“ укажуваше дека СДСМ е свесна за разочараноста на дел од своите гласачи | Фото: Роберт Атанасовски

Сѐ си има своја цена, па и политичките потези во време на пандемијата, одговара потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зекири, реферирајќи на калкулациите на владата на Спасовски со спроведувањето на рестриктивните мерки.

„Мојот став и тогаш беше дека и со нив требаше да се биде построг. Не смееше да се дозволи ниту литијата во Струга, ниту собирањата за Рамазан. Јавноста сето тоа го гледа и го цени. Мора да бидеме принципиелни до крај“, вели тој.

Однесувањето на владејачката партија за време на кризата не беше доволно за да го поправи нејзиниот имиџ, ако се суди според изборниот резултат и губењето 110 илјади гласови во однос на претходните парламентарни избори во 2016 година. Ниту низата инстант-мерки (ваучери, картички, помош за плати), кои  според обвинувањата  на опозицијата претставувале предизборен поткуп тежок 1,1 милијарда евра, не успеа да му донесе на СДСМ поголема предност од 15 илјади гласа пред ВМРО-ДПМНЕ.

Сомнежите за користење на кризата како оправдување за „предизборно сервисирање“ на гласачкото тело ги делат и Арсовски и Трошановски.

„Допрва треба да се види колку од тие пари биле злоупотребени“, вели Трошановски.

Сепак, за волја на вистината, токму ВМРО-ДПМНЕ од партиска говорница веќе на почетокот критикуваше дека мерките за помош на населението треба да се зголемат, што СДСМ го искористи.

„Ако на почетокот протестирате дека има малку пари, дека економијата е во колапс, просто е неверојатно дека за месец дена може да имате слобода да речете дека овие пари што сега се истураа кај граѓаните се поткуп, и тоа изборен поткуп“, вели новинарката Оливера Трајковска.

Општ е заклучокот на соговорниците дека корона кризата беше пропуштена шанса за СДСМ, кои откако успеаја да си го поправат имиџот преку министерот за здравство, повторно го нарушија преку калкулациите на техничкиот премиер.

На крајот, и со спречувањето на најцрните можни сценарија во здравството и во економијата, и со милијардата дадена на населението, на изборниот резултат му пресуди ниската излезност, најмала во историјата на едни парламентарни избори во Македонија, и во вкупна бројка и како процент. Малку беа гласовите за власта, но уште помалку за опозицијата.

Неискористените пенали на ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ на партиски собир во скопската општина Аеродром | Фото: Роберт Атанасовски

ВМРО-ДПМНЕ е партијата што многу повеќе загуби во изминатиов период, според речиси сите соговорници, поради погрешните стратегии и поставеност за време на корона кризата.

Тие го внесоа корона вирусот во политиката како шега. Еден ден по потврдувањето на првиот случај во земјава, опозицискиот лидер Христијан Мицкоски изјави дека „СДСМ молеле бога да дојде вирусот во Македонија, за ВМРО-ДПМНЕ да не го мобилизира народот“, поради (тогаш очекуваните, а подоцна реализирани) забрани за движење и за масовни собирања.

Откако не успеаја да му залепат на корона вирусот карактер на алиби за бегање од политички соочувања, опозиционерите целосно ја сменија тактиката. За две недели, тој стана страшна закана со која власта не може да се справи. Во ситуација на само  седум регистрирани случаи на заболени, пратеничката Дафина Стојановска побара оставка и  најави кривична пријава против министерот Филипче поради „несправувањето со кризата“.

Тоа се случи на 10 март, кога власта штотуку почнуваше да воведува построги мерки, како затворање на училиштата и на рестораните, и кога сцените од регионот и од Европа ја зголемуваа паниката.

Сето тоа однесување, оценето како недоследно и неконструктивно, ги чинело ВМРО-ДПМНЕ гласови на изборите, смета професорот на Правниот факултет и поранешен премиер, Владо Бучковски.

„Сѐ одеше на воденицата на опозицијата, но таа ја пропушти шансата и ѝ ја препушти победата на власта“, вели Бучковски за БИРН.

Тој и другите соговорници ги споменуваат честите и преостри напади кон Филипче, обидите да се оцрни состојбата во земјата повеќе отколку што беше, како и однесувањето на министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, во техничката влада (конфронтациите со другите владини членови и неспроведувањето на мерките) како показатели дека ВМРО-ДПМНЕ го „промашиле“ пристапот.

