Регион

Косово: Критики поради именувањето на Селими за советник на Харадинај

Дие Морина, Приштина

Сулејман Селими, во кабинетот на премиерот Рамуш Харадинај, по ослободувањето од затвор. Фото: Кабинет на премиерот на Косово

Младинската иницијатива за човекови права – Косово и Младинската иницијатива за човекови права – Србија, соопштија дека косовскиот премиер, Рамуш Харадинај, погрешил, кога го назначил Сулејман Селими за свој советник, бидејќи тој бил осуден за воени злосторства.

„На лицата кои извршиле воени злосторства не им е местото во државните институции на Косово. Одлуката да се назначи Селими за политички советник укажува на недостигот на сериозност и на владина посветеност кон правдата, помирувањето и мирот“, велат од Иницијатива.

Селими беше условно ослободен на 25-ти јануари, откако отслужи над 5 години затвор од 7-годишната затворска казна на којашто беше осуден поради злосторство над цивилни затвореници.

„Тој (Селими), минатата недела беше именуван за политички советник на премиерот“, изјави за БИРН Авни Арифи, шеф на кабинетот на Харадинај.

Иницијатива укажува дека другите косовски функционери, како што е претседателот Хашим Тачи, го опишале Селими како албански херој, истакнувајќи дека таквите изјави се „загрижувачки и строго неприфатливи“.

Селими беше прогласен за виновен за мачење на цивилен затвореник, во импровизираниот затвор на ОВК, во селото Ликовац, општина Србица, во 1998 и во почетокот на 1999 година.

Во мај 2015 година, Основниот суд во Митровица, го осуди на осум години, но Апелацискиот суд во октомври 2016 година, му ја намали казната на седум години затвор.

Селими, до 30 октомври 2020 година, ќе биде под назор на Одборот за условни ослободувања.

Тој треба да биде сослушан и од Специјализираното обвинителство во Хаг, кое спроведува истраги за воените и повоените злосторства во Косово.

„Верувам дека ќе ме сослушаат следната седмица. Не знам во кое својство сум повикан“, изјави Селими за телевизискиот канал Т7 во понеделник.

Селими беше припадник на „Дреничката група“ на ОВК, од која, по војната, произлегоа многу политички водачи на Косово, меѓу кои и актуелниот претседател, Хашим Тачи.

По војната, Селими беше именуван за командант на Националната гарда на Косово, а потоа за командант на Косовскиот заштитен корпус.

Подоцна беше назначен за командант на Косовските безбедносни сили. На оваа функција остана до 2011 година, кога беше именуван за амбасадор во Тирана.

И други тројца припадници на „Дреничката група“, Јахир Демаку, Зекир Демаку и Исни Тачи, беа осудени за мачење на цивили во притворниот центар во Ликовац.

Во јуни 2018 година, Уставниот суд на Косово донесе одлука според која Врховниот суд мора да го преиспита случајот „Дреничка група“.