Регион

Нема пари за жртвите на труење во Косово

Филип Рудиќ, Белград

Деца од ромска националност, си играат во Трепча, во 2009. Фото: Валдрин Џемај/ЕПА

Од Мисијата на ООН во Косово, УНМИК, за БИРН изјавија дека досега ниту една земја не дала придонес во доброволниот фонд, формиран во 2017 година, со цел да им се помогне на Ромите, Ашкалите и Египќаните, кои по војната беа жртви на труење со олово, во камповите на ООН за внатрешно раселени лица во Косово.

„И покрај претходните напори на теренот, вклучувајќи ги и личните апели на генералниот секретар до голем број на земји членки и приватни фондации, до денеска Фондот не добил никаков придонес”, се вели во писмениот одговор што го добивме од УНМИК.

УНМИК нагласува дека Секретаријатот на ООН „продолжува со апелите, како би добиле позитивни одговори”.

Според Хјуман рајтс воч, околу 8.000 Роми, Ашкали и Египќани, биле раселени од Митровица по војната во 1998-1999 година, од кои ООН, околу 600, смести во кампови во близина на контаминирани локалитети.

Камповите беа подигнати во близина на топилницата Трепча, за која уште од 1970 година се знае дека е причина за загадување на непосредната околина со олово и со други токсични материи.

Советодавното тело за човекови права на ООН, во 2016 година, утврди дека УНМИК ги повредил правата на жртвите на животот и на здравје, и на организацијата ѝ препорача „да преземе соодветни чекори кон исплата на соодветен надоместок.”

Но, ООН во 2017 година одлучи да формира фонд за финансирање на „проекти во заедницата” за Ромите, Ашкалиите и Египќаните во северно Косово.

Во јули 2018 година, специјалниот известувач на ООН, му напиша писмо на генералниот секретар, во кое ја потенцира неопходноста, жртвите на труењето да се компензираат на индивидуална основа. Во ноември 2018 година, Европскиот парламент усвои резолуција со која ООН се повикува „итно да ја обезбеди потребната поддршка за жртвите”.

Педесет и пет членови на Европскиот парламент, на 31 јануари, му напишаа писмо на генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, барајќи од него да „преземе долгорочни чекори, со кои ќе обезбеди индивидуално компензирање, соодветна здравствена заштита и образовна поддршка за жртвите на труењето со олово во камповите на ООН во Косово“.

Европските пратеници велат дека одговорот на ООН на оваа ситуација, е „несоодветен” и го обвинија Гутереш дека „не понудил индивидуална компензација и не ги тагетирал посебно оние кои биле погодени со труењето со олово”.

„Сметаме дека е од суштинско значење, ООН да го ублажат влијанието од труењето со олово врз заедниците на Ромите, Ашкалите и Египќаните во северно Косово, обезбедувајќи целосен, ефективен и транспарентен правен лек, вклучувајќи ги и индивидуалните компензации за жртвите, во согласност со воспоставените стандарди на човековите права”, стои во писмото на пратениците.