Опортуното гледање на кризата од страна на ВМРО-ДПМНЕ, особено во подоцнежниот период, беше нивна пропуштена шанса, смета Марко Трошановски.

„Граѓаните не сакаат некој што ќе го репродуцира проблемот, туку некој што ќе го реши“, вели тој.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Муцунски, пак, вели дека спротивно на обвинувањата на власта дека тие премногу критикувале, само сакале да укажат на системските слабости и со секоја критика нуделе конкретни решенија. Партијата, особено во април и во мај, одржа цела серија прес-конференции на кои се појавуваа различни личности со предлози до владата како да им излезе во пресрет на транспортерите, пазарџиите, училиштата, медицинските работници… Муцунски вели дека немало слух.

„Многу време се потроши во кампања поврзана со кампањата на опозицијата, а ние се поставивме правилно и не бевме воопшто неконструктивни. На крајот, видовме дека имаше потфрлувања во сите области, што значи дека имавме и што да критикуваме“, додава тој.

Партиите на Албанците ја заобиколија темата корона

Етничките теми продолжија да доминираат на политичката сцена кај Албанците | Фото: Роберт Атанасовски

Во албанскиот блок, барем во реториката, речиси не постоеше корона вирусот. За разлика од 120-те разменети пораки меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, во овој политички камп имаше десетина. Две-три прес-конференции на ДУИ за владините економски мерки и неколку реакции од Алијансата за Албанците.

Немаше ни премногу конзистентност, па така на 10 јуни порачаа дека владата недоволно сериозно се справува со корона вирусот поради што расте бројот на случаи, а веќе на 17 јуни дека таа е престрога и не дозволува отворање на границите.

Слоганот „Зошто да не“, или на албански „Псе јо“ за премиер Албанец, значеше дека ДУИ има намера да истурка уште една кампања на етнички теми. Алијансата, пак, во коалиција со Алтернатива на Африм Гаши, се концентрираше главно на тоа како ДУИ да си оди од власта.

Резултатите од анкетата што ја објави Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) на почетокот од јуни, според која поголем е процентот на Албанци отколку на Македонци што не веруваат дека вирусот постои (25 наспроти 6 отсто), се одрази и врз политичките активности на партиите во целиот изминат период.

„На Албанците не им носи гласови занимавањето со короната. ДУИ ја одбра стратегијата да се занимава со етничките теми бидејќи е најпрагматична партија. Кога е на власт, Охридскиот договор го гледа политички, а кога е на избори го гледа географски“, вели новинарот Ордановски, објаснувајќи дека на партиите на Албанците повеќе им одговара политичка сцена, во која секој си гледа во својот двор и се бори за гласовите од „своите“.

Доминантни играчи во време на короната беа Венко Филипче од СДСМ и Наќе Чулев од ВМРО-ДПМНЕ, како функционери што раководеа со ресорите што непосредно се справуваа со неа – здравството и полицијата. Од кадрите на ДУИ, Арменд Арслани, како заменик за здравство беше задолжен за давање на истите информации што ги соопштуваше Филипче, но на албански, Крешник Бектеши се појавуваше епизодно со Нина Ангеловска за економските мерки, а Арбер Адеми дојде во фокусот кога веќе завршија изборите и во јавноста на дневен ред се стави прашањето – до каде сме со подготовките за новата учебна година.

„Немаше кадри на ДУИ што играа клучна улога во справувањето со кризата, па затоа ниту позицијата, ниту опозицијата не видоа можност да ја искористат темата“, вели пратеникот и поранешен новинар Зекири.

Стримови и лајкови наместо автобуси и сендвичи

Само мали собири беа дозволени во големата арена | Фото: Роберт Атанасовски

Во отсуство на суштински промени во дејствувањето на политичките партии, најзабележителна беше нивната принудна промена во начинот како им пристапуваа на гласачите.

Карвани и митинзи имаше, но овојпат камерите на нив беа многу повеќе насочени кон кандидатите, за да ги пренесат нивните пораки преку медиумите и преку интернет. Публиката, која најчесто се состоеше од педесетина луѓе седнати на раздалеченост, добиваше помалку внимание во споредба со поранешните изборни циклуси.

„Ако во целава оваа криза е нешто добро, тоа е што пандемијата и строгите протоколи нѐ спасија од уште една реприза на невозможни изборни карвани, со таа иконографија и прескапо влечење по автобуси и митинзи од град во град. Еден целосно застарен концепт“, вели Трајковска со надеж дека станува збор за „трајна придобивка“.

