Регион

Косово:Крвава жетва: Извршителите на масакрот над Србите во Старо Грацко, сé уште не се казнети

Две децении по масакрот на 14 Срби, кои беа убиени додека жнееја пченица во косовското село Старо Грацко, надежта за правда што ја имаа нивните семејства бледнее, бидејќи досега никој не е обвинет за ова злосторство

За Славица Поповиќ, годишната сезона на жетва на пченицата, е најтешкиот период во годината.

Каде и да е во овој период, таа секогаш се сеќава на смртта на четворицата членови на нејзиното потесно семејство, кои биле убиени додека жнееле пченица.

Во ноќта помеѓу 23 и 24 јули 1999 година, Славица ја разбудило звонење на телефонот. Тоа бил нејзиниот вујко, кој ѝ кажал дека нејзиниот татко Момчило, нејзиниот 17-годишен брат Новица и двајца нејзини чичковци, се убиени.

Тие биле меѓу 14 Срби убиени во селото Старо Грацко, лоцирано 20 километри од Приштина, додека во поле жнееле пченица, само неколку недели по официјалното завршување на војната во Косово, кое во јуни 1999 година беше ставено под контрола на ООН и на НАТО.

Славица се сеќава дека повторно го прашала својот вујко, дали нејзиниот брат Новица бил на полето, не сакајќи да верува дека е мртов. „Да”, ѝ одговорил тој.

„Три месеци ги немав видено. Живеев тука во Грачаница со мојот сопруг и децата, не можевме да се движиме. Тие беа во куќата во Старо Грацко. Војната заврши и се надевавме дека ќе живееме (и понатаму) овде”, вели Поповиќ за БИРН, додека седиме во нејзината канцеларија во зградата на општина Грачаница, каде што работи како административен работник.

Освен нејзиниот татко, Момчило Јаниќијевиќ, брат ѝ Новица и двајцата чичковци, Слободан и Момир Јаниќијевиќ, во масакрот биле убиени и нејзините соседи од селото, Милован Јовановиќ, Јовица Живиќ, Радован Живиќ, Андрија Одаловиќ, Станимир Ѓекиќ, Божидар Ѓекиќ, Саша Цвејиќ, Љубиша Цвејиќ, Никола Стојановиќ и Миодраг Тепшиќ.

Тие биле егзекутирани недалеку од британските мировници на НАТО, во еден од најжестоките напади врз српските цивили по завршувањето на војната. Ниту еден од сторителите до денес не е осуден.

Славица Поповиќ. Фото: БИРН.

„Животот не се врати во нормала”

Веднаш по војната, бројни Срби биле цел на вооружени групи, а  многумина избегале од Косово, стравувајќи од одмазднички напади, по 78-дневната воздушна кампања на НАТО, со која  Слободан Милошевиќ беше принуден да ги повлече војската и полицијата од Косово.

Славица ни раскажува дека, покрај нивниот најблизок сосед, Мухамед, нејзиниот татко Момчило и нејзиното семејство имале многу други пријатели, Албанци.

„Во текот на целата војна, моето семејство сакаше да ја знае вистината за тоа што се случува, вистинската приказна за злосторствата од двете страни. А на крајот, сфативме дека (војната) веќе ги сменила нашите животи”, нагласува таа.

„За многу луѓе тука, војната беше страшна. На крајот, сакавме да видиме дали работите ќе се вратат во нормала. Но, за многумина како нас, не се вртија”, додава Славица.

На денот на нападот, Стево Лалиќ, сосед на нејзиното семејство, чул пукање од насока на полето и го повикал другиот сосед, Драган Одаловиќ, да појде со него во западниот дел на селото, за да видат од каде доаѓа бучавата.

Кога се приближиле до полето, ја виделе вршилката и речиси не го забележале телото на неа. Потоа се упатиле кон најблиската полициска станица на ООН, оддалечена од полето неколку километри, во селото Липјан.

Една недела пред масакрот, жителите на Старо Грацко, стравувајќи од напади, побарале заштита од силите на НАТО – КФОР, но патроли не биле распоредени, вели Славица.

„КФОР ги овозможи (убиствата), бидејќи не одговори на барањата на жителите”, додава таа.

