Интервјуа

Корубин: Идентитетот го браниме декларативно и само за нечиј инает

„Македонија нема свој автентичен историски наратив“, вели во интервју за БИРН, поранешната пратеничка Никица Корубин

Македонското општество мора да се соочи со својата историја и со личности како Ванчо Михајлов и да даде своја автентична оценка, вели Никица Корубин, поранешна пратеничка од ЛДП, која подоцна стана независна, а до крајот на мандатот во 2020 година остана дел од владиното мнозинство на СДСМ. Таа по професија е магистер по археологија и историја на уметност, а сега, како што ни рече, работи во невладиниот сектор.

Нејзините објави на социјалната мрежа Фејсбук, во период во кој јавноста жестоко реагираше поради отворањето клуб што го носи името на Михајлов, беа едни од ретките што во тој момент повеќе поставуваа и отвораа прашања, отколку што осудуваа или декларираа „припадност“ на одредена страна.

„Кој сѐ уште се плаши од Ванчо Михајлов?“, праша Корубин, загатнувајќи повеќе теми поврзани со влијанието на Србија врз македонскиот историски наратив, можни погрешни читања на историските настани и, како што вели, „ставањето под тепих некои историски периоди“.

Сите прашања што ги отвора, ги сублимира во една клучна забелешка: Македонија во триесет години самостојност не успеала да отвори процес на сопствено препрочитување на историјата и на автентично толкување растоварено од погледите на соседите.

Површноста е некаков македонски заштитен знак во дејствувањето во овие три децении, вели Корубин. Според неа, идентитетот се брани чепкајќи само по површината, a не истражувачки и научно.

„Изгледа како идентитетот да ни треба само кога некој нѐ напаѓа и тогаш го браниме декларативно и за нечиј инает, во овој случај за инает на Бугарија, а до пред некоја година, тоа беше за инает на Грција“.

Површноста е некаков македонски заштитен знак во дејствувањето во овие три децении

Инаетот кон Грција, како што ги дефинира Корубин моментите што го поттикнуваат македонското општество историски да се самопотврдува, почна рапидно да се засилува по самитот на НАТО во 2008 година, на кој Атина стави вето на приемот на Македонија поради нерешениот спор за името.

Централна историска фигура на тој повеќедецениски спор беше античкиот крал Александар Македонски. Неговиот споменик, висок 14,5 метри, три години по ветото, во 2011 година се исправи на скопскиот плоштад, како дел од проектот „Скопје 2014“. Опкружен е со споменици и на други антички ликови поставени околу плоштадот, а многу од нив непознати за македонските граѓани.

Лесно расфрлање со идентитетски термини

„Не ми е целта јас да анализирам кој бил Михајлов“ I Фото: БИРН

Целиот проект „Скопје 2014“, кој додека се лееше, беше проследен со наратив и на дел од историчарите што идентитетот на Македонците го лоцираа во антиката, Корубин го споменува како пример за „погрешно создавање автентична историја“. Тој процес не се засноваше на научна, сериозна и истражувачка основа, вели таа, додавајќи дека и кога имало обиди тоа да се прикаже така, се работело само за „историја по нарачка“.

„Ми пречи што многу лесно се расфрламе со термини поврзани со идентитетот, без вистински да утврдиме што нѐ дефинира нас“, вели Корубин.

Од 2020 година, кога Бугарија ја блокираше македонската интеграција во Европската Унија, ескалираа нерешените историски прашања меѓу двете земји. Официјална Софија, рефлекторите ги насочи кон заедничките историски нерешени теми, поставувајќи ги како услов за напредок во иднината. Сево ова повторно ја разгори штотуку стивнатата историска дебата со Грција.

Оваа дискусија со Бугарија, за разлика од онаа со Грција, е за понови личности и настани и главно е фокусирана на случувањата во 20 век – од македонската револуционерна организација, преку Илинденското востание, па сѐ до Втората светска војна и формирањето на македонската држава во 1944 година.

Во бугарско-македонската дебата, како главен пункт на несогласување на членовите на Заедничката мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања во јавноста, најчесто излегуваа етничката припадност и залагањата на револуционерот Гоце Делчев.

