Регион

Косово:Георадар не пронајде масовни гробници

Георадар. Фото: Институт за судска медицина на Косово

За време на ископувањата во селото Кишница, во општина Грачаница, кои беа спроведени по минатогодишната проверка на теренот со георадар, не се најдени посмртни останки на жртви, убиени за време на војната во Косово, 1998-1999, велат за БИРН од Комисијата за исчезнати лица на Косово.

Во август минатата година, тим експерти на ООН, пет дена со георадар пребаруваа три локации – во селото Букош во општина Вучитрн, во селото Угљаре во Гњилане и во Кишница.

Уште две теренски истражувања беа спроведени на југот на Србија, во Кижевак и Јаловиште, кај Рудница.

Податоците од овие истражувања беа испратени на анализа на експерт во Аргентина, а заклучоците од таа анализа, минатиот месец, им беа предадени на Косово и на Србија.

Анализата покажала дека има некои „аномалии на теренот“, што значи дека на овие локациите и претходно се вршени ископувања.

Шефот на Комисијата за исчезнати лица на косовската влада, Куштрим Гара, за БИРН изјави дека по добивањето на резултатите, веднаш започнало ископувања на локациите.

„И покрај индикациите во извештајот, резултатите од ископувањето се негативни на првата локација во Кишница. Таму нема посмртни останки“, рече Гара.

Резултати од ископувањата на другите место нема.

ООН користеа георадар за прв пат, во Косово и во Србија, за да го проверат присуството на останки на длабочина до 12 метри, во обид да пронајдат можни гробници.

Поминати се илјадници метри земја, претежно на тежок терен, на пет локации во Косово и во Србија.

Како лица исчезнати во војната во Косово, и денес се водат 1.648 лица, од кои 561 се неалбанци.

Косовските власти соопштија ако овој метод се покаже како делотворен, тогаш истиот може да се користи и за други теренски пребарувања во потрага по исчезнати лица.

Во текот на изминатите неколку години, нивото на информациите добиени за масовни или индивидуални гробници од војната, значително се намалени, како и процесот на наоѓање и идентификување на посмртни останки.

Во моментов, властите во Косово истражуваат само една информација, за можна гробница во општина Србица.