Регион

Косово: Критики поради обидот да се спречи работата на специјалниот суд

Филип Рудиќ, Дие Морина | Белград, Приштина
 

Ветеран на ОВК протестира против Специјализираните совети. Фото: Атдхе Мула

Здруженијата на жртви од војната и активисти за човекови права со седиште во Приштина, упатија критики поради последните обиди на пратениците да го укинат законот со кој се овозможува функционирањето на новите Специјализирани совети на Косово, во јавноста познати како специјален суд.

Претседателот на Здружението на исчезнати и киднапирани лица од Косово и Метохија, Ранко Ѓиновиќ, изјави дека укинувањето на законот би било „неправедно”.

„Тоа би било најголема навреда за семејствата (на жртвите) и тоа не смее да се случи”, рече Ѓиновиќ.

Милорад Трифуновиќ, координатор на Здружението на семејства на киднапирани и исчезнати лица, изјави дека очекува многу од судот и дека пред него ќе бидат процесирани не само оние кои убивале Срби, туку и „многу Албанци”.

„Очекуваме судот да ја земе правдата во свои раце и да ѝ ја презентира на јавноста и на семејствата на жртвите”, додаде тој.

Трифуновиќ истакна дека претпоставил оти обидот на пратениците да го укинат законот ќе пропадне.

„Мислам дека тоа нема да се случи. Не е во ничиј интерес, ниту на Србите, ниту на Албанците“, додаде тој.

Шкемб Манај, син на Шабан Манај, поранешниот шеф на канцеларијата на Демократската лига на Косово во градот Исток, убиен во јули 2000 година, изјави оти се надева дека функционирањето на новиот суд нема да биде спречено.

„Очекувам, политички мотивираното убиство на татко ми … и другите политички мотивирани убиства, да бидат решени од страна на специјалниот суд, бидејќи некои од нив се во рамките на даденото време и предметната надлежност”, рече Манај.

Надлежност на судот ќе бидат кривичните дела извршени од 1 јануари 1998 до 31 декември 2000 година.

Манај смета дека иницијативата за укинување на законот за специјалниот суд, за кој тој верува дека има кредибилитет да ги разјасни политичките убиства во дадениот период, е “лоша вест за Косово” и обид да се избегне правдата.

За потсетување, пратениците на 22-ти декември, на драматичен начин се обидоа да го укинат законот со кој се овозможува работата на Специјализираните совети, но под силен притисок на косовските западни сојузници, нивните напори овој предлог да го стават на гласање, завршија безуспешно.

Иницијативата за укинување на законот ја поддржаа партиите во владејачката коалиција на Косово – Демократската партија на Косово (ПДК), Алијансата за иднината на Косово (ААК) и Иницијативата за Косово (НИСМА).

Претседателот на Собранието на Косово и претседател на ПДК, Кадри Весели, во понеделникот соопшти дека обидите на пратениците да ја сопрат работата на судот, нема да успеат. Сепак, оваа иницијатива сè уште има поддршка во Собранието.

Косовскиот Фонд за хуманитарно право (ФХП), соопшти дека иницијативата „e неодмерен и разочарувачки чин, кој, доколку биде применет, брутално ќе го поткопа процесот на градење на владеењето на правото во Косово”.

ФХП Косово потенцира дека тоа „со право ќе се смета за спречување на истрагите и спречување на казнувањето на сторителите на воени и злосторства против човештвото и ќе го оневозможи одвивањето на процесот на транзициска правда во Косово, а индиректно би ја промовирало и културата на неказнување”.

Оваа организација истакнува дека „правдата за жртвите не треба да остане заложник на политичката незрелост на Косово”.

Иницијативата да се оспори законот дојде откако ветераните на ОВК покренаа петиција барајќи измени во законот, поради тоа што тој е „дискриминаторски”, а имајќи предвид дека судот ќе им суди само на поранешни припадници на ОВК, но не и на припадници на српските сили.

Пред новиот специјален суд, ќе бидат разгледани случаите што произлегуваат од извештајот на Специјалниот истражен тим на ЕУ, СИТФ. Во извештајот се наведува дека неименувани претставници на ОВК ќе се соочат со обвиненија за „кампања на прогон“ на Србите, Ромите и косовските Албанци.

Иако со седиште во Хаг, Специјализираните совети се дел од правниот систем на Косово, но се независни од косовското судство и во нив се ангажирани меѓународни судии и обвинители.