„Ми пречи што многу лесно се расфрламе со термини поврзани со идентитетот, без вистински да утврдиме што нѐ дефинира нас“

Но, последно, земјава ја вознемири личноста што досега не се нашла на масата на разговори на историчарите од двете земји, и која, како што забележува Корубин, не се нашла ниту во истражувањата на македонските историчари сиве овие години на самостојност.

Отворањето на бугарскиот центар Иван Михајлов во Битола, настан на кој присуствуваа и бугарски државни функционери, предизвика жестока дебата.

„Не ми е целта јас да анализирам кој бил Михајлов, но она што мене ме загрижува е што во 2022 година е контроверзно да се спомене чие било име“, вели Корубин.

Наследен наратив од Србија?

„Контроверзиите се уште не следат“ I Фото: БИРН

Најконтроверзниот период од животот на Михајлов се 20-тите и 30-тите години на минатиот век.

„Тоа е периодот што е контроверзен и за нашата историја“, вели таа и смета дека токму тоа е периодот што „во македонската историја го ставаме под тепих“.

Станува збор за времето кога Македонија била Вардарска бановина, односно дел од Кралството Југославија. На српските чети на оваа територија ѝ се спротивставувале терористичките чети на Ванчо Михајлов. Па, оттаму, вели Корубин, бруталноста на тогашното ВМРО и на самиот Михајлов биле одговор на бруталноста на српскиот окупатор и затоа „не може да се анализира неговата улога без да се земе предвид периодот во кој дејствувал. Тој е производ на тоа време, а во македонската историја проблем е што нема континуитет на настаните“, додава таа.

„Таа контроверзија сѐ уште нѐ следи, но таа не е наша изворна, македонска, туку е наследена од наративот што бил во поранешна Југославија, или конкретно на Србија“.

Корубин, како непромислена ја квалификува одбраната на „само асномска Македонија, а не македонската историја во целина“

Корубин, во разговорот за БИРН, повеќепати ја нагласи неопходноста од преиспитување на  македонската историска наука за личности како што беше Михајлов. „Во тој процес, науката можеби ќе дојде до истата позиција и гледање какви што се и сега, но тоа мора да се направи за да се дојде до тој автентичен македонски наратив“.

Корубин препознава дека и антифашистичката борба и АСНОМ „не се перцепираат точно“. Имено, таа вели дека АСНОМ се перцепира само како резултат на антифашистичката борба, но до тоа заседание на кое за првпат Македонците добиваат сопствена држава дојде и поради сите други претходни борби на народот, кој не секогаш бил исклучиво со антифашистичка ориентација. Корубин, како непромислена ја квалификува одбраната на „само асномска Македонија, а не македонската историја во целина“.

„Така излегува, како да се согласуваме со бугарските тврдења, според кои, пред 1944 година сме немале ништо и сме вештачки конструкт“.

Некој сака да не се чепка досегашниот наратив

„Проблем е што Македонија нема свој автентичен наратив“ I Фото: БИРН

Корубин не е партиски активна, но, како поранешна пратеничка, беше една од оние што во 2018 година гласаа за ратификацијата на Договорот за добрососедство што претходната година го потпишаа поранешните премиери на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов.

Препрочитувајќи го документот сега, четири години по неговото изгласување, таа го нагласува членот 8, кој се однесува на работата на заедничката мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања. Во овој член, според неа, „интересни се“ два термина – „автентични“ и „докази засновани на историски извори“.

Повикувајќи се на изјавите на бугарската страна, таа вели дека тие тврдат оти нивната „историја е заснована на историски извори“.  Како „одговор“ на терминот историски извори во резолуцијата што македонскиот парламент со огромно мнозинство ја усвои лани, пишува оти сознанијата на македонските општествени, хуманистички и културолошки науки треба да се почитуваат „безрезервно“.

„Е кои се тие сознанија? Тие сознанија не се секогаш базирани на историски факти. „Условно кажано на ова нѐ ловат“, вели Корубин.

Таа дури смета  дека главната цел на гласањето на таа резолуција што ја предложи ВМРО-ДПМНЕ, не била да се покаже дека во Македонија има национален консензус, туку да се заштити наративот „што некој не сака воопшто да се чепне“.

Се разбира, „тоа не значи дека македонскиот наратив е целосно фалсификат, а бугарскиот е целосно точен“, вели таа, но „проблем е што Македонија нема свој автентичен наратив“.