Во тоа време командантот на КФОР во Косово, беше британскиот генерал Мајк Џексон, кој масакрот го опиша како „хорор”. Тој потврди дека патролирањето требало да започне на 24 јули – но убијците ‘удриле’ ден претходно, што ја ставило под знак прашалник способноста на НАТО да се справи со потенцијалните одмазднички напади.

Во соопштението што тогаш го издаде британскиот контингент на КФОР, беше потенцирано дека имало најмалку пет осомничени лица. Четири дена подоцна, две лица беа уапсени, но тие наскоро беа ослободени.

Поповиќ, низ солзи, вели дека жртвите биле убиени, а некои од нив по убиствата и унаказени. „На некои од фотографиите што ги видовме подоцна, се гледаше дека на некои главите им беа отсечени, а очите изгорени”.

Секоја година, Славица и нејзината мајка, минуваат четири дена во жалост, од денот на годишнината на убиствата, до денот кога на  нејзиниот брат му било роденден.

„Тој беше убиен во петок вечер на 23 јули. Во вторник, на 27 јули, ќе полнеше 18 години”, се сеќава таа.

Таа додава дека од погребот на нејзиниот татко и брат, таа не се чувствува безбедно да оди на гробишта без присуство на полицијата.

 

Лазар Живиќ. Фото: БИРН

„Да не заборавиме”

Дваесет години по војната, демографијата во селото е сменета. Денес тоа има многу нови куќи во сопственост на Албанци, кои, во последните неколку години, доаѓаат од Прешево.

Во својот дом во Старо Грацко, Лазар Живиќ носи бела маичка на која се испишани имињата на 14 жртви убиени во јули 1999 година. Над нивните имиња стојат зборовите: „Да не заборавиме на крвавата жетва”.

Лазар имал само пет години кога неговиот татко, Јовица Живиќ, бил убиен, заедно со другите жетвари. Живиќ и неговата сестра не сакаа да разговараат со нас, велејќи ни дека „на секоја годишнина (на масакрот), медиумите и политичарите зборуваат за Грацко, а потоа ништо не се случува”.

Во врска со овој случај, полицијата на УНМИК, во 2007 година, го уапси Мазлум Битиќи, од околното село Велики Алас, но два месеци подоцна, поради недостиг на докази, тој беше ослободен.

Во 2010 година, обвинителите на ООН ѝ го предадоа предметот на  Мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово, ЕУЛЕКС, а во 2017 случајот беше затворен.

Славица нагласува дека денот кога ЕУЛЕКС им соопштил оти случајот е затворен, бил „полош од нивното убиство … Тоа беше уште еден напад врз нас”, вели таа.

Обвинителите на ООН и на ЕУЛЕКС, кои работеле на овој случај, вклучувајќи го и американскиот обвинител Чарлс Хардавеј, кој одлучи да го затвори случајот, одбија да дадат коментар.

Сепак, еден од меѓународните истражители блиски до овој случај, за БИРН изјави дека убиствата биле „дел од поширок образец за етничко чистење” на Србите од Косово.

Тој посочи дека имало регистрирани и други одмазднички напади,  во кои биле користени гранати.

„Луѓето кои биле вклучени во случајот Старо Грацко, биле вклучени и во други напади со цел протерување на Србите. Имаше информации во разузнавачкото досие“, додава тој.

Сега случајот е во рацете на меѓународните обвинители на Специјализираното обвинителство и Специјализираните совети, т.н. специјален суд, чие седиште е во Холандија, а чија задача е да ги истражат и судат злосторствата извршени за време и по војната во Косово.

Од Специјализираните совети, исто така, одбија да ни дадат детали, но потврдија дека случајот е во нивна надлежност.

По две децении, Славица се надева дека новиот суд ќе ја открие вистината за масакрот.

Таа смета оти е „време и двете страни да ги испратат злосторниците пред суд”. Во спротивно, вели таа, „нема да има помирување и нормалност” меѓу Србите и Албанците во Косово.

„Никогаш не сум гледала на сите Албанци како на виновници. Но, оние што извршиле злосторства треба да бидат изведени пред лицето на правдата. Да видиме дали новиот суд ќе даде надеж“, заклучи таа.