Вести

Коронавирусот, итните јавни набавки и можноста од корупција

Како до рационално трошење пари јавни пари во време на пандемија

  • 4
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Институција купила хируршки трислојни маски за 32 денари, а друга купила обични маски за 35 денари, при што првата избирала меѓу 8 понудувачи, а втората само од еден. Друга институција, пак, платила 3,9 денари за една заштитна ракавица, иако најчестата малопродажна цена и во вакви пазарни услови е 3,5 денари.

Ова се дел од наодите до кои дојде Центарот за граѓански комуникации, мониторирајќи ги јавните набавки во време на вонредната состојба со корона вирусот во земјава.

Во извештајот се констатира дека состојбата со новиот Ковид-19 и прогласената вонредна состојба несомнено наметнуваат потреба од итни набавки на стоки, услуги и работи за заштита и превенција. 

„Јасно е и дека ваквите набавки, во согласност со Законот за јавни набавки, се спроведуваат со директно преговарање со фирмите, односно преку постапка со преговарање без објавување оглас, за што на институциите не им е потребно ни претходно мислење од Бирото за јавни набавки“, пишува во извештајот.

Сепак, како што се наведува, тоа не е причина да не се внимава на рационалното трошење на народните пари, како и на транспарентноста на процесот зашто оваа пракса претставува потенцијален ризик од корупција.

Во половина од склучените договори се преговарало само со една фирма | Фото: БИРН / В. Маглешов

Што покажаа наодите

Извештајот на ЦГК покажа дека заклучно со 5 април 2020 година, објавени се вкупно 17 известувања за склучен договор како и 12 одлуки дека е избрана најповолна понуда и дека ќе се склучи договор. 

До Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) биле доставени мал број договори, што го отвора прашањето дали институциите ја почитуваат законската обврска – известувањата за склучените договори и самите договори да ги објават во рок од десет дена од склучувањето на договорот. 

Тоа е важно бидејќи овие известувања се единствениот извор на информации за ваквите набавки, за кои не се објавува ниту оглас, ниту тендерска документација. 

Во половина од склучените договори за итни набавки, според наодите од извештајот, се преговарало само со една фирма.

Покрај тоа, цените за слични производи биле значително различни во зависност од тоа дали институцијата преговарала само со еден понудувач. 

Oсвен тоа, некои од објавените договори за итните набавки не содржеле детален опис на набавените производи, со што се оневозможува проверка на рационалноста на потрошените пари. 

Па така, има договори во кои стои само дека се набавиле „маски“ или „ракавици“, без да се прецизира за какви точно станува збор бидејќи, во зависност од видот и од нивните карактеристики, цената може да варира. 

Така, на пример, само кај маските, прави разлика дали се хируршки, платнени, повеќеслојни, за една или за повеќе употреби.  

„Бидејќи рокот на испорака е еден од најзначајните елементи во овие набавки, од клучно значење е строгото придржување кон кратките рокови што се наведени во договорите, кои во две третини од анализираните договори се „веднаш“, а во сите останати не се подолги од три дена“, пишува во извештајот. 

Набавувачите, според наодите од мониторингот, знаејќи дека институциите се во тесно и немаат голем избор, можат да го искористат овој период за зголемување на цените над вообичаените и реалните.

Центарот препорачува  навремено да се објавуваат известувањата и склучените договори и да се информира јавноста и за одлуките за склучување договори за итна набавка. 

Потоа да се вклучуваат повеќе фирми во преговарањето; да се искористи процесот на преговарање за постигнување разумни цени; да се дава прецизен опис на набавените производи во склучените договори за да се овозможи увид на јавноста во оправданоста на постигнатите цени.

Од таму препорачуваат и да се почитуваат роковите на испорака на набавените производи; детално да се образложуваат причините за секоја набавка за да се оправда дека договорниот орган не можел да ја предвиди набавката и друго. 

Со тоа, процесот би бил потранспарентен, а парите би се трошеле порационално.