Истото го забележува и Ненад Марковиќ, но тој нема многу надеж дека партиите ќе се  откажат од митинзите и од големите собири како непотребен политички фолклор. Вели дека  уште во првиот момент кога ќе им биде овозможено, партиите „ќе му се вратат на фолклорот, но, сепак, придобивките од подобрувањето на онлајн-кампањата ќе им останат за во иднина“.

Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ смета дека беше добра шанса да се стекне кондиција во овој начин на водење кампања и да може и во иднина да се редимензионираат активностите.

„Може да се даде фокус на алтернативните начини со кои може да се допре до граѓаните, да се води кампања и без да се користат некои практики што беа вообичаени порано, како одењето од врата до врата, со што се нарушува приватноста“, рече Муцунски.

Во кампањата, политичките партии потрошија по неколку десетици илјади евра за реклами на социјалната мрежа Фејсбук. СДСМ имаше најголем број огласи, а ВМРО-ДПМНЕ највисока сума. Овие износи, кои заедно не достигнуваат ниту сто илјади евра, се сѐ уште значително помали од парите што се трошат за ТВ кампањи (околу милион евра), реклами во порталите (половина милион) или на билбордите (исто така половина милион).

Што ќе направат заортачените ривали во владата

Има надежи дека политиката ќе стане помалку запалива и повеќе ориентирана кон резултати | Фото: Роберт Атанасовски

Корона-кризата  ја затекна Македонија со влада на СДСМ и ДУИ плус технички членови, и по шест месеци терање политика и избори за време на пандемија, Македонија е повторно со влада на СДСМ и ДУИ, и со опозиција што беше и остана на чекор од власта.

Тоа воедно  е влада меѓу партии што претходно беа партнери, па за време на кампањата се претворија во политички ривали, и сега повторно, најмногу поради математиката, станаа партнери.

Во време кога се очекува влошување на состојбата со корона вирусот наесен, како и посилни негативни ефекти во економијата, последното нешто што ѝ треба на државата е влада во која има топло-ладни односи меѓу главните партнери. Дали ќе биде способна да се справи со последиците е „прашање од милион долари“.

Како еден од најголемите критичари на коалицискиот партнер, Зекири, сепак, верува дека владата ќе функционира добро во насока на справување со корона вирусот, бидејќи ДУИ, „иако со нив никогаш не сте на чисто, покажуваат различен пристап по изборите“.

Како една од основите врз која се прават обиди да се извлечат заклучоци дали владата ќе функционира е распределбата на ресорите и кадрите со кои тие се пополнија.

Наспроти големите барања за кои се зборуваше за време на коалициските преговори, ДУИ ги избегна сите позиции на линијата на фронтот во корона кризата – здравството, полицијата, образованието, па и правдата. Остана со финансиите, но тоа Министерство не креира економски политики, туку само ја менаџира државната каса. Политиките повеќе се задача на премиерот и на економскиот вицепремиер, двајцата од СДСМ.

„ДУИ не избегаа самите од овие ресори. Јасно беше дека, на пример, за во образованието немаат капацитет. Доцнеа со реакциите, со подготовките, не го искористија распустот за да ја подготват новата учебна година итн. Јавноста за кратко ќе почувствува разлика во тој ресор со Мила Царовска“, смета Зекири.

Она што создава поголема загриженост од владата, пак, е неподготвеноста на Собранието да создаде процедури за функционирање онлајн. Уште на првото гласање, за владата, имаше пратеник што мораше да биде ставен во посебна просторија за да гласа – Арбен Зибери. Ако некој заболи, може да повлече неколкумина во изолација. Тоа може да го загрози мнозинството и самото функционирање на парламентот.

„Ова е проблем што мора да се адресира, особено што следуваат важни процеси во државата со отворањето на преговорите со Европската Унија, а ние ја доведуваме функционалноста на Собранието во прашање ако петмина се разболат“, вели Трошановски.

Имаше ли научени лекции? И Зекири од СДСМ и Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека, освен искуството со алтернативната кампања, научиле и дека треба да бидат поприспособливи на вонредни ситуации и поодговорни во водењето политики. Јавноста чека да види дали тоа ќе даде ефект.

„Короната донесе едно принудно забрзано зреење. Што би рекле – секое зло за добро. Ова може да придонесе за модернизирање на партиите“, вели поранешниот премиер Бучковски.